1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Денес навршува точно една година од соборувањето на малезискиот Боинг МН17 над источна Украина кога загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, мнозинство од нив граѓани на западните земји.
Ова го напишав тогаш, на тоа држам и денес: По овој пресуден настан ништо нема да биде исто во односите помеѓу Русија и западниот свет како што беше пред 17 јули 2014. Со тоа што проруските сепаратисти извршија воена окупација на делови од источна Украина, со сесрдна подршка и покровителство од Москва, меѓудругото и со тешка артилерија и ракетни системи, командната одговорност за овој злосторнички чин ја сноси топ ешалонот во руската извршна власт. Овој настан го одбележа засилувањето на санкциите против Русија и почетокот на изолацијата на руската политичка елита од западниот свет.
Како се навршуваше годишнината, во медиумите излегуваа се повеќе статии и извештаи како рекапитулација на заклучоците од неколку меѓународни истраги за причините за падот на патничкиот авион. Поради геополитичките и безбедносни последици што ги остави соборувањето на МН17, главните две истраги, онаа на Холандскиот совет за безбедност и меѓународната, составена од детективи и експерти од пет земји – Австралија, Белгија, Холандија, Малeзија и Украина, траат многу подолго од вообичаните процедури при авионски несреќи, и резултатите треба да бидат објавени до крајот на годината.
Техничките заклучоци од овие истраги, па дури и онаа на рускиот Алмаз Антеј, производител на воздушно-одбранбени ракетни системи, недвојбено укажуваат дека телото на авионот кој се распаднал во воздух, било термички пробушено од непосредна експлозија од ракета земја-воздух истрелана од зенитно ракетниот комплекс Бук. Воениот концерн, се разбира, ја брани официјалната линија и тврди дека во моментот на лансирањето на ракетата комплексот се наоѓал на територија под контрола на украинската армија. Сепак, натежнуваат докази од социјалните мрежи како Твитер или Фејсбук, а тоа се живи статуси и постови од 17 јули 2014, постирани од месни жители, симпатизери на сепаратистите и од самите милитанти, дека Букот всушност бил разместен на територија под контрола на проруските сепаратисти и дека во првите часови после катастрофата некои сепаратисти мислеле дека собориле украински воено-транспортен авион.
Вистинитоста на оваа верзија е засилена со фактот што во неделите пред трагичниот настан, користејќи зенитно-ракетни системи милитантите соборија неколку украински воени авиони и хеликоптери при што загинаа десетици украински војници.
Со оглед на тоа дека се знае трасата на превоз на лансерната постројка, познати се имињата на руските офицери и локалните сепаратисти кои го вршеле нејзиниот транспорт и кои манипулирале со неа дента кога МН17 се урна, главното прашање во моментов е како да бидат обелоденети доказите за да им се даде максимална меѓународна и дипломатска употребливост.
Оттука, го разбирам барањето на Холандија и на Малезија да се формира меѓународен трибунал под покровителство на ОН пред кого треба да бидат ставени организаторите и извршителите на овој злосторнички чин. Од друга страна, има логика и непризнавањето на таков суд од страна на Кремљ и Владимир Путин.
Во постапките на Запад и Русија веќе се насетува формалнно-правен спор каде првиот е тужител, а вториот е обвинет. Русите, на кои им секнуваат докази за тоа дека авионот бил соборен од проектил воздух-воздух истрелан од украински ловец, нивната главна теорија што лани интензивно се обработуваше по руските медиуми, е дека одбиваат секаква одговорност за падот на авионот, додека гореспоменатите земји не укажуваат со прст кон некој друг, туку кон Москва.
Повеќе од очигледно е дека ова е беспрецедентен меѓународен спор. Сите слични авионски несреќи при воени маневри, намерни или ненамерни соборувања, биле решени со тоа што порано или подоцна воените сили и државите ја признале својата грешка на суд или биле ставени на испит на историјата.
На пример, така беше после падот на патничкиот Туполев од страна на залутана украинска ракета над Црно Море во 2001 година кој леташе на релацијата Тел-Авив-Новосибирск. Притоа, Украина исплати 15 милиони долари оштета на роднините на 78-те загинати. Слично беше сценариото со иранскиот патнички авион Ербас во 1988 кога по грешка беше соборен од американска ракета. По што Вашингтон подоцна ја призна вината и исплати 62 милиони долари за 290 загинати. Тестот на истријата не го помина намерното соборување на корејскиот патнички Боинг во 1983 од страна на советски ловец над Јапонско море, кога загинаа 269 луѓе, многумина Американци. Овој настан го означи почетокот на крајот на Студената војна, перестројката и колапсот на Советскиот Сојуз во 1991.
Во случајот со уништувањето на малезискиот Боинг, Русија категорично одбива да признае дека е виновна и затоа спорот треба да се реши на специјално свикан меѓународен суд. Во целата приказна мошне дегутантен е не само формално-правниот, туку и геополитичкиот елемент.
На 17 јули 2014, во 16:20 часот, по киевско време, патничкиот авион со сите 298 патници и членови на екипажот ќе го прелеташе на 10 илјади метри надморска висина рударскиот регион во околината на Донецк и ќе стасаше до својата дестинација во Куала Лумпур, ако Москва неколку месеци порано не започнеше специјална воена кампања против својот помал сосед. Во таа таканаречена хибридна војна, руската воено-политичка врхушка негираше сè: не извршиле окупација на Крим, не воделе воена кампања во Донбас и сите несреќи и трагедии што се развиваа во Украина ги припишуваа на Америка и ЕУ.
И кога 298 невини души, намерно или ненамерно беа изгорени од истите тие темни сили што излегоа од Пандорината кутија на Кремљ, нормално, и за тоа зласторство беше обвинет друг. Дали авионот бил уништен намерно или ненамерно, токму тоа треба да го докаже трибуналот, дали егзекуторот кој седел зад мушичката на Букот знаел дека соборува патнички авион.
Но доколку Барак Обама или Викторија Нуланд биле виновни за смената на власта во Киев, убиствата на Мајдан и војната во источна Украина, зошто тогаш никој од Вашингтон или пак никој од лидерите на ЕУ не испрати порака дека е против формирање на меѓународен трибунал? Путин е прв од светските лидери кој отворено и без дилеми кажа не за таков трибунал.
Се знае зошто. Ланецот на командна одговорност за соборувањето на Боингот води до врховниот командант на руските воени сили. Таа констатација деновиве јасно и недвојбено ја искажаа повеќе независни руски и странски аналитичари, но и авторитативни весници како лондонски „Дејли Телеграф“ и московска „Новаја Газета“, кои со месеци испраќаа свои истражувачки репортери на местото на падот на Боингот.
Зошто првото лице на Русија се плаши да не се открие вистината за МН17? Или го плаши самиот факт што вистината е во негови раце уште од првиот час на трагедијата и таа по никоја цена не смее да види бел ден. А доколку вистината дојде на виделина, Путин сигурно го очекува судбината на Милошевиќ.
Според некои теории, сатрапот кој седел зад мушичката на Букот знаел дека цели кон патничкиот авион што истиот ден во исто време летал на релација Рим-Москва. Тие темни КГБ сили сакале да жртвуваат свои сонародници како причина за маштапна инвазија на Украина од страна на руската армија.