Проект на уметниците Лилјана Ѓузелова и Сашо Станојковиќ

30.07.2015 10:42
за најновиот заеднички проект на уметниците Лилјана Ѓузелова и Сашо Станојковиќ

На 31 јули на средните страни на дневниот весник Слободен печат ќе биде објавен истражувачко-ликовниот проект Инвентар на прашања и одговори: уметник, институција, држава на македонските уметници Лилјана Ѓузелова и Сашо Станојковиќ. Со објавувањето на додатокот во Слободен печат уметниците ја отпочнуваат јавната презентација на нивниот заеднички интердисциплинарен проект што ќе се состои од фотографии, инсталации, уметнички книги и сл. Проектот претставува прва уметничка соработка меѓу Ѓузелова и Станојковиќ и се должи на нивното долгогодишно пријателство и континуираните исцрпни разговори на различни професионални теми во однос на ликовната уметност, општествениот ангажман на современите уметници и автономијата на уметничкото дело и уметникот. Првиов дел од проектот претставува отворен критички разговор за рецентните состојби на локалната ликовна сцена и за начините на кои се испреплетуваат уметничките концепти, работата на институциите и одлуките на власта во зависност од политичките превирања во Македонија. 

Главната мотивација за оваа уметничка иницијатива всушност беше случајот на цензура на делото Сé додека оваа власт е на власт на Лилјана Ѓузелова поради што уметницата, иако првично поканета, на крајот не беше застапена со свои дела во колекцијата и новата Поставка на Музејот на современа уметност (отворена во 2014 година). Со овој проект уметниците сакаат да ја потенцираат потребата од разоткривање на тесната поврзаност меѓу уметничките институции и власта и ќе рефлектираат на некои скриени и потиснати механизми и релации, како и на различни инфра-структурни и системски проблеми на институциите кои иако засега невидливи ќе бидат далекусежни. Всушност главната цел на овој проект е со јасните критички размислувања да се предизвика разнишување на таквите проблематични заемни врски и да се укаже на итната потреба релациите меѓу уметниците и институциите да бидат воспоставени без вообичаената вертикална хиерархиска предодреденост во која власта го има првиот и завршниот збор. Улогата на уметниците во тој процес е посебно нагласена. Така проектот Инвентар на прашања и одговори: уметник, институција, држава ги потсетува институциите дека тие се воспоставени и постојат со цел да се олесни продукцијата, колекционирањето, истражувањето и презентирањето на уметничките дела, а не да се флертува со локалната политика и власт со цел одржување на статус кво на истата или за лична корист (на пр. вработување, монопол и престиж) на вработените во институциите.

Завршната фаза на проектот ќе биде презентирана како заедничка инсталација во рамките на меѓународната групна изложба Наопаку што ќе биде поставена во Градската уметничка галерија во Љубљана како дел од ко-кураторскиот проект на Аленка Грегорич, кураторка од Словенија и уметничка директорка на Градската уметничка галерија и Сузана Милевска, кураторка и теоретичарка од Македонија.