Мојот скромен пријател Џон

16.03.2010 13:35
MickJagge_RonG_2989944_600.preview.jpg

Џон Ленон за време на нашата прва средба ми остави впечаток на скромен човек, што на некој начин беше чудно. Не знаев што да му кажам. Битлси тогаш беа голем бенд – 1961 година, пред ние воопшто да снимиме албум, а ние бевме никој и ништо.

Ни недостасуваше само тој еден чекор до успехот кога тие дојдоа да нè гледаат додека свириме. Сакам да кажам, тие беа многу значајни. Не беа само музичари, беа и тинејџерски идоли, и беа поголеми од самиот живот. И имаа кожени јакни, кои ние сè уште не можевме да си ги дозволиме.

Една вечер, додека свиревме во еден клуб во Ричмонд – во тоа време свиревме само ритам и блуз и некои песни од Чак Бери – тие дојдоа и застанаа во еден ќош (носеа кожни мантили!), а јас се плашев да погледнам накај нив. Бев премногу срамежлив. Но Џон беше навистина љубезен. Го прашав: „Ти свириш хармоника, зарем не?“ – свиреше хармоника во Love Me Do – а тој ми одговори: „Ама јас не знам да свирам како вас, јас само ја лигавам хармониката. Ние не знаеме да свириме блуз“.

Тоа беше првата моја средба со нив. Подоцна често доаѓаа да нè слушаат додека свиревме во Кродеди и на Вест Енд, а Џон доаѓаше почесто од останатите. Тие излегуваа во дискотеки од типот на Ed Lib (Џон тогаш ги сакаше ноќните клубови) – и се сеќавам на вечерите кога заедно излегувавме во еден од тие клубови. Џорџ почна да ме гњави за тоа како Битлси продале повеќе плочи од нас. Тоа воопшто не беше спорно! Беше толку нестрплив да го истакне тоа. Откако го ислуша сето тоа, Џон ми рече: „Не се грижи поради Џорџ. Сè уште не може да сфати дека може да продава албуми“. Беше навистина љубезен. Не беше секогаш зајадлива личност, како што знаеше да биде.

Го сакав многу. Најдобро се сложував со него. Не бевме толку блиски, ама секогаш бевме пријателски расположени еден кон друг. Но откако Битлси и Стоунси престанаа да свират по клубови, не се гледавме толку често. Ние бевме на турнеја, а истовремено и тие беа на турнеја. На некој начин, се натпреварувавме во тоа време. Брајан Џонс најмногу од сите мислеше дека се натпреваруваме – сите тогаш се наоѓаа во остра конкуренција – и кога тие се наоѓаа во Америка, ние извлекувавме корист од фактот што не се во Англија, и слично. Но морам да кажам дека бевме пријатели.

Не го среќавав Џон толку често сè додека не се раздели од Јоко, некаде околу 1974 г. Тогаш повторно се зближивме, поточно, станавме многу блиски. Се гледавме во Лос Анџелес, но главно и во Њујорк и во Монтаук на Лонг Ајленд, каде ми доаѓаше на посети. Добро си поминувавме. Ќе пивневме, а потоа ќе се качевме на едрилицата и си седевме таму, свирејќи гитари. Во тоа време Џон го подготвуваше својот нов рокенрол албум и не се стеснуваше да го искористи моето знаење. Поминавме низ сите стари хитови и тој одбра неколку кои му се допаѓаа.

Кога се смири со Јоко, и’ се врати на хибернацијата. Живееше близу мене во Њујорк, но јас веројатно бев опишан како „лошо влијание“, така што не му беше допуштано да се гледа со мене. Еднаш или двапати, кога одев во посета на некои пријатели во Дакота, му оставив порака на која пишуваше: „Живеам во соседството. Знам дека не сакаш да видиш никого, но ако посакаш, те молам, јави ми се“. Никогаш не ми се јави.

Во својот пасош имам белешка на која пишува дека поништувањето на визата е повлечено „поради преседанот со Ленон“. Се судеше поради проблемите со визата поради осудата за поседување марихуана во Англија – всушност, и обајцата бевме уапсени во исто време – и победи по петгодишниот процес и 250 000 долари судски трошоци. Така што, на него се сеќавам секојпат кога влегувам во Америка.

Едно нешто во врска со Џон беше впечатливо: секогаш бевте свесни дека е „вклучен“. Бевте опуштени, но од друга страна, не можевте целосно да се опуштите, бидејќи ако го спуштевте гардот, ако кажевте нешто глупаво, веднаш ќе се нафрлеше на вас и ќе ве „исплескаше“. Мислам дека сета таа слава и сите тие пари придонесоа да стане резервиран и повлечен, најпрвин ментално, а потоа и физички. Но Битлси отсекогаш го имаа тоа чувство дека не можат да излезат. Живееја под стаклено ѕвоно; на пример, никогаш не излегуваа на улица да купат цигари и знам дека го коментираа фактот што јас го правам тоа. Во тоа време, се разбира, купишта девојки клечеа пред нашите врати и не можевме да излеземе. Моравме да праќаме некој да ни купи сладолед. Но подоцна можевме да излеземе и да водиме нормален живот, освен тоа што луѓето нè застануваа на улица и нè поздравуваа. Но Џон продолжи да води повлечен живот сè додека со Јоко Оно не се преселија во Њујорк. Таму се чувствуваше многу послободно. Ќе излезеше на улица, а луѓето ќе му речеа: „Здраво, Џон“, и тоа беше сè. Му се допаѓаше тоа, но мислам – и во тоа се состои иронијата – дека и понатаму сакаше да остане заштитен од надворешниот свет.

Извор: P.U.L.S.E.

ОкоБоли главаВицФото