„Деновиве Кленси не може да пее“

28.07.2015 17:02
„Деновиве Кленси не може да пее“

Насловот на текстов потекнува од прочуената песна на групата Бафало Спрингфилд, Nowadays Clancy Cant’t Even Sing. Пред неколку дена, рок музичарот Дејвид Крозби ја рашири сомнителната вест дека Џони Мичел нема веќе никогаш да проговори. Дури и таа информација да не е сосема вистинита, познато е дека анеуризмата го оневозможи нејзиното пеење засекогаш. Kaко една врвна пејачка како Џони Мичел ќе живее со идејата дека никогаш веќе нема да запее?


Пред многу години

Во денешно време секој текст за хероите од добата кога рокенролот беше култура што допрва се пробива на сцена, а сето останато беше сурова пазарна комерцијала, би можел да започне со реченицата „пред многу години“. А овој текст не може се постави поинаку, освен како вовед во некоја бајка: „Во далечна земја, на крајот од светот, живееше една принцеза“.

Принцезата живееше на станица среде пустелија, во град толку мал што се состоел од неколку куќи и мала железничка станица меѓу нив.

Неколку децении подоцна машиновозачите се сеќавале на забестата девојка која им мавтала секогаш кога поминувале низ дивиот предел привремено пресечен со пруга. Пред многу години.

Желбата да се оди некаде: Во влажната канадска прерија и во нејзините расфрлани гратчиња никогаш немало многу луѓе и затоа слободно можело да се мечтае. Овде многу девојчиња учеле поезија, читале книги и свиреле гитари. Овде, речениците од класичната литература станувале вистини. А потоа истото важело и за стиховите од популарните песни: „Don’t hate nothing at all exept hatred“ (Боб Дилан, „It’s all right mama, I’m only bleeding“).

Џони потекнува од крај во кој стапнале можеби само неколкумина белци меѓу Индијанците, а возот поминувал еднаш дневно. Затоа Џони Мичел никогаш не се плашеше да нурне во непознатото. Затоа нејзиниот прв голем хит се вика „Urge for going“.

Доколку го исклучиме играњето брканица со децата, првата нејзина љубов беше и остана, сликарството. Многу подоцна таа ќе ги слика омотите на своите албуми. Меѓутоа, во времето за кое зборуваме, епидемијата на детската парализа сериозно ќе го загрози нејзиниот безгрижен живот. Физичките способности на едно дете, дотогаш полно со животна енергија, опаѓаат, па во долгите осамени часови поминати во болница таа целосно се врти кон гитарата – развивајќи ги идните нови начини на штимање, бидејќи сите прсти не ја слушале подеднакво. Нејзината уметност настанала додека се борела со болеста. И затоа засекогаш остана гладна за животот и убавите нешта во него.

Поп уметноста претставува сложена дисциплина, онака како што Џони беше замислила да ја оствари: наместо класичното свирење на гитара или пеење на познати песни, според неа, таа се состои од пишување сопствени песни, нивно изведување, правење бенд по потреба, самостојно договарање и водење на својата работа, како уметница која целата своја работа ја планира и извршува сама. Нешто што во тој одреден период не постоеше.

Светот на поп музиката на жените гледаше само како на изведувачки, сè додека во тој свет не се појави Џони Мичел. Жените тогаш можеа да се претстават себе како соло пејачки, пејачки со гитара, со клавир, како танчерки кои пеат, или како all-female band… но, обликот на женското тело и неговите можности секогаш го одредувале успехот во кариерата на музичарките, а не способностите на умот.

Џони Мичел на сцената пристигна најтивко што може, од еден непознат свет, но со себе донесе субверзивна генерациска победа: како прва моќна женска поп личност, со незаборавно убавиот изглед ја донесе и незаборавно убавата уметност, во еден момент станувајќи подвижно олицетворение на културната револуција која со себе ја донесе златното доба на рокенролот.

Со својата гитара, долгата светла коса и кратките фустани, пееше стихови нечуени уште од најдобрите моменти на Боб Дилан. Џони Мичел беше олицетворение на сон.

Go west young girl: За да дојде до тој врв, оваа речиси прозрачна а цврста девојка мораше да помине низ многу тешкотии, претворајќи го секој свој недостаток во предност: кога била мала немало кој да ѝ раскажува приказни, па таа празнина самата ја надокнади раскажувајќи приказни низ песните, на тој начин обидувајќи се себеси да си објасни што ѝ се случува.

Натпреварите на кои победуваше, публиката која неуморно ѝ аплаудираше, дома, во нејзиниот крај, сето тоа беше брилијантен почетнички полет. Но, ништо не можеше да ја подготви за средбата со Торонто, најголемиот канадски град. Тој крај, Јорквил, во тоа време функционираше како тамошен одговор на њујоршкиот Гринич Вилиџ, ако се има предвид бројот на фолк и блуз талентите кои тука се туркаа за малку светло на сцената.

Меѓутоа, првото нешто што Џони го откри во големиот град е дека нема доволно пари да ја плати членарината на синдикатот за музичари и дека не смее да настапува во ниту еден клуб, како и тоа дека не смее да пее некои познати традиционални песни, бидејќи веќе ги изведувале изведувачи попопуларни од неа. Во тоа време, традиционалните песни беа основа на секој репертоар. Дури и сопственикот на клубот секоја вечер учествувал во гарантирањето на успехот на етаблираните изведувачи, забранувајќи им на помалку познатите да ги интерпретираат овие хитови. Така, под силата на околностите, Џони почнала да го изведува својот материјал.

Многу години подоцна дознавме дека во тоа почетно животно неснаоѓање Џони родила дете кое го дала на посвојување. Потоа влетала во брзоплет брачен однос со помалку познат американски фолк изведувач, човек кој на крајот остана делумно запамтен само поради тоа што таа го задржа неговото презиме. Грешките кои и денес ги носи со себе се артикулираат и низ нејзините песни (од Little Green до Chinese Caffe). И доколку постои некаква гордост во признавањето на сопствените грешки, Џони отсекогаш ја имала.

Разоружувањето и отвореното искажување на ранливоста, насетувањето на вистинскиот пат низ животот и непресушната сила за поминување низ неволјите, се основните состојки на поезијата што таа ја пишуваше цел живот.

Изведувањето на авторските композиции сепак не можеше да помине незабележано во мрежата coffeehouse која се протегаше низ Источна Америка, а благодарение на Том Раш многу други дознаа за овој талент. И не беше само големиот Раш тој кој ги сними нејзините композиии за своите албуми, туку вистински хитови забележаа и тогаш славната Џуди Колинс, Дејв Ван Ронк, Бафи Сент-Мери (како неприкосновени дотогашни идоли на Џони Мичел).

Смееме да претпоставиме дека второто патување со јахта, со Дејвид Крозби, било од клучна важност за нејзината кариера, бидејќи ја одведе директно во срцето на тогаш најкреативната заедница на музичкото небо – онаа во Калифорнија. Преминот на Западното крајбрежје ни ја донесе Џони онаква каква што ја знеме.

Во центарот на центарот: Калифорнија во 1968 година беше место каде што се обликуваше рок културата потпрена на локалната контракултура на битниците и џезерите. Секој поспецифичен глас таму одекнуваше како да е дома. Но, помеѓу сите тие отпадници, дисиденти, дезертери од потрошувачкото општество, помеѓу сите тие големи уметници кои беа дел од популарната култура, недостасуваше женски глас, недостасуваше кралица.

Појавата на Мичел беше како остварување на неизреченото ветување кое хипи заедницата си го даде самата на себе – дека од морето долгокоси девојки во цветни мотиви, девојки кои се обидуваа да застанат на нозе во разнишаниот свет без патокази и насоки, девојки кои се обидуваа да одредат што е тоа слобода и каде се нејзините подносливи граници – ќе се појави девојка која ќе знае сето тоа да го каже во име на останатите. Џенис Џоплин беше моќна фигура, но колку и моќно да звучеше, сепак пееше туѓи песни.

Џони беше храбрата да каже сè, да ги опфати сите дилеми, да даде решенија и да го остави нерешено она што не може да се реши. Како прва автентична пејачка од областа на поп музиката, Џони остана втисната длабоко во свеста на сите оние за кои тогаш можеше да се каже дека живееја благодарение на свеста за моделите што треба да се следат.

Клучните албуми следуваа еден по друг, во периодот од 1969 до 1974 година. Она што на првите два албума беше строг, традиционален фолк формат, но со темите кои го опфаќаат широкото градско пространство како своја област, Ladies of the Canyon (1970) и посебно Blue (1971), се претвори во она по што Џони остана запаметена. Како два романтични романа за љубовта и траењето во машкиот свет, за растењето во центарот на хипи заедницата, со сите нејзини проблеми, за првпат отворено иснесени на светлината на денот, овие два албуми се клучни емотивни документи, репрезенти на своето доба. Истовремено, како приказни за луѓето кои веруваат во нешто, иако се вовлечени во животната конфузија, тие го надраснуваат периодот во кој настанале и ја сместуваат Џони таму каде што сè уште стои: меѓу најдобрите пејачки и кантавторки на сите времиња.

Нејзиното повторно навраќање на џезот не дојде случајно и преку ноќ. Почнувајќи од Court and Spark (1974), тој период на потрага по врвна софистициранот ги одбележа годините кои доаѓаа и никогаш не исчезнаа од нејзината музика. Апсолутниот врв беше Hejira(1976), брилијантниот тематски албум - самооткривање, стекнато преку патувањеод едната до другата страна на Америка.

Единствениот спој на фолк и џез овде ја раскажува вечната приказна за самопотрагата преку различни љубови, некои попатни, некои трајни, од кои, навидум, ниту една не е доволна.

И тоа е нејзината главна тема на секоја плоча: како да се живее љубовта и како љубовно да се живее. Отсуството на мистификација, едноставноста и елеганцијата со која пееше на оваа тема, засекогаш останаа запаметени. Сето тоа можел да го почувствува секој кој успеал да ѝ се препушти на магијата во која на брановите на звуците и зборовите се раѓа нова уметност, во која менталната слика и звукот стануваат едно.

„Љубовта има многу лица“ е насловот на нејзината последна компилација. За неа отсекогаш било така: без оглед на тоа како се викал конкретниот маж, изречено со нејзиниот глас, неговото име ја содржеше целата почит за љубовта која една личност може да ја има.

We are golden we are starlight: Постоеле навистина исклучителни жени, но постои Џони Мичел, која со својот пример ја направи прифатлива идејата во музиката истовремно да се биде и женствена и своја, без компромиси. Жената која имаше огромно влијание на мажите и засекогаш ги отвори вратите кон еден поразличен свет, кој секој ден станува сè повозможен – кој постои за да можат девојките да го зграпчат. Не станува збор за тоа дека денес веќе не мора никого да прашуваат за дозвола, туку за тоа дека од другата страна навистина ги чека некој кој од нив очекува веќе еднаш да го освојат тој свет, да дојдат до тој маж кој сака тоа да го направат. Слободните жени и слободните мажи денес навистина постојат, токму така како што замислуваше Џони.

Девојката од влажната канадска прерија, која возовите ги чека само на нејзината станица, од неодамна веќе не може да зборува, веќе нема ни потреба да зборува. Со тоа светот изгуби повеќе од еден глас. Изгуби уште една можност да се врати во Еденската градина („Вудсток“).

Не сакам никогаш да напишам ин мемориам за Џони. Затоа, ако на оваа приказна, во рамките на текстот, мора да ѝ се даде некаков крај, тогаш тоа го правам испишувајќи ги следните стихови:

What are you going to do now
You’ve got no one to give your love to

(Just Like This Train)

Извор: www.vreme.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото