1018 hPa
60 %
18 °C
Скопје - Нед, 06.09.2026 02:02
1.
Честопати раскошно се слави
Другарот Ленин. Има бисти и големи слики.
Неговото име им се дава на градој и деца.
На најразлични јазици говори се држат,
Собири и демонстрации има
Од Шангај до Чикаго, во чест на Ленин.
Но вака го славеа
Ткајачите на килими од Кујан-Булак,
Мало место во јужен Туркестан:
Дваесет илјади ткајачи на килими навечер стануваат таму
Од бедниот разбој, а треската ги тресе.
Таа се шири: железничката станица е полна
Со брмчење од муви, облак густ,
Што од мочуриштето зад камилското гробје се крева.
Но железницата, која
На две недели еднаш носи вода и дим
Еден ден донесе и вест
Дека ќе се прослави денот на другарот Ленин.
И луѓето од Кујан-Булак,
Ткајачи на килими, бедни луѓе,
Решија и во нивното место, на другарот Ленин
Да му се подигне гипсена биста.
Но кога почнаа за бистата да собираат пари,
Стоеја сите
Плаќаа, а треската ги тресе,
Од своите со мака спечалени копејки,
Со треперливи раце.
А црвеноармеецот Степа Гамалев, кој
Секогаш грижливо брои и точно гледа,
Спремноста ја виде Ленин да се слави,
Се радува тој, но ги гледа и несигурните раце.
И одеднаш поднесе предлог,
Со парите за биста да се купи петрол
И да се истури во мочуриштето зад камилското гробје,
Од каде што мувите идат,
Што предизвикуваат треска.
И така, сузбивањето на треската во Кујан-Булак
Да биде во чест на другарот Ленин,
Кој е веќе мртов,
Но никогаш заборавен нема да биде.
Решија така. На денот на прославата носеа тие
Разлупани кофи со црн петролеум полни,
Еден по друг
И го истураа во мочуриштето надвор.
Така, славејќи го Ленин, си помагаа тие
И помагајќи се себеси, го славеа него.
Го разбраа, значи.
2.
Чувме како луѓето од Кујан-Булак го славеа Ленин.
Навечер, откако петролот купен во мочуриштето
истурен беше
На собирот стана еден човек
И побара на железничката станица да се обеси табла,
Со извештај за тоа што направено било,
На која ќе пишува и за изменетиот план
И за размената на Лениновата биста
За една тона петрол што уништува треска.
И сè тоа во чест на Ленин.
И тие го направија уште и тоа
И поставија табла.
Препев: Душан Томовски