Државата против граѓаните!

23.07.2015 13:59
Државата против граѓаните!

Додека премиерот бега од фер и демократски избори (Шекеринска), некои луѓе бегаат од смртта!

Марјан Стаменковски, да речеме!

Или Саше Политико!

А и Македонија бега!

Не од избори туку од смртта!

Првото бегство е возбудливо, атрактивно, јебозовно, мајбахно, пржовно, куротресно итн., додека второто е драматично, грозно, страшно!

Првото бегство е бегство во измисленоста на Македонија за себе, во лагата, во театарот кој успеал да се инсталира како стварност, во репродукцијата на таа стварност на здружените сили на власта и на опозицијата (како не му е срам да се сонча сега кога имаме толку многу работа, е репродуктивната лозинка на опозицијата која не би била можна ако власта заборави да појде да се сонча токму во моментот кога треба да се решаваат толку многу проблеми на граѓаните; а лозинката на власта е самата опозиција која добива шанса да си ја каже репликата, но не и да ја смени власта); додека второто бегство ја открива вистината за Македонија и низ конкретноста на многу случаи и низ метафоричноста во која можеме да ја сместиме целата држава и целото општество, да се сместиме сите, и тепаните и запалените и нетепаните и неопожарените! Секој божји ден од студијата на овдешните телевизии, весници и портали (чест на ретките исклучоци) излегува политичко-медиумската багра и нè млатосува со шипките на неписменоста, на некултурата, на себичноста, на алчноста, на бесмислата ( особено на бесмислата!), на квазиполитиката...

Насилството не е инцидентно. Тоа е продолжување на политиката со други средства, но во суштина станува збор за системско и систематско единство! Власта го користи насилството бидејќи другите елементи на мобилизацијата, кохезијата и хомогенизацијата, какви што беа извесни идеолошки и национални бесмислици, се потрошени; власта нема друго гориво. Второ, го користи зашто мисли дека тоа е начин да се шири стравот меѓу луѓето и дефокусацијата од битните проблеми како функција на задржување на власта. И, трето, власта го користи насилството зашто насилството е знак дека институциите односно државата се разорени, а новото насилство дополнително ги разорува односно ја доближува власта до својата цел. Идејата на власта е да ја стопи Македонија како грутка снег, а насилството е начин ринглата да се вклучи на шестка! Без некое особено претерување би можело да се каже дека граѓаните се нападнати од страна на својата држава не за да се уништат граѓаните како физички лица - како физички лица тие се колатерала - туку за да се уништи супстанцата на државата.

Без свест за овие аспекти на процесите, секој учесник во политичкиот театар или е патетична будала или е користољубив злотвор!

Порано мислев дека проблемот на опозицијата ќе се реши оној момент кога ќе излезе од тој кастинг, кога ќе се симне од сцената, кога ќе му се врати на вистинскиот живот и кога ќе се обиде тој живот да го ослободи од смртта која ги шокира луѓето не зашто е смрт туку зашто им доаѓа во форма на шипки со потпис на власта!

Не дека не сум бил во право, но големо прашање е дали опозицијата воопшто сака да излезе од својата досегашна димензија и, второ, дали би знаела као да се однесува и што да прави ако се симне од сцената. Односно, ако се обиде да наметне своја сцена, ако, напуштајќи го театарот на Груевски, се обиде да го хендикепира него, а не себе!

За тоа се потребни крупни и широки откоси, а не сингерска работа на чистење на избирачкиот список или на држење морални лекции за едно летување во Израел!

Тие работи можат да бидат детали на крупната иницијативност и визија, но не можат да ја сведат на себе општата драма!

Кокетирањето со системот кој е сетиран апсолутно деструктивно може да биде тактички момент на општата слика на радикалните промени, но не може прашањето на радикалните промени да се сведе или да се изврши низ тие кокетни гестови, да се сведе на функција на театарот што треба да се растрои, зашто така ќе ги избега субјектите од функцијата на животот кој треба да се спасува и гради!

Слики: Свирачиња - El Toro

Извор: Фејсбук