Четириесет и пет години од симпатичниот смотанко

21.04.2009 10:37
Густав

Во неговиот баксузен живот сè стои предолго, а кога ќе тргне - тргнува наопаку. Цртаниот филм често се занимава со неговите комплекси. Снисходлив е спрема жените, им се поклонува дури и на мачките, ги пропушта сите пред себе, му се чини дека го газат како црв.... Дури и на психијатарот му допушта место покрај себе на креветот

Сите се сеќаваме на симпатичниот смотанко што се прикажуваше на нашите телевизори. Ненаметливиот и чуден сосед Густав во повеќекатниците на нашите животи се досели пред точно четириесет и пет години. Беше надеж на Филмското студио „Панонија“ и го живееше својот средноевропски живот во седумдесетина држави кои имаа прилика да го гледаат цртаниот филм (кој ја прослави дотогаш малку познатата генерација будимпештански аниматори). Негов творец беше - Marcell Jankovich, личност која поради својата сестраност ги заслужува сите почести. Беше цртач на анимирани филмови, режисер, писател, продуцент, дизајнер, автор на стрипови и што уште не. Остана забележан како еден од најзначајните уметници во историјата на унгарскиот цртан филм, номиниран за Оскар, израдуван од Златната палма за цртан филм во Кан, почестен со тоа дека неговото долгометражно анимирано дело Son of the white Mare доби признание на Олимпијадата за цртани филмови во Лос Анџелес како еден од 50-те најдобри цртани на сите времиња.
 

Авторите на цртанот се занимаваат со универзалните проблеми (идеали, љубомора, самољубие, забрани...) во кои запаѓа нивниот јунак, заплиснуван од недоразбирања. Густав е големо дете - наивно до глупост, смотано до трогателност и несфатено до крајност. Тој е совршен калап за сите овчички заблудени во црвените маглички. Затоа и не беше тешко да го засакаме.
Како да се сетиме на сите негови незгоди и занеси? Во тоа време, на пример, секое семејство си имаше свое лимено милениче на четири тркала кој претставуваше добриот дух на домот околу кој се плетеа легенди. Е па, и Густав си имаше свое милениче - црвена реплика на прочуениот Фиат Тополино. Со трогателна љубов го штити од сонцето, го сместува на перници, го заштитува од птичјите испади... Инаку, за останатите удобности Густав воопшто не копнее. Само еднаш ќе биде заведен од танцот на шишињата, кутиите и тубите во самопослугата покажувајќи ни дека сите можеме да станеме жртви натрупувајќи „наместо мртва љубов, мртви предмети.“

Густав не е класичен јунак. Не можеме да го замислиме како фрла молотов коктел врз некое челично чудовиште. Густав не е непознат јунак, но ни непознат злосторник - и тоа е доволно. Но сепак, повремено се буди. Станува дрзок и тврдоглав. Се сеќавам дека, кога бевме деца, ги сакавме епизодите кога во неговиот заводнички стан шеткаа голи девојки. Но со такви сцени судбината не се расфрлаше во неговиот случај - освен кога тоа требаше да му се врати како бумеранг и да го тресне по главата. Можеби поради тоа што „потиштениот човек стварноста го ранува и кога му е наклонета.“
 

Густав знае дека е само капка во мртво море. Светот ја изгубил смислата и токму затоа мора да се сложува совршено. Свежите неврози на Густав се одамна избледнети и тој често е напнат. Мислите му се расплинуваат како шарените полиња на Рубиковата коцка. Бегалец во сопствената кожа, му останува само да му се препушти на сивилото или да го тутка весникот, да пука во ТВ екранот и безуспешно да се беси за црвената вратоврска. Немоќно се препелка додека животот се прелива на маргините. Густав како да излегол од бележникот на Кафка. Јозеф К. и тој се близнаци, секој збунет во својот лавиринт. Во една епизода Густав се претвора во водоземец што, колку ние разбираме, мора да претставува омаж на славниот писател на „Преобразба“.

Во неговиот баксузен живот сè предолго стои, а кога ќе тргне - тргнува наопаку. Цртаниот филм често се занимава со неговите комплекси. Снисходлив е спрема жените, им се поклонува дури и на мачките, ги пропушта сите пред себе, му се чини дека го газат како црв.... Дури и на психијатарот му допушта место покрај себе на креветот. Од оваа жива кал сценаристот го вади на два начина. Во една епизода добива очила кои ќе му помогнат да ја види вистинската суштина на светот (“царот е гол“), додека во една друга, како искомплексиран директор, се опколува со џуџиња и преовладува со својата височина и ум, иако фирмата почнува да пропаѓа. Две пристојно храбри политички осила. Прв и единствен пат во животот на Густав му се восхитуваат ддека акробатски испива кригли пиво и безмилосно троши форинти (унгарски пари). Но таа гордост е краткотрајна, вниманието лажно, а Густав станува жртва на политичка сплетка. Тој е апсурдниот јунак на градот, опколен со силни симболи (скалила, семафори), остра сатира и жестоки поенти. Сцените кога панично го бои светот во црно, пука во сонцето, носи нула на дресот или кога, фаќајќи го комарецот, го нарушува совршенството на системот, треперат од смисла. Уште многу нешта би можеле да се најдат во подтекстот на неговото бливање низ животните брзаци. Само побрзајте! Можеби веќе некој севишен цртач на работ на вашиот судбински цртач испишува едно неизбежно и конечно - VEGE (КРАЈ).

Sorry, you need to install flash to see this content.

Слични содржини

Квир / Живот / Култура / Филм
Филм / Око

ОкоБоли главаВицФото