Изместувањето на контекстот само ќе ја „нашминка“ реалноста! Зарем живееме во толку лоша реалност!?

30.07.2015 12:26
Изместувањето на контекстот само ќе ја „нашминка“ реалноста! Зарем живееме во толку лоша реалност!?

Врз основа на очекуваните должности на новинарите и на медиумите кон јавноста, се исцртуваат и правата на кои граѓаните можат да претендираат. Како главни носители на слободата на информирањето, граѓаните очекуваат од медиумите, пред сѐ, во целост да ги почитуваат условите на таа слобода – да обезбедат слобода на информирањето, коментари и критики, како една од основните слободи на сите човечки суштества. Од друга страна, граѓаните очекуваат медиумите да им служат како инструмент за надгледување на разни инстанции на власта, кои би можеле да дојдат во искушение да ја злоупотребат својата положба. Најсилно би требало да биде моралното очекување медиумите да водат сметка за тоа како и на кој начин секој член на заедницата ја доживува, перципира и ја разбира стварноста која тие му ја доставуваат, креираат.

На овој начин, „секој на своето право на информирање му дава конкретен облик, барајќи информации кои се однесуваат на него, а не се резервирани само за повисоките класи на општеството или усогласени со размислувањето на мнозинските групи во општеството“. (Danijel Korni, Etika informisanja. Beograd, Clio, 1999). Едновремено, информациите што ги даваат самите новинари и медиумите се, односно треба да бидат базирани врз основните постулати на етичното новинарство: вистинитоста, објективноста, навременоста, точноста… Само во вакви услови може да се констатира дека новинарството, а и медиумите, сосема професионално ја извршуваат својата дејност и со голем степен на одговорност. Во спротивно, како што и повеќепати е нагласено, истите секогаш одново и одново ќе доаѓаат во служба на различни интереси и ќе бидат собиралиште на ниски страсти!

ПРОВИЗОРНА ОБЈЕКТИВНОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО

Во овој контекст, како изгледа и како се ефектуира во реалноста „провизорната објективност во работењето“ на македонските медиуми, во согласност со последните 10-тина години пребогата историја на „ангажираност“ на медиумите за соодветни партиски интереси. Уште повеќе, откако и јавно се проговори (дури мораше и ЕУ да интервенира) за тоа кој и колкав колач добива од финансирањето на Владата на медиумите за рекламирање на нејзините кампањи, а особено дали и на кој начин „главните медиумски актери“ останаа „независни“ и „слободни“ и понатаму!? Уште повеќе, сознанието дека „една од главните причини за падот на медиумските слободи во Македонија е нетранспарентното трошење на јавни пари во финансирањето на медиумите… дека Владата преку владини кампањи со јавни пари ги корумпира медиумите за да влијае на нивната уредувачката политика“.

Во вакви услови, вообичаено е за Македонија како земја со „кревка демократија“, да се констатира дека во однос на „неодамнешниот индекс на слобода на медиумите на „Репортери без граници“ за 2014, земјата падна на своето најниско рангирање досега и сега е рангирана на 123. место во светот… „делумно слободна“ во согласност на слободата на медиумите, но со опаѓачки/влошувачки резултат во последните години. Според IREX – индексот на одржливост на медиумите, Македонија е рангирана со вкупен резултат од 1.40. Индексот на одржливост на медиумите ги набљудува/бележи/оценува државните „изгледи за медиумско одржување како додатно влошени… Ниските поени го поткрепуваат песимизмот на медиумската заедница и очекувањата да се избегне од тенденциите кон поголема државна контрола, политизација и економска деградација на медиумите“.

И ова е веќе познато, или како што би рекол нашиот народ: „и врапчињата го знаат тоа!“. Фрапантно е што „неодамнешните откриени прислушувања потврдија постоење нездрава врска помеѓу водечките/главните медиуми и високи владини функционери, со изгледи за примање директни наредби (медиумите) од владините функционери врз основа на фундаментални прашања на уредувачката политика“. Оваа практика, како што се заклучува и во извештајот, го повредува основното право на публиката, јавноста да добие/прими информација од повеќе извори, редуцирајќи го со тоа просторот за објективно и за балансирано известување на фактите, при што се запаѓа во она што, веќе и беше објаснето на оваа веб-страница во рубриката „Новинарски лекции“ од страна на Љубомир Костовски, т.е. „Најважната вест – најкуса“ од 10 јули 2015 година, како и во прилогот „Монтажно новинарство“ на Ана Анастасовска од 7 јули 2015 година.

ПОРАЧАНИ ИНФОРМАЦИИ

Ваков тренд сѐ повеќе се забележува и во однос на преземање и на изместување од контекст на дел или цела една логика на напишано, објавеното, дистрибуираното како информација, факт…, заради „порачани информации“ со кои би се створила посакувана, најчесто извитоперена, но во согласност со партиските интереси посакувана слика за општествените случувања во државата и нејзиното значење за јавноста преку индоктринација и пропаганда. Учебникарски пример за ова е случајот со преземањето на воведниот пасус од колумната на господинот Ванчо Узунов во „Утрински весник“ на 9 јули 2015 година под наслов „Економика на моралот“, од страна на ТВ „Сител“ во својот ТВ-дневник од 16 часот на 10 јули 2015 година, во прилогот на новинарот Александар Спасовски – „Потпретседателот на СДСМ најавува повлекување од политиката по анкетата на ИРИ“ и нејзино изместување од контекст.

Иако во неа, во антрфилето, децидно е поставено прашањето за анализа на самата колумна: „бидејќи не верувам дека во Македонија има многу луѓе кои по целиот арсенал на т.н. „бомби“, не слушнале што сѐ прави власта, прашањето е: Зошто толку голем број луѓе има доволно високо еластичен морал со подготвеност тоа да го толерира“ – но она што новинарот на ТВ „Сител“ го прави е, всушност, пронаоѓање надвор од контекстот, реченица со која ќе направи контрапункт, т.е. сосема поинаква, спротивна, омаловажувачка, изнудена слика на самата анализа:

„Потпретседателот на најголемата опозициска партија во колумна за Утрински весник најавува дека откако стана јасно дека и по повеќе од 30 бомби ВМРО-ДПМНЕ има двојно поголем рејтинг од СДСМ, размислува да и стави крај на политичката кариера.“

И ја наоѓа! Токму не дочитувајќи, а можеби и не разбирајќи го јазикот со кој е напишана колумната (а тоа е јазикот на етиката и на моралот, со помош на економскиот методолошки инструментариум – анализа на пазарот на морални норми), т.е. дека се работи за анализа на состојбата на смалување/згаснување на демократскиот капацитет на државата, но уште повеќе не разбирајќи го логичкото правило за извлекување на правилен заклучок, новинарот на ТВ „Сител“ не го „вари“ ниту донесениот заклучок на авторот на колумната дека во вакви услови залудно е да се учествува во политичкиот живот кој не нуди услови за рамноправен третман на сите нејзини чинители, т.е.: „…резултатите од анкетата на ИРИ. Во отсуство на други такви анализи, ги прифаќам и добро ќе размислам за тоа дали има каква било смисла мојот натамошен ангажман во политика“.

ДАЛИ МЕДИУМИТЕ СЕ „ЕТИЧКИ ЗАСТАПНИЦИ“ НА ЈАВНОСТА?

Резултатот е наместен – 1:0 за новинарот интерпретатор кој успеа доста успешно, изместувајќи го контекстот, да направи толкување и креирање на погрешна слика на реалноста во која заради бомбастичноста на неговата интерпретација (сепак Узунов беше (!?) потпретседател на опозициската СДСМ), се случи и еден невиден парадокс во професионалното известување (слично на доста успешните примерите на „ангажирано“ новинарство на неговиот уредник – Драган Павловиќ – Латас): своеволно толкување на информацијата, што значи повреда на нејзината објективност и вистинитост во пренесувањето, но и намерно извлекување на одредени информации од логичкиот след за да се формира пластична слика за она што е целта на новинарот, а не што е главната интенција на информацијата, правејќи повреда на објективноста и правото на непристрасност во известувањето. Она што го „портретира“ новинарот е: „слика за атмосферата која владее во најголемата опозициска партија во последниот период, особено по анкетата на ИРИ“, а сепак во недостатиг од храброст да се застане зад сопствениот став се крие зад флоскулата „според познавачите на состојбите на Бихаќка“!

Дискрепанцата дека изместувањето на контекстот на одредени изјави и информации, а уште повеќе пренесување на само дел од нив од рамките и од логичката целина на еден текст, напис, колумна, па и подетална информација, станува своевиден тренд во македонското новинарство, укажуваат и бројните примери, не многу далечни, а од суштинско значење за Македонија. Во прилог еве само неколку линкови за „домашна работа“ за анализирање на овој тренд во македонското новинарство преку случајот со Извештајот на поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, објавени во „Капитал“, „Телеграф“, „Вечер“, „Сител“, „А1 он“, „Утрински весник“, „Фактор“, „Нова ТВ“…

Сосема за крај, останува дилемата: дали медиумите, особено македонските медиуми во денешно време, можат да бидат сметани и за етички застапници, особено поради фактот што сите отворени прашања на современата морална егзистенција на човекот се рефлектираат токму во нив? Ова затоа што новинарите не се само собирачи на вести, туку од нив се очекува да истражуваат, да бидат критични кон светот во кој живеат, но и проактивни, т.е. да ја придвижуваат јавната дебата за теми од општ интерес. Дали истите, во македонски рамки, пред сѐ, дораснаа до субјекти на моралниот процес, надминувајќи ја со тоа фазата на само пренесувачи на морално интересни, трогателни, доблесни и други етички настани, идеи, пораки и поуки? Останува времето да покаже кога моралната, професионалната свест ќе проработи или ќе биде „поттурната“ од „полузаспаната“ јавна маса, ако досега не е освестена!

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите , имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото