Сиромашните ќе можат бесплатно да го гледаат споменикот на Мајка Тереза

01.08.2015 10:27
Сиромашните ќе можат бесплатно да го гледаат споменикот на Мајка Тереза

Скопје, 1 август 2015

Новиот споменик на Мајка Тереза кој ќе се гради во центарот на Скопје, а ќе чини помеѓу 6 и 8 милиони евра, треба да го збогати културниот живот на сиромашните кои ќе можат бесплатно да го гледаат, вели министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Оваа важна социјална мерка ја поддржа и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, а индискиот бизнисмен и милијардер Субрата Рој испрати писмо од затвор во кое ја поздравува изградбата на споменикот.

„Добро е, се снајдовте и без мене. Мајка Тереза е кул“, пишува бизнисменот кој требаше да биде и донатор на споменикот што сега ќе се финансира од буџетот.

„Знаеме дека сиромашните граѓани едвај наоѓаат пари за да се прехранат и не можат да си дозволат да посетуваат културни настани како концерти, театарски и балетски претстави и сл.. Со овој споменик се зголемува бројот на уметнички дела кои сиромашните бесплатно ќе можат да ги гледаат на отворено во центарот на Скопје и така ќе го збогатат својот културно-забавен и социјален живот“, вели Елизабета Канческа Милевска.

Таа ги потсетува сиромашните категории граѓани дека во меѓувреме, додека новиот грандиозен споменик се гради, можат да ги гледаат стариот споменик и спомен-домот на Мајка Тереза.

„Мајка Тереза е мошне инспиративна историска личност. Верувам дека сликата на стотици сиромашни собрани околу нејзиниот споменик ќе поттикне милосрдие кај останатите граѓани. Со ова, уште еднаш се покажува на дело грижата на оваа влада за најранливите групи граѓани“, поентира министерката за култура.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото