Медиумска моќ: Лидерство на случајните

22.07.2015 09:56
Медиумска моќ: Лидерство на случајните

Низ македонската политичка историја една од најважните одредници бил – случајот! Во тие случајности на чело на државата доаѓале и владееле случајни личности, кои тука се нашле или како избор на некоја надворешна сила, на некоја партија или како избор на одредени структури кои преку такви личности остварувале политичка и друга доминација. Со еден збор, политички фигури незаслужни, недостојни и, главно, неспособни за позицијата до која дошле. Од нивното владеење имало, главно, штети, корист – малку или нималку.

Во светот, оној со развиени демократски традиции и правила на игра, ретко се случува некоја минорна личност да може да достигне до политичките врвови, иако и тоа се случува, но не како правило туку како исклучок. Таму селекцијата се прави од локално ниво, па сѐ до врвот. Најпрво треба да се биде активист во нешто, потоа треба да се освојува партиската хиерархија, да се изнесат идеи што држат, да се покаже дека политички заложби и програми фаќаат место и се остварливи, нови, инвентивни, прогресивни.

Но, кај нас тоа не е така, селекција нема. Таа се врши на ниво на симпатии, роднокрајство, кумство, а најчесто од корист, според степенот на полтронство кон шефот и кон врвот на партијата. Тие личности, без разлика на нивната политичка опстојност, убедливост, знаење и трудољубивост, се инсталираат на важни политички позиции. Нивната промоција се прави според рецептот „малку популизам, многу блеф и најмногу промоција“ преку најрудиментиран партиско-медиумски маркетинг.

Како очебиен пример го имаме актуелниот момент и актуелните личности во македонската политика. Со огромната доминација врз медиумите, од премиерот Груевски се направи безмалку култна(!?) личност, иако според личните предиспозиции, тој тешко може да биде тоа. Нема темелно и пошироко образование, неелоквентен, со сосема скуден речник, па дури и она што ќе му го напишат има проблем коректно да го прочита. Смешно оди, очајно се облекува, ретко се смее, освен кога сака да изрази некој цинизам… По ниеден критериум тој не е лидер, нема харизма. Но, со огромната пропаганда низ медиумите и со долгогодишното пумпање на резултатите од јавното мнение, тој се наметна како водечки лидер.

SIMILIS SIMILI GAUDET

Според латинската – сличен на сличниот му се радува (similis simili gaudet) – се избираат и другите од партиското опкружување на „бројот 1“. Затоа сега имате министри и луѓе задолжени за круцијални општествени сектори, луѓе кои решаваат за нашите животи безмалку, а кои во секоја смисла, сѐ до стапувањето во политиката, и тоа директно на врвот, ниту имале професионална, лична или каква било кариера, а, сега гледаме, и крајно сомнителен и лабав личен морал. Овие медиокритети, со стапувањето на функцијата, која им дава можност да решаваат за државата, се попрво закана за општеството отколку надеж. Но, тие тоа го неутрализираат со веќе испробаната медиумска манипулација, со чести појавувања во јавноста, со многу лаги и манипулации. Овие политичари дури и во медиумите инсталираа (слични на себеси) личности кои се под најниските новинарски стандарди. Но, тие се омилените соговорници со нашиот политички врв. Со платената медиумската надмоќ се постигнува ефектот на брзо заборавање на ветеното, а неисполнето, на лошо стореното.

КОЊСКИ ТРКИ НА КОИ ПОБЕДУВААТ МАГАРИЊА

Така може да се објасни и нивната надмоќ на изборите. Со изборен процес кој строго го контролираат и го извртуваат и со бескрупулозно лажирање, тие успеваат да се одржат со години. Инсталирајќи насекаде (слични на себеси) медиокритети кои со слугинска благодарност ги исполнуваат желбите на водачот. Успеаја да инсталираат претседател на Република Македонија, кој е срамота за државата, обвинител кој не си ја врши работата. Запоседнаа сѐ! И нормално е што целосно изгубија врска со стварноста за која и онака немаа многу поим.

Единственото добро во лошото со овие случајни личности е тоа што нивната инсталација не е долговечна. Требаше малку за да се разголи нивната површност, нивната неспособност и болната суета. Беше доволно да се појават транскриптите од прислушувањето за да се види дека се работи за минорни личности, ситни души, во основа улични силеџии, кои немаат ништо од државничка мудрост, чувство за историја, способност да проектираат подобра иднина, напредок, демократија. Тие се ситни човечиња кои се радуваат кога ќе видат дека некој од нив се плаши, на кои им е важно дали има телевизорче на задното седиште од најскапиот мерцедес. Ќе ги препознаете и по нивното воодушевување за стиропор-барокот, по доцнењето на состаноци за да се покаже моќта. Тие околу себе собираат исти такви или уште помизерни типови, кои се подготвени без приговор да ги остваруваат нивните налудничави идеи, неразмислувајќи за нив.

Лошото е во тоа што создаваат илузии за сопствената големина и ги инсталираат низ целото општество. Ако не може со умешност и со потплатување, тогаш силата им стои на располагање. За нив, сите што не им се приклучуваат се соросиди, Циганчиња, Шиптарчиња, странски шпиони…

Нивниот крај е видлив, нивната играчка завршува. Но, останува прашањето за тоа каква ќе биде цената на нивното повлекување и последиците потоа. Ако во целата оваа турканица дојдат вакви и слични случајни личности, кои ќе направат проста замена, тогаш трудот за симнување на овие првите е безвреден.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk/