1001 hPa
82 %
10 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 19:59
Претставите „Далечна земја“ и „Елза оди низ ѕидови“, според сè, се потполно различни освен според фактот дека минатото во секоја од нив на свој начин игра мошне значајна улога. Салонската драма „Далечната земја“ на австрискиот драмски писател Артур Шницлер од почетокот на 20 век од перспектива на денешното време, делува како своевиден заборавен музеј на тркала, додека камерната драма „Елза оди низ ѕидови“ на современата драматичарка Ивана Шојат Кучи е трауматско копање по минатото на едно уништено семејство. Всушност, таа историја навистина многу му штети на загребскиот ХНК (Хрватскиот народен театар), бидејќи освен салонското кокетирање, лажниот накит и вечерните тоалети, во неа не видовме многу, додека во ЗКМ (Загребскиот театар на младите) претставата „Елза оди низ ѕидови“ историјата е погонско гориво на целата драма.
Она што зачудува е тоа што режисерката на „Далечна земја“, Аница Томиќ, заедно со драматургот Јелена Ковачиќ, се намамила на тенок мраз и историска сентименталност со која доминираат „ликерот и цигарите“, а не острите современи теми, што овие две авторки досега редовно ги лансираа од сцената. Освен тоа, поновите репертоарни ориентации на ХНК станаа сексуални неврози и емотивни кошмари, па така, по „Нора“, „Разбојници“, „Волчјаци“ и „Лулу“, на ред дојдоа и „Далечната земја“, во која се измешани прашања од еротски желби до распаднати бракови, а притоа не е јасно – во пејзажот на виенската сецесија – зошто денес би нè интересирала таа наконтена менажерија.
Од друга страна, нималку раскошната и сценски оскудната претстава „Елза оди низ ѕидови“ на младиот режисер Иван Планиниќ преку говорот на само два ликови успева да го собере во трпка горчина сиот тегобен век зад нас. Семејството од германското малцинство од Осијек кое, како другите свои сонародници, тешко страдало за време и по Втората светска војна, е илустрација на трагедијата на милиони кои скитале низ Европа и безимено умирале во сударот на световите и идеологиите во тој „краток век“ на насилство и смрт. Иронично – да се вратиме на првата претстава – целата трагична епопеја на 20 век почнува во времето на елегантните кружоци кои ги опишува „Далечната земја“, но Аница Томиќ и Јелена Ковачиќ не успеале од тој благороден салон да го извлечат клучниот знак на дефектот, подоцна и пропаст на една цела цивилизација. Во претставата „Елза оди низ ѕидови“ само две глумици, Урша Раукар и Радослава Мркшиќ, успеваат со разложени дијалози и отсутни гласови да ја претстават трагедијата на мајката која го губи целото семејство и сопствените деца во бегалските кампови и логори од Втората светска војна и по неа, и која практично молчи за сето тоа сè до часот на својата смрт. Таа жена и нејзиното „германско“ семејство, во кое едни заминале на поразената, а други на победничката страна, се илустрација на трагичната димензија на самиот живот, во кој образ до образ се приближени идеалите и омразата, љубовта и предавството, радоста и страдањето. На празната сцена двете жени се сеќаваат на сето тоа како да откинуваат лист по лист од некои далечни спомени, страдајќи во тоа сеќавање, но и афирмирајќи ја вредноста на еден мачен живот за кој со години не се зборувало.
Претставите за кои станува збор се разликуваат и според севкупните ресурси и организацискиот погон: „Далечната земја“ се игра на големата сцена во ХНК со првата постава на матичниот ансамбл, во кој доминираат Нина Виолиќ, Милан Плештина, Алма Прица, Олга Пакаловиќ, Никша Кушељ и други, додека „Елза оди низ ѕидови“ формално претставува испит на Академијата за драмски уметности во Загреб, со соработници од кои повеќето се млади луѓе кои штотуку стапуваат под светлата на рефлекторите. Овие две претстави покажуваат дека театарот е чудо и дека во него нема влезници кои гарантираат успех: гламурозните замисли често произведуваат слаби резултати, а навидум скромната продукција раѓа возбудливи театарски настани.
Извор: http://www.portalnovosti.com