Споредбата меѓу постземјотресно Скопје и СК014 е инсвињуација!

26.07.2015 14:42
Споредбата меѓу постземјотресно Скопје и СК014 е инсвињуација!

Дали „проектот“ СК014 може да се споредува со (ре)изградбата на Скопје по земјотресот? Може, се разбира - кад би се зезали! Таа споредба не е инсинуација туку - инсвињуација!

Скопје по 63-та и СК014 живеат во различни димензии, на повеќе рамништа: квантитативно, квалитативно, историски, културно, политички... Станува збор за два сосема диспаратни процеси; едниот е процес на изградба, просветителство, модернизација; другиот, СК014, е процес на разградба, на симулација и манипулација.

Да тргнеме со ред, аргумент по аргумент.

Во квантитативна смисла Скопје по 63-та во однос на грозоморницата СК014 е ред величина најмалку 100:1. Само десетината населби изградени во Скопје по 63-та, десетиците илјади станбени единици, вредат барем стотина пати повеќе од неколкуте парадни фасади на груевизмот. Да не зборуваме за обемната градска инфраструктура изградена по 63-та, за многубројните школи, градинки, болници, амбуланти, паркови... Наспроти, значи, задоволувањето на основните потреби на стотици илјади граѓани (станбени, образовни, здравствени, сообраќајни и други потреби) денес се соочуваме со „проект“ кој ги задоволува патолошките потреби на еден единствен човек опкружен со својата учкур тајфа (којашто, на трн задоена, има задача „визиите“ на пастирот да им ги втера в коски на поданиците).

И покрај тоа што крадиналниот СК014 ќе остане запаметен како еден од најголемите грабежи во новиов век, потфатот на здружената бандитерија и сељоберија - кога ќе го земеме предвид и финансиското рамниште - сепак е на нивото на градење „аеродромска црквичка со фонтаничка“, наспроти „комуњарското“ градење град. Зашто, да потсетиме, само во неколкуте години по земјотресот во главниот македонски град се влеале пет до десет милијарди долари, што од странство, што од југословенските републики. Во денешни пари таа сума би изнесувала неколку десетици милијарди долари. (Британскиот архитект Јан Дејвис проценил дека во периодот 1963-1975 во Скопје биле вложени 14 милијарди тогашни британски фунти. Дејвис потсетува дека секој вработен Југословен во периодот 1963-1968 давал 2% од својата плата за обнова на разурнатиот град.) Да не зборуваме за огромниот волонтерски труд вложен во Скопје, особено непосредно по земјотресот.

Така што, редовите на величини се просто - неспоредливи. Таму имаме урбанисти; ваму имаме удбанисти и чираци на малиот архитект; таму имаме глобално релевантен град, ваму имаме синдилија и пустелија; таму имаме знаење, пожртвуваност, вера и визии; ваму имаме трчај-мочај градители кои имаат разработено само една техника во народот позната под името курафте техника (или бош работа).

Квалитативната споредба, значи, уште повеќе ја нагласува разликата помеѓу потемкиновско-дизнилендскиот етно парк и „градот на солидарноста“ кој во еден момент го сосредоточи знаењето на некои од најдобрите архитекти и урбанисти од светот и од Југославија. На пример - да не ги спомнуваме странците - само еден објект на Муличковски, Константинов, Константиновски, Чипан или Жика Поповски (изберете: „ЦК“, МАНУ, ГТЦ, Пошта, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ итн.) вреди повеќе од целокупната кичероза на груевизмот.

Но, надвор од естетските вкусови, кога велам квалитет мислам на суштинските потреби на луѓето, а не на пропагандните халуцинации што продаваат колачи наместо леб. Модерно Скопје и модерна Македонија беа насочени кон граѓаните: да ги вработат, да ги вдомат, да ги образуваат и поврзуваат... Модерна Македонија беше успешна во тоа: во првите две-три децении по војната беа прескокнати векови, а стапката на раст неколку децении постојано беше онаква каква што денес е во Кина. Од денешна Македонија, пак, бегаат сите што сè уште имаат малку разум и малку енергија за бегство. Денешна Македонија наликува на апокалиптичните пејзажи на Петре Андреевски или Славко Јаневски: земја Лелекија, Невратимија, Недојдија, Синдилија и Пустелија... Под чизмата на учкур тајфата...

Одамна Македонија на власт немала вакви ќутуци, збрани околу својот врховен ќорќутук. Одамна Македонија не била попровинцијализирана и понебитна. Дури и „шумкарите“ (необразованите партизани во фотелјите залегнати директно од планина) имале повеќе дипломатски такт и повеќе чувство за глобалните и регионалните политички игри од денешнава дебилерија зашрафена за власта.

Да заклучам: не само што е несоодветна споредбата меѓу СК014 и (ре)изградбата на Скопје по 63-та, туку СК014 повеќе наликува на земјотрес отколку на изградба. За среќа, тој земјотрес не може да уништи толку многу нешта во материјална смисла, но може да уништи и веќе уништи (целокупниот груевизам) многу важни нешта во националниот имагинариум, во она што сме, како се разбираме себеси, од што потекнуваме и каде одиме, како нација и држава. Во тој поглед, деструктивните потенцијали на груевизмот и на неговиот круцијален проект СК014, можеби го надминуваат дури и катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

Слики: Свирачиња 

ОкоБоли главаВицФото