Протетика - и сè е можно! (2)

23.07.2015 14:39
Протетика - и сè е можно! (2)

Дванаесет пара нозе

Денес еден од најпознатите производи на „Ossur“ се токму протетичките нозе Чита, кои беа дизајнирани и за манекенката Ејми Мулинс (39). Исто како и Писториус, Ејми Мулинс е родена без фибула (лисна коска) и лекарите на нејзиниот прв роденден ѝ ги ампутирале и двете нозе, од колената надолу. Како двегодишно девојче таа проодела со протетички нозе, а во 1996 веќе станала членка на американскиот тим на Параолимписките игри во Атланта, за до 1998 година да постигне светски рекорди во трките на 100 и 200 метри и скок во далечина за атлетичарки со инвалидитет. Тогаш ја напушти спортската кариера и стана манекенка, актерка и писателка која повремено држи мотивациски говори. За такви прилики носи друг вид протетички нозе.

„Имам 12 пара нозе. Секогаш ми требаат многу. Луѓето ме прашуваат зошто ми е важно како изгледаат, со оглед на тоа дека моите вистински нозе се ампутирани. Идејата е, најверојатно, дека мораш да го прифатиш помалку квалитетниот живот“, изјавила Мулинс која досега на модните ревии носела модели од Вивиен Вествуд, Џон Галијан и Александар МеКвин, кој ѝ „направи“ и потколеници со потпис и чија ревија ја отвори токму таа.

Иако напредокот во технологијата на прототетичките помагала е највидлив, не се помалку спектакуларни успесите во развојот на целата бионичка низа за различни органи на човечкото тело.

Дури и личности кои во текот на животот ослепеле, сега можат да гледаат со помош на протетичкото око Argus II. Станува збор за софистициран уред кој се состои од три главни компоненти: силиконски чип што се вметнува во окото, очила и мал компјутер кој се носи на појасот. Чипот е поврзан со видеокамера и предавател кој се наоѓа на очилата. Притоа камерата снима слики кои се преведуваат во електрични сигнали, а тие безжично се пренесуваат во вештачкото око. На тој начин електродите во чипот сликите ги претвораат во електрични сигнали кои преку оптичките нерви се пренесуваат до мозокот.

Благодарение на Argus II, пациентите можат делумно да гледаат, а ги распознаваат и белата, црната и сивата боја.

Оваа година вниманието на светските медиуми го привлече Ален Здерад (68) од Минесота кој „прогледа“ благодарение на бионичкото око Secnd Sight кое потсетува на очилата со Google Glass состав.

Сега сме на чекор до бионичкиот јазик најавен од научниците од Медицинскиот универзитет Лубек и успешно тестиран на свињи. На листата на вештачки органи се наоѓаат и вештачки црн дроб, бионички стомак и бионички анус, наменет за пациенти што страдаат од тешки облици на фекална инконтиненција.

Еден од најстарите делови oд телото на бионичкиот човек секако е кохлеарниот имплантат, вештачкото уво кое на пазарот се појавило уште во 1969 година, но во меѓувреме е усовршувано во повеќе наврати. Неодамна меѓународна група научници под водство на д-р Дамир Ковачич од Медицинскиот факултет во Сплит, објави труд од тоа подрачје во „Journal of Neural Engineering“, едно од најзначајните научни списанија специјализирани за медицинска бионика.

„Во трудот обработивме прелиминарни истражувања на новиот концепт за директна стимулација на аудиторните нерви на клеточно ниво. Имено, нашите истражувања припаѓаат во медицинска бионика, односно невроелектроника, која може ефективно да ги поврзе елетронските системи каков што е компјутерскиот чип, со нервните системи“, ми рече во еден разговор д-р Дамир Ковачич, водач на лабораторијата за истражување на слухот и говорот при Медицинскиот факултет во Сплит. Најуспешниот пример на такво соочување е ушната школка, односно кохлеарниот имплантат кој со директна електрична стимулација на аудиторниот периферен нервен систем овозможува делумна звучност кај потполно глувите личности.

„Покрај тоа, денешните фундаментални ограничувања доведуваат до големи разлики во успешноста на користењето на вештачките ушни школки кои сè уште испраќаат многу сиромашен звук“, додава тој. Откако го објасни ова темелно ограничување, го „нападнавме“, барајќи да ни објасни како функционира новото аудиторно невроелектронско соочување втемелено на култивирање на аудиторните неврони со полупроводничките чипови.

„Такви системи можат да претставуваат наши први технолошки решенија за враќање на оштетените сетилни, моторички и когнитивни функции на клеточно ниво, бидејќи овозможуваат директна стимулација на поединечни нервни станици“, вели д-р Ковачич, кој како личност со оштетен слух и корисник на вградени ушни школки има посебна инспирација за истражувања.

Иако првото бионичко срце е патентирано уште во средината на педесеттите години, Барни Кларк, забар од Сиетл, во 1982 година стана првиот човек на светот со вградено вештачко срце Jarvik-7. За жал, со Jarvik Карл преживеа само 117 дена. До нов напредок дојде во јули, 2001 година кога на пациентот Роберт Тулс му беше пресаден Abio Cor, вештачко срце направено од титан и полимерен материјал, тешко само 900 грама. Досега успешно се вградени различни верзии на вештачки срца на десетици илјади пациенти. Меѓу оние кои привлекле медиумско внимание е, секако, Али Смит, младата Тексашанка која страдаше од кардиомиопатија предизвикана од вирус, и на која лекарите ѝ предвидуваа брз крај.

Во 2009 година на Али ѝ беше вградено бионичкото срце HeartMate II кое ѝ овозможи да го продолжи нормалниот живот. Во 2011 година се омажи, а aмериканските медииуми ја нарекоа „бионичка невеста“.

„Пред неколку години ми предвидуваа брз крај, а јас не само што не сум мртва, туку дури и се омажив“, изјави Али на приемот.

Најголем предизвик е мозокот

Секако дека најголем предизвик во создавањето бионички органи е човековиот мозок. Последните неколку години научниците демонстрираа неколку случаи на пациенти со вградени електронски имплантати во мозокот. Најпознатиот таков вештачки мозок е BrainGate, чип со површина од четири милиметри, кој се вметнува во мозочниот кортекс.

Биомедицинарот Теодор Бергерод од Универзитетот Јужна Калифорнија отиде чекор подалеку бидејќи работи на развој на вештачки хипокампус. Хипокампусот е врзан за памтењето и просторното снаоѓање и тој е меѓу првите подрачја од мозокот кое може да биде погодено од Алцхајмерова болест.

Познатиот Американски футуролог, Реј Курцвеил, во својата книга „How to Create Human Mind“ го предвидува времето кога луѓето и технологијата ќе се фузионираат за да настане нов вид постоење. „Нашиот мозок има биолошки граници, но и тоа би можеле да го надвладееме со помош на cloud computing, односно со користење информациско-комуникациски технологии засновани на интернет“.

Курцвеил, кој технолошките иновации како што се „Гугл очилата“ ги нарекува mind expanders (проширувачи на умот), тврди дека во иднина ќе има уште многу такви, а тие ќе ни овозможат да ги елиминираме биолошките ограничувања на нашиот мозок и ум.

До 2029 година вештачката интелигенција ќе ја надмине човечката. Тоа нема да биде само инвазија на интелигентни машини зад хоризонтот, туку ние ќе се фузионираме со таа технологија. Ќе вградуваме интелигентни направи во своето тело и мозок за да можеме да живееме подолго и поздраво“ – вели Курцвеил.

Забите, колковите и ‘рбетните дискови не само што можат да бидат надоместени, туку можат да бидат направени по мерка на индивидуални пациенти. Хрватска не заостанува зад светските трендови. После една година, во клиниката за детски болести во Загреб, тим од доктори, под водство на д-р Роберт Колунџич изведоа тешка операција со реконструкција на карличната коска со 3D имплантат, на 15-годишник кој боледувал од тумор. Вградениот имлантат е конструиран точно по мерка, со компјутерска анализа, а компјутерски моделиран во соработка со загребскиот факултет за инженерство и бродоградба, со напредна 3D технологија во Велика Британија. Светските стручњаци велат дека поради големите можности кои ги пружаат адитивните технологии, имаат можност да ги револуционираат здравствените услуги.

„Тоа е нов принцип, вградените делови да се изработуваат по мерка на човекот. Ако сакате некому да направите имплантат по мерка, тогаш тоа можете да го направите и на тој начин. CT снимката се става во некој програм за компјутерско моделирање каде што се прави тридимензионален модел на органите, кој потоа со адитивната технологија може да се направи по мерка на човекот“ – вели професор Филетин.

Кон првиот дел

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото