Во Гронинген кога врне - велосипедистите имаат предност во сообраќајот!

31.07.2015 23:00
Во Гронинген кога врне - велосипедистите имаат предност во сообраќајот!

Семафори со сензори за дожд кои им даваат предност на велосипедистите за време на врнежливите денови. Затоплување на велосипедските патеки што го спречува лизгањето во периодите кога има мраз.

Ова можеби звучи како научна фантастика, но, наскоро во Гронинген ќе биде секојдневна реалност.

Жителите на овој северен, универзитетски холандски град, го сметаат ова место како главен велосипедски град на земјата. И со право, зошто речиси 70 отсто од сите патувања низ Гронинген се со велосипед. Градските власти би требало да бидат задоволни со една ваква статистика, но, не се, па новите планови предвидуваат поттикнување на велосипедизмот уште повеќе. Паметните семафори и загреаните патеки се само еден дел од ваквата мисија.

Новитет, со цел да се охрабри возењето со велосипед, е и можноста на различни пунктови во градот, (каде ќе има паркинг места) да се остави автомобилот, и во Гронинген да се влезе со велосипед.

ВОЗЕЊЕТО ВЕЛОСИПЕД – ЛОКАЛНА ГОРДОСТ

Пет илјади нови паркинг места за велосипеди ќе бидат изградени во близина на железничката станица, каде веќе има постоечки 10 000, а се покажале како недоволни.
Анализата за ефектите од велосипедизмот ќе биде обврзувачка за секој проект за територијален развој, со цел од старт да се осигураат придобивките кои ги носи овој модел на транспорт. Ова се само некои од пријателски ориентирани мерки кон велосипедизмот.

Транспортот со велосипед е прв и најважен начин на транспорт низ Гронинген, изјавил локалниот политичар Пол де Рук, кој секојдневно патува со велосипед низ градот.
Но, вели, тој, мораме да вложиме уште повеќе во промовирањето на оваа навика, зошто полулацијата расте и јавниот простор е под сериозен притисок.

- Навистина сакаме возењето велосипед да стане дел од нашата локална гордост, додава овој холандски политичар.

Гронинген има долга историја на трговски град, а познат е и како „град на шуми“. Но, може и да се пофали со многу градби кои се дел од современата модерна архитектура.

Она што е посебно интересно е што има исклучително млада популација. Речиси 18 отсто од 200 илјадното население се студенти. Овие млади луѓе се можеби и една од причините зошто велосипедизмот тука е многу популарен, секако, заедно со причините: блага клима и отсуство на ридови. Но, и заради многу други нешта.

РЕВОЛУЦИОНЕРНА ПОЛИТИКА ВО ПРИЛОГ НА ВЕЛОСИПЕДОТ

Историјата на Гронинген како вело-град за пример, датира уште од 1970 година, кога Советот на левицата сакал да направи некакви промени. Во ’60-те години бројот на автомобили рапидно растел и често се случувале целосни блокирања на градот. Едно од решенијата било уривање на старите маала и градење нов пат низ центарот на градот. Локалниот политичар, Макс Ван Ден, Берг целосно се посветил на решавањето на овој проблем, промовирајќи една револуционерна политика.

Ван ден Берг, кој 24 часа бил одговорен за градскиот сообраќај и политиката на урбаниот развој, сонувал за елиминирање на автомобилите од центарот и обезбедување простор за пешаците и велосипедистите. Во тој период, тоа било оквалификувано како „невидено“.

„Наместо уништување на старото соседство, ние сакавме да го возобновиме и претвориме во пријатно место за живеење. Идејата беше да се обесхрабри автомобилскиот сообраќај и да им се даде предност на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт. Сето тоа беше изводливо зошто Гронинген е релативно мал, компактен град. Растојанијата од едно до друго место се мали и лесно може да се покријат пеш или со велосипед“, се присетува Ван ден Берг. Кога за прв пат ги открил своите храбри намери , предизвикал „пожар“ кај градските власти.

„Бев обвинет како проблематичен работник. Се наоѓав под постојан напад. Дури и во мојата партија имаше луѓе кои не се согласуваа со мене. Можеби проблемот беше во разминување на различни генерации“, вели Ван ден Берг.

На крајот, младата генерација - победила. Влогот: четворица локални политичари поднеле оставка, со изговор дека не може да се работи со Ван ден Берг. Нивните наследници, пак, биле млади, лево-ориентирани и ги делеле неговите визии.

Суштината на планот на Ван ден Берг за циркулација на сообраќајотбила делење на центарот на градот на 4 секции. За возачите тоа би значело дека е невозможно да се оди од една во друга секција. Тие би требало да прават круг околу центарот на градот, додека, пак, велосипедитите би можеле да се движат слободно по патеки наменети токму за нив. Возењето со автомобил би одзело прилично повеќе време, а патувањето со велосипед би била далку побрза опција на транспорт.

ГРАД БЕЗ АВТОМОБИЛИ – СТРАВ ЗА „ДУЌАНЏИИТЕ“

„Многу од луѓето кои живееја во старите маала беа ентузијасти за оваа идеја. Видоа дека се работи за голема промена. Но, исто така, имаше и жестока опозиција, особено од кругот на бизнисмените и сопствениците на дуќани кои се исплашиле дека неможноста колите да поминуваат низ центарот на градот - би значело и крај на нивниот бизнис. Се обидовме да им објасниме дека сакаме да создадеме пријатна урбана средина која би привлекла уште повеќе луѓе во градот и во нивните продавници. Но, тие беа убедени дека тоа ќе ги доведе до банкрот, ако нивните купувачи не пазарат со автомобили. На крајот, се покажа дека грешеле“, изјавува Ван ден Берг.

Лутите „дуќанџии“ дури испринтале и слогани на нивните излози, собирајќи потписи кои ги прикажувале кај градските власти, а кои се залагале за спречување на идејата. Во 1977 година, сообраќајниот план бил имплементиран речиси преку ноќ. Биле поставени стотици нови знаци за еднонасочни улици и за промени на насоките. За една ноќ центарот на Гронинген станал недостапен за автомобили. Следното утро хостеси со цвеќе ги поздравувале збунетите возачи на автомобили, делејќи им летоци каде се објаснува новиот план и ситуација.

„Едноставно одевме во пресрет на времето“, вели Жак Волеж, кој бил задолжен за продолжувањето на имплементацијата на контроверзниот сообраќаен план.

ГРОНИНГЕН Е НАЈЧИСТИОТ ХОЛАНДСКИ ГРАД

„Во ’70-те години општата идеја во Холандија беше дека градовите треба да се прилагодат на автомобилите. Она што ние го сакавме беше прилагодување на автомобилите според градот. Беше навистина тешка битка. „Дуќанџиите“ беа избезумени, а јас лично добивав и закани. Имав долга политичка кариера, Но, тоа беше единствениот пат кога ми беше потребна полициска придружба и заштита“, изјавил Жак.

Откако сообраќајниот план бил имплементиран, биле конструирани новите велосипедски патеки, а биле засадени и многу дрва во центарот. Централниот плоштад, „Vismarkt“, кој со години бил голем паркинг за коли, си ја вратил својата историска улога како пазар. Исто така, стравот за комерцијалната катастрофа во овој град, со една ваква одлука, се покажал како неоснован и грешен. Многу од „дуќанџиите“ дури и напреднале и се доразвиле.

Секако, било неопходно одредено време за адаптација на возачите, но, за кусо време Гронинген станува најчистиот холандски град, со најтивки центарски улици. Денеска Ван ден Берг е гувернер на Гронинген, и вели дека визијата за овој град е да биде шарен и компактен.

„Сакаме да ги задржиме институциите како болници или универзитети, во самото срце на градот, како луѓето би можеле да дојдат до нив и со велосипед. Резултат на ваквата политика е е жив, вибрирачки град, кој привлекува многу повеќе посеители за разлика од порано, дури и надвор од околината на Гронинген, односно и од многу други градови од Германија. Јас и самиот живеам во центар, и „жнеам што сум посеал“, вели Жак.

Денес просечниот број на велосипеди на семејство во Гронинген е 3, 1, и додека бројот на поседување на автомобили опаѓа, оној на сопственост над велосипед – расте. И тоа толку многу, што се развива дискусија на тема: предоминација на велосипеди. „Сега се појавува некоја тензија меѓу пешаците и велосипедистите. Дел од вториве се сметаат себе си за многу надмоќни, па се појавуваат жалби и поплаки од пешаците дека се „прегазени“ од велосипедисти.

И, ако некогаш на планот за Гронинген се гледало како мерка за анти-автомобилизам, денеска се гледа како на план за создавање совршен про-велосипедски град.
Овој град сега е во фаза на создавање патеки и надвор од Гронинген, со цел да им се обезбеди и на луѓето од соседството, и од другите околни градови, лесно и сигурно да допатуваат со своите велосипеди во ова велосипедско царство. Постои и нова идеја за во иднина, а тоа е дислоцирање дури и на автобусите, со цел да им се даде уште повеќе простор на пешаците и велосипедистите, но, и оставање повеќе јавен простор за дрвја и зеленило.

Дебата, секако, постои повторно, но, сега, за промена, дури и дуќанџиите сметаат дека тоа е добра идеја.

31.07.15

Извор: Guardian и http://licevlice.mk

ОкоБоли главаВицФото