ЕУ мора да внимава на Груевски за реформите

04.08.2015 01:42
ЕУ мора да внимава на Груевски за реформите

Поминаа шест месеци откако лидерот на главната опозициска партија во Македонија обелодени докази за наводна корупција во Владата на Никола Груевски која се однесува на масовното прислушување.

Степенот на наводна корупција и злоупотреба на моќта кој го откриваат овие телефонски разговори, објавени на последователни прес-конференции почнувајќи од февруари, веројатно надминува сѐ што досега е видено на Балканот, уште од распадот на поранешна Југославија.

Македонскиот премиер сѐ уште тврди дека снимките се „креирани“ и дека зад нив стојат „странски разузнавачки служби“, чиј идентитет одбива да го соопшти.

Од друга страна, специјалниот извештај составен на барање на Европската комисија и објавен на 19 јуни, јасно заклучува дека прислушувањето е домашно масло.

„Генерално е прифатено дека изработката на овие снимки е нелегална, дека се случувала во тек на неколку години и дека не била дел од легална судска операција“, пишува во извештајот.

Понатаму се наведува дека „квалитетот, размерот и бројот на снимките генерално наведува на заклучок дека тие се правени во рамките на државниот апарат за разузнавање“.

Наодите во извештајот, изработен од група искусни експерти од областа на владеењето на правото, предводени од почитуваниот поранешен директор во Европската комисија, Рајнхард Прибе, укажуваат на низа сериозни прекршувања извршени од страна на владини министри и високи претставници на владејачката ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, без оглед на силата на обвинувањата, луѓето блиски до Владата и понатаму ги отфрлаат наодите во извештајот, па дури и изразуваат сомнеж за кредибилитетот на неговите автори. Владата пак, се воздржа од коментари, освен повторуваното тврдење дека снимките се „креирани“.

Провладините медиуми одвај го спомнуваат прислушкувањето и намерно не ја емитуваат содржината на разговорите. Во исто време, истите овие медиуми посочуваат кон лидерот на опозицијата како кон вистинскиот виновник за оваа ситуација. Владата го обвинува за заговарање државен удар.

Сепак, Владата барем формално ја поддржа листата на итни реформи подготвена од страна на Европската комисија. Оваа листа ги вклучува приоритетните реформи наведени во извештајот на Прибе. Сето ова е дел од договорот потпишан од четирите главни политички партии, вклучително и Премиерот, на 15 јули, во присуство на Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан.

Многу од овие реформи, како оние кои се однесуваат на политичко мешање во судството, веќе се спомнати во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата.

Премиерот, кој сега се обврза дека неговата Влада во целост ќе го спроведе договорот од 15 јули, вклучувајќи ги и сите реформи, во минатото има дадено слични ветувања без да ги исполни. Која е гаранцијата дека овој пат ќе биде поинаку?

Сѐ додека тој и неговата партија продолжуваат да одрекуваат каква било вмешаност во прислушувањето, и покрај сите докази содржани во извештајот на Прибе, и додека одбиваат да прифатат одговорност за наводните прекршувања на владеењето на правото, нема многу надеж дека договорот постигнат со помош на ЕУ ќе се почитува.

Судејќи според искуството во последните девет години од оваа Влада, јавноста ќе биде изложена на постојани извртувања на вистината, слични на најлошите практики кои ги применуваат авторитарните режими во Белорусија и Русија.

Единствената опција е да се спроведе ригорозно, директно и постојано мониторирање од страна на ЕУ, ОБСЕ и Советот на Европа, како и од страна на невладините организации, преку таргетирани проекти поддржани од меѓународната заедница и насочени код сите пори на општеството.

Ова треба да вклучува и надзор врз медиумите, за да се пружи отпор на неизбежните манипулации и извртувања на пораките на ЕУ, од страна на владејачката партија и медиумите поддржани од Владата.

Одличниот „Сервис за проверка на факти од медиумите“, проект финансиран од УСАИД, е пример за тоа што треба да се направи.

ЕУ треба да ги примени истите ресурси кои ги користеше за да ѝ се спротивстави на руската пропаганда во врска со настаните во Украина. Тие подразбираат акција за да се зајакне севкупнотата медиумска средина, вклучително и поддршка за независните медиуми, како и подигање на свеста против активностите за дезинформирање.

Оваа недела во Скопје беше пресретнат и претепан уште еден новинар, сопственик на интернет портал којшто е критички настроен кон Владата. Македонија нема да може да избега од сегашниот кошмар сѐ додека владејачката партија продолжува ефективно да ја охрабрува културата на насилство и одмазда и да ги дискредитира многуте гласови кои повикуваат на промена и на почитување на основните човекови права.

Без промена во владиниот став и однесувања кои треба да ги видиме на дело, нема надеж за слободен и фер изборен процес следната година, ниту која и да било друга година.

Коментарот е објавен на ПРИЗМА и на Балкан инсајт

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото