Преродба во сто жртви

06.08.2015 09:55
Преродба во сто жртви

Во мојата вечна земја Македонија, луѓето имаат краток рок на траење. Или бегаат во стилот „каде очи - таму глава“, или гинат како муви. На патишта, на пруги, во поплави, во пожари, во реки, во езера, на свадби, на избори, на фестивали на пиво, на конгреси на пастрмајлии... едноставно, како за нас да нема лошо место, погрешно време или чурук начин за умирање. Едно кутро болно дете почина чекајќи пари за операција од ресорното министерство, други деца се удавија од тетовскиот порој, трети деца, заедно со мајката загинаа одејќи на одмор во Грција, четврти деца, заедно со родителите настрадаа под возовите, и така, нашата тажна преродбеничка приказна во „100 жртви“ си тече преку изгубени животи. Башка што на делницата Радовиш – Струмица, или Штип – Кочани, годишно гинат дузина луѓе, небаре се води друмска војна како во „Лудиот Макс“. Башка што на прилепскиот пивофест секоја година животите ги губат во просек по пет млади луѓе. Башка што нашите полициски акции завршуваат со жртви како во локална граѓанска војна. Башка што и политичките недоразбирања ги решаваме со калашникови.

И така, кога пишувам за ниската цена на животот во мојата Македонија, која понекогаш ја доживувам и како земја на смртта, пред очи ми доаѓа една мисла од ненадминливиот циник, Бранко Тричковски, кој вели: „Ако е точно дека Македонецот во маки се раѓа и во маки си умира, тој би требало да е животно заинтересиран да умре час поскоро!“

А Владата си прави панорамско тркало на Вардар.

А премиерот и министрите си делкаат пи-ар сликајќи се пред унесреќените тетовци, ветувајќи им отштета.

А на семејствата на загинатите во кумановската Дива населба, веќе им дадоа паричен надомест за починатите лица и со тоа јавно се пофалија.

А и на малата Тамара ѝ ги префрлија парите за операција откога се прости со животот.

Токму затоа, една од работите кои никогаш нема да ти ги простам, премудар наш премиеру, не е тоа што ја испокраде државата. Не е ни тоа што ги фингираше изборите, или што ја партизираше државата. Па, дури не е ни тоа што лажеш без да трепнеш.

Никогаш нема да ти простам што профитираш на туѓа несреќа. Како што твојата претходна министерка за внатрешни работи во еден од снимените телефонски разговори се истуфка што смртта на Мартин Нешкоски го маргинализирала медиумскиот настан со апсењето на Љубе Бошкоски, така и ти, некрофилски, следен со телевизиски екипи, глумиш загриженост за катастрофите на твоите граѓани. Правиш насекирана фаца пред несреќниците, а им се обраќаш на снимателите и нивните вклучени камери. За подоцна, ударните вести на твоите телевизии да почнат со „премиерот Груевски денес ги посети регионите зафатени со поплавите...“.

Ако навистина те потресла судбината на луѓето зафатени од природните стихии, чуму ти се телевизии, ој, преучен мој премиеру? Ако си толку по лопатите за фрлање малтер по разни камен-темелници, фати се за лопата и кога треба да се отстранува надојдената кал и шут низ Шипковица. Кога треба да се бараат исчезнатите луѓе, кога треба да се пробиваат премини, кога треба да се спасуваат животи, а не само кога треба да се сликаш.

Ако те згрозуваат снимките од здробените автомобили и секојдневните албуми-некролози од загинатите на македонските патишта, чуму ти се панорамски тркала, неповторлив наш пастиру? Гради патишта за живите, а не споменици за умрените, ти велик македонски сину.

Ако те вознемируваат вестите за жртвите во вооружени престрелки низ Македонија, зошто ти се купиштата рестриктивни закони за ограничување на носењето и поседувањето оружје, кои никој не ги спроведува? Нели ти си телевискиот загрижен татко на нацијата, ти си тој што треба да иницира акција за одземање на нелегалното оружје. Јавна тајна е дека посебно во западниот дел на Македонија го има во неограничени количества. Ти треба да покренеш масовна рација за откривање и конфискување на оружјето, а не да се топориш пред камери и да раскажуваш гачки за „странски служби“, преумен мој премиеру.

Патем, лично јас пред точно десет години ти подарив книга насловена „Working with experts“ или „Работење со експерти“. Зошто ја избрав баш таа книга? Затоа што твоите претходници се однесуваа како да го испиле целото знаење на светов и затоа што се надевав дека ти, за разлика од нив, ќе знаеш колку не знаеш и дека ќе посакаш да знаеш каде и кому можеш да се обратиш ако ти треба помош. Колку сум била наивна (накај глупава) очекувајќи дека ќе ја прочиташ и примениш во управувањето и организирињето на државава. Ништо не си прочитал. Ништо не си научил. You know nothing, Gruyow!

И не само што не знаеш ништо, туку и твојот елементарен недостаток од стратешко планирање, твојата некомпетенција и незнаење, ги прикриваш со прибирање на плукни-залепи информации.

И не само што не знаеш ништо, туку и не чувствуваш ништо. Во неколку мандати, оваа терминално болна мајка Македонија ја клукаш со аналгинчиња, а ѝ наплаќаш скапи онколошки препарати. И не би било толку трагично, кога реализацијата на твоето „ми текна, Миле“, твојата површност, твојата алчност и твојата суета не би морале да ја платиме и со човечки судбини. Со човечки животи.

Знаеш ли што значи ерозија, неповторлив мој премиеру? Тоа е разрушување и разнесување на материјалот или земјиштето, во недостаток на цврсти темели или недостаток на коренов систем. Твојот начин на владеење направи ерозија не само на политичкиот и економскиот систем во земјава, туку и на волјата за живот и на вредноста на еден човечки живот.

Ти, Никола Груевски, го направи тоа. Затоа си виновен и тоа никогаш нема да ти го простам.

А бидејќи си тотално неписмен и елементарно неначитан, еве ти еден стих од збирката „Стракови трева“ од Волт Витмен, наменет за таквите како тебе. За луѓето без совест:

„... кој годе чекори барем осмина милја без сочувство, тој сигурно оди на сопствениот погреб нагрнат во мртовечки плашт“.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото