Подемот и падот на Слај Стоун

21.07.2015 10:00
Подемот и падот на Слај Стоун

Одамна е познато дека медиумите ги следат само најуспешните музичари, оние за кои се заинтересирани илјадници или милиони луѓе. Кога некој ќе исчезне од топ листите, автоматски спласнува и медиумската врева околу него, бидејќи стотици нови млади „ѕвездички“ чекаат зад аголот. Секогаш било така и веројатно така секогаш и ќе биде.

Парите одат на пари, тиражите, гледаноста и слушаноста секогаш биле двигател на речиси сите медиуми. А, што се случува со музичарите кои некогаш биле гласноговорници на генерациите, а веќе не објавуваат хит синглови? И дали воопшто некого го интересира тоа? Со оглед на тоа дека јунакот на денешната приказна продавал милиони плочи кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, сметам дека меѓу читателите сигурно има онакви кои се сеќаваат на него и прашуваат што се случува со него денес.

Од вила до комбе

На врвот од славата, на почетокот од седумдесеттите години на минетиот век, живеел во вила од пет илјади квадрати на Беверли Хилс која ја купил од Џон Филипс од групата „The Mamas and the Papas“. Во неа приредувал забави кои ги посетувале Џими Хендрикс, Мајлс Дејвис и Стиви Вондер.

До пред четири години, неговото престојувалиште била големата куќа во долината Напа, близу Сан Франциско. Покрај куќата, имал гаража во која имал завидна збирка одлично сочувани стари автомобили и чопер мотори. За жал, денес нештата се многу поинакви.

Слај Стоун, иконата на фанк и соул музиката од дваесеттиот век, денес е бездомник кој живее во комбе. Комбето е паркирано покрај куќата во која живее една средовечна брачна двојка чиј дом му е на располагање на Слај секогаш кога сака да се тушира или да јаде готвена храна. Како што велат тие, никогаш не биле претерани љубители на музиката на Стоун, но јасно им е дека човекот има добра душа и дека му треба помош, и дека многупати со него воделе прекрасни разговори за време на вечерата. Иронично или не, местото во кое се наоѓа комбето на Слај е во истото соседство на Лос Анџелес во кој е снимен филмот на Џон Сиглтон „Момците од соседството“.

Во тоа комбе работи и живее 68 годишниот Слај, снима музика на својот лаптоп компјутер.

„Ми се допаѓа животот во моето мало комбе“, вели Слај. „Не сакам да се вратам во куќа, не можам да поднесам да бидам замрзнат на едно место. Морам постојано да бидам во движење.“

Со години било невозможно да се најде Стоун. Во последните две децении станал една од најзагадочните личности во популарната музика. Толку не се знаело ништо за него, што не зачудува што многу љубители на неговата музика прашувале дали Слај е воопшто жив.

Лудите шеесетти

Меѓутоа, кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век Слај Стоун (вистинското име му е Силвестер Стјуарт) беше една од „највидливите“ личности со современата музика. Во 1966 година ја формирал групата „Sly and the Stoners“, а во исто време, неговиот помлад брат Фреди Стоун го основал бендот „Freddy and the Stone Souls“. Кон крајот на таа година двајцата решиле да ги обединат своите состави, а името кое го носела новата група влегло во историјата „Sly and the Family Stone“. Во периодот помеѓу 1968 и 1972 година „Sly and the Family Stone“ ги објавиле албумите како што се „Dance to the Music“, „Life“, „Stand“ и „There’s a Riot Goin’ On“ кои внеле вистинска револуција во фанк и соул музиката. Хитовите како што се „Family Affair“, „I Want to Take You Higher“, „Everyday People“ и „Everybody is a Star“ се актуелни и звучат свежо и четири децении по објавувањето. Многумина современи диск џокеи и музичари кои се занимаваат со електронскиот звук и денес семплуваат делови од песните на Слај создадени кон крајот на шеесеттите. Меѓу почитувачите на неговата музика се вбројуваат и легендата на фанкот Џорџ Клинтон, соул музичарот Боби Вомак, пејачот на групата „Aerosmith“ Стивен Тајлер, потоа Ајк Тарнер, како и групата „Red Hot Chili Peppers“. Интересно е да се спомене дека влијателното списание „Rolling Stone“ги сместило во листата „100 најважни групи на сите времиња“.

Нивниот настап на легендарниот фестивал „Вудсток“ многумина го сметаат за врв на нивната кариера. Пристигнале на „Вудсток“ како бенд од кој не се очекува многу, а си заминале како ѕвезди кои го „украле“ шоуто на многу попознатите музичари. Концертот го почнале во раните утрински часови на 17 август 1969 година. Додека свиреле публиката толку подивеала што на некои сведоци им изгледало дека Слај добил повеќе аплаузи од Џими Хендрикс. Тој концерт на „Вудсток“ сосема ги лансирал меѓу ѕвездите, па така, само неколку месеци подоцна со песната „Hot Fun in the Summertime“ дошле до второто место на најпродавани синглови во Америка.

Падот

Првите поголеми неволји на Стоун се појавиле 1970 година, кога неговата зависност од дрога почнала да го зема данокот. Таа година, „Sly and the Family Stone“ отсвиреле 80 концерти, од кои Слај пропуштил дури 26. Едноставно, не се појавувал. Како што зборувал тие денови, за да се појави на концерт морало да биде среќен, а кога не бил таков не сакал да оди на бина.

Групата почнала да се распаѓа, за во 1975 година првобитната постава конечно да престане да работи. Иако, Слај под името „Sly and the Family Stone“ продолжил повремено да снима плочи и да одржува концерти до 1983 година, било јасно дека неговите најдобри албуми тешко ќе се повторат.

Во текот на осумдесеттите години, Слај неколкупати бил апсен заради поседување кокаин, и во тоа време свирел пред публика само неколку пати годишно. Во 1987 година го одржал последниот концерт, после кој следел концертен застој долг дури 19 години. Таа пауза ја прекинал дури во 2006 година кога на доделувањето на Греми наградите отсвирел неколку свои хитови на клавијатури. Делувал збунето, подгрбавено и ја напуштил бината пред да заврши последната песна. Веќе тогаш можело да се насети дека во животот на Стоун не цветаат рози.

Борбата против ветерниците

Слај Стоун денес живее живот во параноја и не верува никому. Тврди дека го бара ФБИ, како и дека неговите непријатели најмиле платени убијци да му го одземат животот. Вели дека неговите неволји со парите го достигнале врвот во 2009 година кога престанал да добива приходи од правата за изведување на неговите песни, а како главен виновник за тоа го наведува својот поранешен менаџер Џери Голдстајн. Стоун вели дека бил измамен кога во 1989 година потпишал договор со Голдстајн, според кој неговиот менаџер го имал севкупниот надзор над приходите на Стоун. Минатата година Стоун го тужел својот поранешен менаџер, барајќи отштета од 50 милиони долари. Како што споменавме претходно дека речиси секоја недела некој диск џокеј објавува нумера која содржи делови од некој стар хит на Стоун, притоа уредно плаќајќи надомест на издавачката куќа, можете да замислите за колкава сума се работи.

Откако банкротирал пред две години, Слај Стоун денес живее во комбе, на улица во Лос Анџелес. Во меѓувреме, се надева дека судот ќе пресуди во негова корист и дека наскоро ќе ги добие парите кои, како што тврди, му припаѓаат.

„Луѓето и денес ја сакаат мојата музика после толку време. Заради тоа јас заработував толку многу пари, заради тоа имам илјадници почитувачи ширум светот. Затоа, те молам, кажи им на луѓето повторно да ми овозможат да го работам она што го сакам и го знам најдобро, наместо да морам да се ’влечкам‘ по судовите“, му рекол Стоун на новинарот на „Њујорк Пост“.

Слај Стоун оваа година го објави првиот албум по плочата „Ain’t But the One Way“ од 1982 година. Овогодинешниот албум „I’m Back – Friends and Family“ содржи некои од неговите најголеми хитови во нови верзии, а како гости на албумот се појавуваат Џеф Бек, Бутси Колинс, Реј Манзарек, Ен Вилсон, Џони Винтер, Ерни Вотс и други. Иако овој албум е далеку зад најдобрите изданија на Стоун, тој, сепак, се надева дека овој голем уметник сè уште има нешто да каже.

23.12.2011

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото