СК014 досега чини над милијарда евра!

29.07.2015 21:46
СК014 досега чини над милијарда евра!

Не стигнав да им честитам на авторите на датабазата за СК014 за досега најголемиот придонес во аргументацијата против проектот. Непроценлива вредност, база за секое идно истражување, библија за секој Скопјанец!

Со денови се мачам нешто да напишам и да го дополнам она што го сработиле без да патронизирам или обезвреднувам нечиј труд. А и линканиов текст покажува дека се свесни за некои од аспектите што не се покриени во датабазата, како на пример верските и комерцијалните објекти за кои може слободно да се каже дека се чеда на ‪#‎Ж‬, а не на верски организации или некои бизнисмени. Ова е важно затоа што вредноста на СК014 е далеку над пресметаните 560 милиони евра. Еве како:

1. Пропуштени се некои објекти како спомнатата црква, хотелите на плоштад од "приватен" инвеститор, новата зграда на ВМРО и Бетон, фасадите на зградите како онаа карши соборна црква со разиграната барокна фасада, или новата фасада со позлатени антички столбови на хотелот Стоун Бриџ. На тие луѓе им е некако компензирано нивното барокољубие, со тендерче, со ослободување од казна, со некаква субвенција... Сигурно не се будали самите да градат такви грозотии!

2. Во пресметката се прошуштени и новите ѕидини на Калето. Сегашното кале не е воопшто исто, оној повисокиот ѕид со неколку стражарски кули не постоеше пред неколку години. Изграден е според визијата на врачот на преродбата - Паско Кузман. Не се пресметани ни трошоците за музејот-црква.

3. Не се вклучени спомениците што ги "подари" она анонимноно здружение од Крушоради, а про-боно ги изработи Валето, многу е јасно дека тоа се све наши пари!

4. Во пресметката не е вклучена ни вредноста на парцелите каде се изградија овие 30+ згради. Тие парцели вредеа пари и беа сечиви, а владата/Центар/Град Скопје, си ги додели бесплатно за да гради непотребен барок.

5. Не се вклучени галиите на Вардар, палмите, обезбедувањето, осветлувањето, поправките, РЕКЛАМИТЕ за промоција на СК014, билбордите, туристичките информатори, прославата на независноста во 2011, дочекот на Јохан, кошаркарите и ракометарите... По многу основи, сево ова е СК014!

6. И НАЈВАЖНО: како најголема ставка се пропуштени ДВОКАТНИТЕ АВТОБУСИ. Тие, по секој основ се СК014: скапи се, нефункционални, превезуваат помалку луѓе од дводелни автобуси, а се поскапи, трошат повеќе, помалку квалитетни се од понудените европски автобуси. Единствениот критериум за избор беше меракот на #Ж да си има двокатни автобуси во неговата паланка. Само оваа набавка, ако не се лажам, имаше вредност над 300 милиони евра.

Така што, да бидеме реални, СК014 досега не кошта над милијарда евра, а трае ли трае и понатаму... ГТЦ ќе биде најголем трошок до сега, барокизирањето на чаршијата е на ред, шпанските скали, оградата околу Собранието...

СК014 не е само залудно трошење на пари, туку и силување на градот, тепање на противници, тепање на избраници на народот, закани, судско гонење, медиумско шиканирање... Можеби и душевната болка од сево ова треба да се квантифицира и да се вклучи во трошоците. Ако #Ж и началникот од една клевета наплаќаат по 50.000 евра, тогаш којзнае колку треба ние да наплатиме!

Слика: Свирачиња

Слични содржини

Став
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото