Вонредно Собрание на ААМ

16.03.2010 12:21
vtornik.jpg

За даденостите

Пред неколку седмици, нам, граѓаните на Република Македонија, преку една јавна презентација преку електронските медиуми – интернет и телевизија, ни беше понудена една визија за тоа како Скопје, нашиот главен град, ќе изгледа во 2014 година. Не беше јасно, дали таа 3Д анимација требаше да претставува плод на, како што беше опишана „сериозна студија изработена од многубројни урбанисти, архитекти, скулптори, дизајнери, планери“, или како што беше кажано исто така преку медиумите, „увид на план даден на јавна расправа – т.е. на мислење на граѓаните“, односно увид во „концепт“ (според Министерката за култура) кој допрва треба да се развива.

Според актуелниот ГУП за градот Скопје треба да се направат исцрпни анализи врз основа на кои треба да се распише државен или меѓународен конкурс за редефинирање на централното градско подрачје, но за овој детален урбанистички план (ДУП) што се однесува на „малиот ринг“ не беше распишан конкурс. Се распишуваа архитектонски конкурси за некои поединечни објекти во тој простор во време кога не беа донесени ни измените на важечкиот ДУП за истите објекти. Конкурсите беа со посебни барања за изгледот на фасадите, директно попречувајќи ја слободната архитектонска мисла и брутално диктирајќи употреба на историски стилови. Не е почитувано ниту авторското право на објектите кои треба да бидат „преоблечени“ со нова фасада, ниту пак се водеше сметка за културното наследство , едноставно архитектурата се претвори во сценографија. Инаку, планот беше повеќе пати менуван, при што, ставањето на истиот на увид се случуваше за време на летниот период и за време на новогодишните празници, и тоа, само како план – основа, без никаков текстуален опис или друг вид на објаснување. По презентацијата на видео-материјалот, стручната јавност даде оценка на овој таканаречен развоен проект низ индивидуални настапи, на медиумски дебати или со прашалници, каде најчесто поставуваното прашање беше: „Дали ви се допаѓа или не?“.

Во проектот СКОПЈЕ 2014 недостасува методичност на размислувањето за градот, а со тоа и начините на репрезентација на архитектонската идеја. Се брза да се постигне инстант-историја, инстант-архитектура, инстант-град, а тој важи за еден од најстарите, без да се води сметка за неговиот сложен економски, социолошки, културен, етнички склоп, за неговата одржливост. Чуден е и обидот да се редефинира урбаниот концепт на просторот со обично редење на објекти за кои се чини дека имаат тенденција да сокријат значајни објекти од други времиња во позадината.

Главната одлика на Скопје е напластеноста на различни периоди со своите различни изрази. Тоа можеби создава фрагментирана слика за градот, но е сведоштво за континуитетот на неговото живеење и изграден доказ за тоа дека секое време ја остава својата трага, своја архитектура. Комплексноста на соживот расте постојано, а солидарноста не е само давање, туку и прифаќање на нештата. Не толку одамна, една таква солидарност му помогна на Скопје повторно да се крене и да застане на нозе. Како ние, како држава и народ, му се оддолжуваме на светот за тој силен гест? Тековите на социјалното и културното зреење се длабоко поврзани.

За архитектурата

Архитектонскиот стил претставува резултат од реализацијата на различните творечки методи и зависи од развојот на социо-функционалните, техничко-економските и идејно-естетските потреби на општеството. Искреното барање на архитектонските форми без намерна потрага по стилот е најсигурниот пат да се дојде до него. Притоа се мисли на барањето нови, а не на копирањето или имитирањето на старите форми, бидејќи големите архитектонско-уметнички епохи никогаш не ги имитирале епохите на своите предци. Современата архитектура како израз на демократските општества не подразбира диктат или канонизирање. Таа по својата изразна и обликовна појавност е апстрактна, така што барањето за некаков симболизам преставува ретроградна идеја воопшто. Ист е случајот и со концептот на монументализмот кој се забележува во сите просторно функционални содржини прикажани во новоскопската разгледница (надградени и накитени постојни објекти, новопроектирани згради, мостови, капии, споменични обележја итн., измешани функции дури и во еден објект). Оваа архитектура не соодветствува со модерните текови – таа е ретроградна.

За планот

Посебна приказна е нетранспарентноста во нарачката и изработката на измените и дополнувањата на ДУП-от за Малиот ринг што резултира во една конфликтна состојба помеѓу постојното и новопредвиденото. Нејасно е како се планира да се решат инфраструктурните проблеми при вакви густо планирани функции и содржини на толку ограничен простор. Се сомневаме во тоа дека се преземени опсежни урбанистички анализи на предметниот простор што е императив при отпочнување ваква обемна градежна активност.

Проблем претставуваат и новите предвидени функции со планот со кои на градот му се одзема културниот центар, а со узурпација на јавниот простор. Вакви брзи одлуки за крупни прашања кои го тангираат функционирањето на градот и неговото централно подрачје се опасни и наивни. Наместо граѓанинот да биде во центарот на вниманието кога станува збор за планирање и проектирање, истиот е маргинализиран до степен на негово потполно исклучување како основен критериум за оформување на јавен урбан простор.

Таканаречениот концепт СКОПЈЕ 2014 не е квалитетна архитектонско урбанистичка визија на центарот на нашиот главен град. Несериозно е да се гради врз основа на псевдо-архитектонски решенија кои претендираат да разрешат прашања кои никој не ги поставува како: потрага по национален идентитет претставен на фасади на архитектонски објекти или пронаоѓање матрица за национален урбанистички концепт на центарот на главниот град на државата.

Надреалните идеологии за експресно раскажување на големо количество истории по кубен метар зафатнина град се измешаа со очекувањата за следење на текот на современата идеја по која денешната Европа се гради и развива. Гледаме синтетичка слика како “видео игра” отпосле, кога поединечни елементи се веќе во градба - паралелно се планира и се гради. Во оваа прилика ААМ се спротивставува на начинот на кој е доведен проектот до овој степен.

За конкурсите

Инаку, постои сериозна потреба од ревизија на начинот на кој се организирани конкурсите, зашто тие ги шират хоризонтите и прават интернационален придонес на архитектонската мисла. Конкурсот треба:

- да засведочи за едно време;

1 да симболизира една цивилизација;

2 да го подигне колективниот интерес (да ја подигне свеста за припадност и одговорност на местото во кое живееме, не останувајќи слепи за случувањата во светот, што не’ засега сите);

3 да даде одговор на новите потреби (енергетска, сообраќајна ефикасност, одржливост);

4 да го валоризира постојното и да го надоврзува новото, по принцип „и–и“;

5 да го поттикне развојот на креативноста, да открие нови млади таленти (кои покрај прочуените имиња и големи проектантски компании тешко би можеле да дојдат до израз);

6 да стимулира едукација;

7 да ја истакне улогата на архитектите во современото општество.

Самата институција конкурс, нејзиното организирање и спроведување треба да се препушти на струката и нејзиниот експонент - Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Заложби на ААМ

ААМ се залага за почитување на целосната творечка слобода и самостојност на проектантите, став кој постојано го афирмира со наградите и признанијата кои ги доделува.

ААМ се залага за осмислена одржливост на проектот Скопје 2014 кој има навистина широко значење за градот и државата.

ААМ се залага за почитување на стандардите за квалитет за сите видови јавни објекти и јавни површини и воспоставување нивна соодветна пратечка инфраструктура.

ААМ инсистира особено да се преиспитаат измените на ДУП-от на левиот брег на Вардар, каде е пробиена границата на заштитната зона на регулацијата на реката Вардар од предвидените површини за градба кои едновремено ја узурпираат и јавната пешачка зона.

ААМ предлага да се изработи од високостручна група, Предлог-Програма за нов детален урбанистички план за централното градско подрачје, во согласност со ГУП и современите трендови, а која би се усвоила по широка јавна расправа за потоа да се распише јавен меѓународен конкурс за изработка на тој план.

ААМ испраќа апел до инвеститорите, започнатите објекти да се стопираат во оваа/прва фаза на градба.

Заклучно согледување

Ние, архитектите заедно со граѓаните, сме ставени во недостојна позиција. И стручното и општото јавно мислење е исклучено во донесувањето на извонредно важни решенија од проектот СКОПЈЕ 2014.

Нужно е да се огласат оние кои мислат и делуваат поинаку.
Нашата теза не нуди готови решенија, таа има за цел да отвори прашања, да развие темелни дискусии, да го продолжи процесот на договарање и одлучување.

ААМ се оградува од проектот СКОПЈЕ 2014 ваков како што е, затоа што во целост му недостига и временски, и географски, и политички, и економски, и културен, и социјален контекст.

Тој е стручно неиздржан.

Тој не ја антиципира иднината.

 

10 март 2010

ОкоБоли главаВицФото