„Олуја“

05.08.2015 14:35
Бура

Величествена воена победа или гнасно злосторство?

Оваа лажна дилема е потребно да се отфрли еднаш засекогаш, бидејќи понудените алтернативи не само што не си противречат една на друга, туку она „или“ меѓу нив, освен што служи како граматички регулатор за национално класифицирање, има цел и да го навреди здравиот разум. Таму може да има место само за едно категорично „и“ или студено повлечен знак за равенство. И тогаш тоа веќе не е дилема туку тврдење кое се изрекува преку масовниот завет на молк: колку воената победа е повеличествена, толку погнасно е злосторството!

Значи, вистината за „Олуја“ (бура на мк, заб. прев.) се клешти низ самата зјапната лага за наводно радикално спротивставените претстави за неа. Од перспектива на хрватскиот национализам, тие претстави се симбиотски поврзани, со тоа што првата го претставува раширениот, а втората потиснатиот сегмент на реалната содржина на „величествената победа“.

Меѓутоа, фактографската вистина за злосторствата е од занемарливо значење во услови кога национализмот станува начин на живот. Нема никој во Хрватска кој не знае за размерите на етничкото чистење спроведено со „Олуја“, за стотиците убиени старци по завршувањето на воената операција, за десетте илјади запалени куќи со јасна порака до прогонетите - да не се враќаат... Но малкумина се оние кои заради таквите „ослободителни активности“ чувствуваат морална непријатност.

Тоа привидно недоразбирање – сите да знаат дека она што го знаат нема да го земаат предвид, а камоли врз основа на тоа да се впуштаат во расудување за доброто и злото – би требало да биде доволно за да ја скрши дури и глумената скрупулозност на либералите собрани под националното знаме: злосторствата, авај, не се попатни „дамки“ на „Олуја“, туку тие „дамки“ се нејзин најблескав дел, за кој не се зборува гласно, но јасно се подразбира.

Заради тоа, сè додека вистината за валканата политика што ја создаде „Олуја“ – политика која не праша за цената на етнички чистата територија – останува херметички затворена во државниот сеф, фактичката вистина за злосторствата нема да може да ја помати радоста на обредното сеќавање на погромот; а тоа сеќавање е такво што несомнениот морален дебакл го обвиткува со аура на светост и со звучна кулиса сочинета од заканувачко ’ржење.

Милитаристичкиот култ на сеќавањето, имено, содржи премолчено тежнеење кон повторно инсценирање губилиште. Тој служи за репродукција на стариот и добар шовинистички занес. Прославата на „Олуја“, со целото ритуално анимирање на воени нагони, е можност да се увериме дека културата на омраза е вгнездена во форма на државен проект.

Христијанскиот демонолог Дени де Ружмон во таа смисла зборуваше за „регресивните заедници“, засновани на минатото. Ако ја имаме предвид неговата напомена дека „противникот секогаш е во нас“, вистинското прашање е колкав е - во славеничкото обновување на залихите омраза спрема етничките наметнувачи - уделот на непризнаениот презир спрема себеси.

Извор: www.portalnovosti.com

Слични содржини

Балкан / Историја
Балкан
Балкан / Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото