Медиумите не може да ја штитат демократијата доколку не го знаат правото

05.08.2015 10:40
Медиумите не може да ја штитат демократијата доколку не го знаат правото

Клучен механизам за заштита на човековите права претставува правото. Заедно со демократските процедури, тоа е основа на современата демократска држава. Формата (процедурите, правилата, критериумите) претставува претставува битен елемент на демократската држава. Формата обезбедува учество на граѓаните во процесите на одлучување, таа обезбедува ограничување на самоволието на власта и претставува бариера на моќта.

Секое прекршување на правото и на формата од страна на државата треба да претставува црвено светло за медиумите, сигнал дека нешто не е во ред (суштински и системски).

Пренебрегнувањето на формата од страна на државата (владеачката структура) треба да биде адресирано и во никој случај не треба да биде ширено.

За таа цел, новинарите мора да се запознаат со правото, со законите, со структурата на институциите и нивните надлежности.

На пример:

-На синоќешната седница на Владата се донесени сет закони со кои од 1 август 2015 година се укинува плаќањето на продонеси за договорите на дело и авторските договори, како и за сличниот тип договори.
-Владата донесе законски измени за намалување на глобите
-Владата усвои закони за намалување на прекршочните казни
-По итна постапка на владина седница се донесоа измените на низа закони од различни области со кои се регулираат казните, информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев
-За намалување на санкциите за прекршоци, Владата усвои материјални Закони усогласени со Законот за прекршоци
-По седум месеци од донесувањето, Владата на синоќешната седница одлучи од први август да го укине спорниот закон со кој сите хонорарци мораа да плаќаат придонеси за здравствено и за пензиско осигурување. Оваа одлука по експресна постапка, денеска се најде на дневен ред во Собранието

Секој од овие наслови/написи, претставува не само грубо дезинформирање на граѓаните, туку и дезавуирање на уставно воспоставениот систем на власт.

Според Уставот и законите на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е единствениот орган кој носи закони, кој ги менува и кој дава автентично толкување за членовите од законите. Владата на Република Македонија ПРЕДЛАГА закони, БАРА автентично толкување и тн.

Навидум станува збор за минорна грешка, меѓутоа, фактички ова е одраз на суштински проблем кој опстојува во Македонија со години и кој ја прави државата недемократска.

Станува збор за суверенитетот, кој граѓаните го делегираат на пратениците како нивни претставници, а не врз Владата и министрите. Станува збор за правото за партиципација на граѓаните во процесите на одлучување (што граѓаните го остваруваат преку своите избрани претставници). Станува збор за поделбата на власта како суштински елемент на уставно поставениот систем.

Во многу мал број медиуми и на многу проблематичен начин се воведува и Собранието како чинител во процесот на одлучување.

На пример:

-Новите најавени намалени казни денеска по итна постапка поминаа на владина седница. Сега ќе се чека зелено светло од пратениците.

Се стекнува впечаток дека медиумите едноставно ја прифаќаат фактичката ситуација во која Собранието претставува само релеј во донесувањето на законите, без да го постават ова како проблем на практикувањето на демократијата во Република Македонија.

Праксата на лежерно употребување на правната терминологија кое води кон грубо дезинформирање на граѓаните и ја дезавуира контролата која медиумите би требале да ја вршат врз структурите на власта е видливо во многу медиумски известувања.

На пример:

-Законските измени ќе бидат доставени до Собранието, каде се очекува да бидат изгласани по итна постапка.
-Непопуларните закони се менуваат по итна постапка

Според законски и деловнички одредената законодавна постапка:

„По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби.
Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.“

Од правен аспект има огромна разлика меѓу донесувањето еден закон по скратена, односно по итна постапка. Зад терминолошката конфузија која се создава со несоодветната употреба на овие термини, често се крие и фактичка конфузија или, дури и свесно прекршување на правото од страна на владеачките структури (што најчесто останува потполно незабележано).

Не ретко властодржецот калкулира со незнаењето на медиумите и ги злоупотребува со цел ширење дезинформации.

На пример во неколку медиуми беше дистрибуирана информација дека Пешевски како функционер има имунитет заради што полицијата не може соодветно да постапува во конкретен случај на насилство во кој е инволвиран.

-Пешевски има имунитет како функционер.
-Инспекторот во Беко го брани Пешевски – имал имунитет и ништо не му можеле?!
-Откако по седмата прес конференција на Заев стана јасно дека Јанкуловска директно овозможила да им бидат издадени лични карти на граѓани од Пустец, со кои тие ќе гласаат на изборите во Скопје и во други места, Зврлевски има должност да покрене обвинителен акт против неа и да побара одземање на нејзиниот имунитет.

Овие тврдења многу лесно можат да бидат проверени од страна на медиумите. Според член 14 од Законот за Влада (променет во 2006 година):

Претседателот на Владата ужива имунитет, како и пратениците во Собранието на Република Македонија. За неговиот имунитет одлучува Собранието.

Посебно проблематично е кога незнаењето на правото го става медиумот во улога на прекршител на основните права и слободи на човекот. Најлесно прекршувано право е правото на презумпција на невиност. Се’ до донесувањето на правосилна судска пресуда, не можеме никого да го идентификуваме како сторител за конкретно кривично дело, туку, како осомничен.

На пример:

-Убиецот испукал 14 куршуми: Детали за убиството на заменик директорот на УЈП
-Убиецот на Асани е брат на убиениот возач на Зијадин Села
-Се предаде убиецот на Асани
-ОВА Е УБИЕЦОТ НА ЗАМЕНИКОТ НА УЈП: Братот на убиениот возач на Зијадин Села го одмаздил својот брат!
-Полицијата го расчисти вчерашното убиство на Аргетим Асани- кривична за убиецот

Во многу помал број медиуми се појавија и поинакви наслови:

-Во Струга приведено е едно лице, осомниченo за убиството на Асани
-Најново: приведен жител на Велешта осомничен за убиството во Струга
-Полицијата има осомничен за убиството во Струга
-Еден приведен за убиството на заменик директорот на УЈП во Струга

Судот е тој кој ги расчистува случаите, кои утврдува вина за одредено прекршување на законот и кој го санкционира виновникот. Што ако утре се докаже нешто друго? Со кое лице медиумите тогаш ќе се повикаат на презумцијата на невиност, прекршувањето на правото и редица други правни неправди? Редовната флоскула „ние само пренесуваме“ може да се прифати само како несоодветно алиби.

Наместо известување на начин кој претставува очигледно кршење на основните човекови права, ваквите случаи треба посебно да ги заинтригираат медиумите, поради низата контрадикторности во изјавите дадени од страна на МВР, поради спецификата на контекстот во кој се изведени и искуствата со ваков вид кривични дела.

Познавањето на материјата за која што се пишува претставува неопходен предуслов на соодветното информирање. Познавањето на правото е неопходно не само за соодветното медиумско информирање, туку и за заштита на правата и слободите на човекот, за остварување на контролната функција која медиумите треба да ја имаат во однос на власта и пред се за клучната улога која медиумите ја имаат во развојот на демократското општество.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Стивен МекМенами