Правдата доаѓа!

28.07.2015 13:13
Правдата доаѓа!

Под присилба на работодавачите, градежните работници деновиве работат во екстремнo тешки услови, на жештина и сонце опасни за здравјето. Истите работодавачи, кога добиваат налози од државата, за овој макотрпен труд за работниците одделуваат трошки од данокот кој сите ние го плаќаме. Во последниве неколку години, дури 567 милиони евра беа забетонирани во монструозните објекти на Скопје 2014 и таа сума ќе се зголемува.

Власта е соучесник во оваа експлоатација на работниците кои за мизерен надоместок работат во услови кои го загрозуваат здравјето и животот. Соучесник е бидејќи се поставува како пасивен и лицемерен набљудувач, кој се кити со резултатите од трудот на градежните работници, а не реагира на непочитувањето на препораките за ослободување на градежните работници од работење на отворен простор, кои самата ги дава. Се однесува како овој отчовечен третман да не ја засега неа, во ситуација кога токму неа треба да ја засега најмногу. Нема повеќе да го толерираме кршењето на одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа. Бараме одговорност за толерираното кршење на законот, недонесените подзаконски акти, немањето методологија при собирање на податоци и анализи, како и отсуството на сериозен истражен процес за секој настан од црната работничка статистика.

Години наназад евидентни се бројните смртни случаи и повреди при работа токму во месеците јули и август. Неприфатливо е во Македонија од година во година да расте бројот на смртни случаи на работници: од 28 во 2013 на 42 во 2014. За жал, институциите и некои медиуми ги карактеризираат овие убиства на работници како несреќни случаи. Не, смртта на работникот не е несреќен случај. Смртта на работникот е кривично дело за кое фирмите и државните интитуции кои го дозволиле тоа треба кривично да одговараат. Оттука, може да се каже дека државните институции молкум соучествуваат во овие црни статистики.

Хегемонијата што одредени компании и политичари ја наметнаа преку нивните медиуми ја прикриваат реалноста во Македонија. Смртта на работници на нивните работни места ја претставуваат како неминовен настан, а работниците се третирани како потрошен материјал кој лесно се надоместува. Прогресивните сили во Македонија мора да се обединат во одбрана на правата на работниците. Ги повикуваме сите демократски сили да застанат во одбрана на едно од основните човекови права, правото за достоинствен живот на работникот.

На работодавачите им порачуваме дека експлоатацијата на градежните работници, ниските плати со кои го плаќаат нивниот труд (кои се далеку под она што е потребно за достоинствен живот), недефинираното работно време во временски услови кои ја загрозуваат нивната безбедност и потценувачкиот однос кон прогресивните сили во нашето општество наскоро ќе го видат својот крај. Парите за јавните градежни работи со кои ги плаќате работниците не се ниту ваши, ниту на властодршците. Тоа се буџетски средства кои се прибрани од даноците што сите македонски граѓани во оваа земја ги плаќаат. Профитот со кој се гордеете е неплатен труд и треба да им припадне и на оние од чија пот заработувате. Вие припаѓате на еден економски систем кој постојано се покажува како експлоататорски и нечовечен. Предадете им на работниците дел од она што го сметате за ваша добивка, зголемете им ги платите!

Правдата доаѓа!

Извор: http://www.solidarnost.mk/