Рамнотежа

03.08.2015 10:38
Рамнотежа

Го гледав пејзажот на Арктикот одозгора
и мислев на ништото, на прекрасното ништо.
Го гледав белиот свод на облаците, бескрајниот
простор каде не можат да се видат траги од волци.

Мислев на тебе и на празнината
што може да вети само едно нешто: изобилие
и дека еден вид снежна пустелија
се распрснува од премногу среќа.

Како што се доближувавме до слетувањето
ранливата земја се појавуваше меѓу облаците,
комичните градини заборавени од нивните сопственици,
бледата трева истоштена од зимата и ветерот.

Ја спуштам книгата и веднаш чувствувам
совршена рамнотежа помеѓу будноста и сонот.
Но кога авионот ја допре земјата, а потоа
грижливо кружеше низ лавиринтот на аеродромот,

Повторно не знаев ништо. Темнината
на дневните скитања продолжи, слатката темнина на денот,
темнината на гласот кој пресметува и мери,
памети и заборава.

Превод од англиски: Иван Шопов
Слика: Quwatha Valentine

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото