Човек кој се сеќава на секој ден од својот живот

03.08.2015 12:52
Човек кој се сеќава на секој ден од својот живот

Џои Деграндис на 9 јули 1995 го пoсетил аквариумот „Шед“ додека со семејството бил на одмор во Чикаго. Тој ден не бил посебен по ништо, но тој се сеќава како да било вчера.

Имено, овој 30-годишник го памти до најситни детали речиси секој ден од својот живот од десеттата година.

Деграндис е меѓу шеесетте луѓе во светот на кои им е дијагностицирана хипертимезија, состојба на поседување исклучително прецизно автобиографско памтење.

Иако овој единствен талент не му овозможува на Деграндис да се сети на секоја секунда од секој ден, тој може да се потсети на повеќе искуства од повеќето луѓе.

„Можам да се вратам точно во одреден миг или датум, а потоа да ги набљудувам деталите“, вели тој.

„Памтам што сум чувствувал и доживеал во одреден ден и потоа размислувам за тој период. Имам чувство како повторно да доживувам некои денови.“

Иако се чини дека тоа е извонреден талент, тоа е меч со две острици.

„Тоа е самоанализа на најлош можен начин. Тоа е како сопствениот ум да ви е најголем непријател“, вели Деграндис. Најтешо му е тоа што не може да контролира дали може да се сети на нешто. Тој не може да го спречи сеќавањето на некој особено лош ден, па така често го мачат спомени од училиштето во кое другите деца го малтретирале.

„Не се сеќавам што носеше силеџијата или што носев јас, но точно се сеќавам на зборовите што ми ги кажа и како се чувствував кога паднав во фонтаната“, вели тој. „Се сеќавам дека се обидував да не заплачам, на ходникот и плочките на подот. Тоа е како емоционално патување низ времето. Како вашиот дух повторно да ги доживува истите чувства“, раскажува тој.

Поради својата дарба често има проблеми и на љубовен план, особено ако девојката ја заврши врската без некакво објаснување. Тој тогаш се обидува по секоја цена да дојде до одговор и до детали да ги анализира своите сеќавања на неа.

„Знам дека тоа не е општествено прифатливо и дури терапевтот ми рече дека не треба да го правам тоа. Пристапувам некому барајќи објаснување, а завршувам така што изгледам како будала и притоа ја лутам таа личност“, вели тој.

Деграндис го забележал својот талент на десет години, но дијагнозата ја добил дури на 26. И покрај нејзините негативни страни, тој е оптимистичен и драго му е што ја има таа способност.

„Често се забавувам самиот себе. Кога треба да заспијам, или додека се шетам на улица, размислувам што сум правел на тој ден пред една, две, три години... Тоа е врската со моето минато која ми помага да бидам подобра личност и ми помага да бидам тоа што сум“, објаснува Деграндис.

Извор: B92
Слика: Џејсон Фрини

Слични содржини

Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото