Филмовите со кои го опишував груевизмот (5 - Комедија)

31.07.2015 15:50
Филмовите со кои го опишував груевизмот (5 - Комедија)

Борат / Бразил

Ми се допадна скечот на Саша Барон Коен (познат и како Борат) на овогодинешното доделување на филмските оскари. Дојде облечен како диктатор, Адмирал Аладин, во придружба на две пародично костимирани старлети и со урна во која наводно била пепелта на диктаторот Ким Џонг Ил! Скечот со посипање на пепелта од урната го изведе врз водителот Рајан Сикрест, иако за таа скарадност наводно бил планиран Џорџ Клуни. „Ако некој те праша што носиш вечерва, кажи му дека го носиш Ким Џонг Ил!“, му врескаше Барон Коен на вџашениот Сикрест, додека обезбедувањето го отстрануваше од црвениот тепих.
Скечот ме потсети на една исто толку драстична филмска сцена со истиот актер, кога „Казахтанецот“ Борат ја посетува куќата на американски богаташи и кога по користењето на тоалетот се враќа со својот измет во пластична кеса и со придушен глас ја прашува домаќинката каде да ги стави гомната.
„Пристојноста“ на Борат, пак, ме потсетува на божемната цивилизираност (а, всушност, дивјачка нааканост) измешана со одвратно морализирање кај нашиве полетни преродбеници. Да не зборуваме со какви слоеви античка пепел е посипан плаштот на овдешниот оперетски автократ (додуша, неговата оперета за многумина е тврда зандана)...
Жил Делез има интересен концепт кој делумно може да го објасни трагикомичниот расцеп во кој живее Република Македонија. Делез зборува за „местото без објект“ кое е поддржано од „објектот кому му недостасува неговото вистинско место“. Тие два кусока, според Делез, меѓусебно не можат да се поништат. Во случајов, „местото без објект“ (без репери и средишна идеја за иднината) е македонската држава; додека „објектот кому му недостасува неговото вистинско место“ е преродбеничката партија која жари и пали (и кремира и конфетира) ширум местово/земјава. Жижек вели дека она со што тука се среќаваме се двата аспекта на реалното – постоењето без својства и објектот со сите својства но без егзистенција. За да го разбереме овој парадокс, доволно е да се присетиме на познатата сцена од филмот „Бразил“ (1985) на Тери Гилиам, кога во еден ексклузивен ресторан келнерот им ги препорачува на гостите најдобрите јадења од дневното мени („Денес турнедото е навистина фантастично!“). Но, она што гостите стварно го добиваат е блескава фотографија на тоа јадење на сталакот над чинијата, додека на самата чинија има одвратна повраќаница.

Борат и Ким Џонг Ил

Бразил

Ситуацијата со македонските елити потсетува на сцена од филмот „Бразил“ на Тери Гилиам: низ ходниците на еден непрегледен владин завод гледаме група луѓе која постојано трча наоколу следејќи го својот водач (големиот бирократ); водачот притоа постојано им се дере на пониско рангираните чиновници кои од него бараат одредено мислење или одлука: „Ова мора да се заврши најдоцна утре!“ „Провери го извештајот!“ „Откажи го состанокот!“ Тие се преправаат дека се зафатени и целата нивна активност како да е насочена кон провоцирање на главниот лик на филмот; кога главниот лик конечно ќе реши нешто да побара од големиот бирократ, овој нервозно ќе му возврати: „Зарем не гледаш колку сум зафатен!“ Значи, целата таа лудачка претстава (налик на некаков кафкијански симулакрум) се случува за да ги оневозможи и на некој начин да ги исмее сите оние кои би посакале стварно да се заврши некаква работа во тој самодоволен лавиринт низ кој акаат изгубените души.

Младост лудост




Монти Пајтон

Ако пак свртиме на мајтап, можеме да заклучиме дека двете влади, грчката и македонската, се обидуваат сопствениот спор да го решат развивајќи го специјалното смртоносно оружје што првпат го видовме во еден од филмовите на Монти Пајтон: killer joke. Смртоносниот виц го смислија посебните британски служби во Втората светска војна, со цел масовно уништување на германската жива сила. Еве како се употребува смртоносниот виц: британскиот војник нa фронтот, од безбеден заклон, колку што може погласно, го декламира вицот, којшто, па, за него е безбеден, оти не разбира германски. Разорната сила на урнебесната шега (der britische zenze of humour) кај крутите тевтонски непријатели ќе предизвика помор.

Извикувајќи ги, сè пострасно и сè погласно, своите хипермакедонски историски убедувања, и македонските и грчките власти како да се решиле за истата воена тактика за истоштување и шашардисување: смртоносниот виц.

Смртоносниот виц

Сведок

Во „црн туризам“ некои ги сместуваат и „комунистичките забавни паркови“. Некаков прототип на комунистички забавен парк може да се види во филмот на унгарскиот режисер Петер Бачо, Сведок (Peter Bacso, A tanu, 1969). Поради сцената во тунелот на стравот и ужасот (од темнината скокаат главите на Маркс, Ленин и Сталин и предизвикуваат општо врескање на посетителите) филмот едно време беше запечатен во бункер.

Dark tourism



Fight Club

Денешна Македонија може да се спореди и со земјата на припадниците на „Друштвото на какофонијата“. Тоа друштво навистина постои во Америка и било инспирација за тајното друштво од филмот „Фајт клаб“.

Дрогирани кенгури цртаат по поле

Fear and Loathing in Las Vegas

Се сеќавате на лудиот психоделичен филм на Тери Гилиам, Fear and Loathing in Las Vegas? Филмот зборува за од дрога и алкохол искривените перцепции. Тој драг филм ме потсети и на славната реклама за Смирнов вотка која исто зборуваше за искривоколчувањата на „стварноста“, за прекршените димензии низ кои ја доживуваме: камерата лута низ палубата на еден луксузен прекуокеански брод, но погледот на камерата е „искривен“ со помош на шишето вотка кое келнерот го носи на послужавник; и секогаш кога тој ќе помине покрај некој предмет прво го гледаме тој објект онаков каков што е во секојдневната реалност, а потоа, кога проѕирното стакло се попречува помеѓу нас и објектот, за момент го гледаме објектот поместен во некои фантастични димензии: двата господина во вечерни костуми се преобразуваат во два пингвина, ѓерданот на вратот на една госпоѓа во жива змија, скалите во клавијатура на клавир итн.
Зборот ми е, груевизмот сè помалку може да се анализира или насочува со некој нормален политички или теориски дискурс. Режимот на „Драгиот водач“, тој своевиден „Балон на вампирите“, е толку многу забеган во своите автистични светови што на критичката јавност (или барем на оној дел од јавноста што со цевки се обидува да прошмрка троа воздух надвор од стакленото ѕвоно) ѝ преостануваат само метафорите и сатирата. Само изобличувачките огледала можат да ја доловат целата историска и политичка забеганост на нашите владетели („балонот на вампирите“, инаку, може да се замисли и како оние стаклени топки што се ставаат над телевизорот и се превртуваат кога треба да падне „снег“ или кога она што било долу ќе треба волшебно алхемиски да стане горе).

Живот, а нема излез

(Продолжува)

1- Идентитет

2 - Митови

3 - Пастирот

4 - Хорор

ОкоБоли главаВицФото