Сукцесијата на заедничкиот имот заврши, а оставнината на Јосип Броз ја крчмат неговите наследници

06.08.2015 11:09
Сукцесијата на заедничкиот имот заврши, а оставнината на Јосип Броз ја крчмат неговите наследници

Пред извесно време, во дневниот печат ми направи впечаток една вест, дека Словенија бара од Белград да ѝ бидат вратени некои уметнички вредности, кои сè уште се навоѓале во Белград. За какви уметнички дела се работи не беше кажано во информацијата.

Тоа ме натера да се вратам на една колумна што ја обавив уште во 2003 година во весникот Дневник. При десолуцијата на секоја заедничка држава се пристапува кон процесот на поделба на заедничкиот имот. Пример за брзо, ефикасно и цивилизирано делење на заедничкиот имот, во поновата историја, претставува поделбата на имотот на сегашните Чешка и Словачка Република, чија заедичка држава Чехословачка, престана на постои на 31 декември 1992 година. Од 1 јануари 1993 година веќе постојат двата нови државни субјекти.

И по распадот на СФРЈ почна процесот на поделба на имотот на дотогашната заедничка држава. Но, овој процес не беше ни брз ни ефикасен. Во прво време, процесот го кочеше Слободан Милошевиќ, кој својата државна творба, Сојузна Република Југославија, ја сметаше за наследник на поранешната заедничка држава. Дури по неговото паѓање во 2000 година се покажаа повидни резултати. Предмет на сукцесија беше заедничкиот имот во странство и некои девизни средства и депозити во странските банки. Колку е успешен процесот на сукцесија не сум меродавен да давам своја оцена. Меѓутоа, уште тогаш ми направи впечаток, а и денес не ми е јасно, зошто како предмет на сукцесија не беше и оставнината на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Покрај сите контроверзи кои се плетат околу неговото име и начинот на владеење, едно е наполно јасно, Јосип Броз Тито не бил преокупиран со лично богатење и од сите објекти и скапоцени опреми во нив кои му биле на располагање, ништо не присвоил или приватизирал и не им оставил на своите наследници. Очевидците кои го попишувале неговиот имот после неговата смрт, нашле три штедни книшки од запишани заеми, коио се распишувале во земјата, еден хонорар од некој германски издавач, сè во вкупна вредност од 47.000 германски марки, а во неговата работна маса и витрини, пронајдена готовина во девизи, останата од патувањата по светот, а сето тоа веднаш било уплатено во буџетот на федерацијата. По неговата смрт не останаа тајни девизни конта во странски банки ниту тајни сефови, како што тоа е манир на многу диктатори по светот, меѓу кои од некои злобници е вбројуван и Јосип Броз. Ниту неговата законска сопруга, Јованка Броз, не доби ништо од тоа со кое располагал Тито, а еден сојузен функционер, по некоја случајност Македонец, веднаш ја исфрлил од резиденцијалниот објект - целиот живот таа го помина во недостојни услови за една прва дама, без никакви принадлежности, во студ и мизерија, како човек без свој идентитет, бидејќи личните документи, лична карта и пасош, ѝ беа врачени дури неколку месеци пред нејзината смрт. Нејзиниот третман беше голем срам за Србија. Согласно на својот идеализам, дека и по него, младите ќе се инспирираат од неговото дело, Тито го прогласи 25 мај за Ден на младоста, а се формира и сојузна институција, Музеј 25 мај, во кој се собраа сите подароци и лични предмети на Јосип Броз и беа ставени на увид на јавноста.

По смрта на Тито, Музејот 25 мај стана музејски комлекс и кон него припаднаа Резиденцијата во Ужичка 15 / 3 000 м2 /, ловечката куќа /310 м2/, брвнарата, билијарницата, фотолабораторијата и работилницата. После разделбата со Јованка, беше изградена и нова вила „Мир“, во која Тито никогаш не влегол.

Се проценува дека Тито за време на своето владеење добил 100.000 подароци, од земјата и  странство, располагал со голем возен парк, од поголем број специјално произведени авомобили, Синиот воз, три јахти на Бриони, бродот Галеб и неколку авиони. За автомобилите распишувани биле лицитации за продсжба, но се тврди дека во осумдесеттите години, Словенија со помош на Стане Доланц, присвоила 15 скапи автомобили.

Фондот на Титовиот музеј се состои од неколку дела- збирки. Прво е личниот архив на Јосип Броз, поделен во неколку фондови, потоа збирката на личните предмети, збирката на одликувања, збирката на штафети, археолошката, нумизматичката и филателистичката збирка, збирката на старо оружје, моделите на историски бродови, ликовната и етнолошка збирка, збирката на фотографии, на повелби, плакети и клучеви на градови. Сите збирки содржат дела со непроценива уметничка и историска вредост. Јосип Броз ги прими најголемите југословенски одликувања, кои покрај другото претставуваат значајни уметнички артефакти, изработени од скапоцени материјали, а од 61 странска земја има примено 106 највисоки одликувања. Збирката на штафети има повеќе од 22.000 парчиња, изработени од познати и непознати уметници. Археолошката збирка е најмала во фондот, но затоа пак во неа се наоѓаат многу вредни примероци, од третиот милениум пред нашата ера до 12 век од нашата ера. Четириесет и два предмети од оваа збирка им припаѓаат на културите на стариот Египет, Грција, Рим, на Илирите, претколумбовска Америка, Персија и на старите индоазиски култури. Во нумизматичката збирка се навоѓаат неколку вредни римски монети, како и комплетната колекција на југословенските пригодни медалјони и пари. Не е помалку вредна и филателистичката збирка. Во збирката на старо оружје има исклучително вредни примероци, како што е сабјата што ја добил од Сталин пред завршувањето на Втората светска војна, како и сабјите на Синан – паша и на персискиот шах Абаз од 17 век.

Ликовната збирка е една од најбогатите, со 3.886 примероци. Покрај делата на најзначајните југословенски сликари на 20 век, се наоѓа и слика од холандски мајстор од 17 век, италијански мајстор од од 18 век и др. Во збирката има и една охридска икона од 16 век, како и мапа цртежи од Никола Мартиноски на темата Младост. Збирката на применета уметност содржи околу 3.000 предмети, изработени од благородни метали, порцелан, керамика, стакло, слонова коска, текстил и особено мебел. Најстарите предмети се од 17 век од Кина, а поголемиот дел датираат од 19 век и периодот меѓу двете светски војни. Етнолошката збирка со преку 4.500 предмети, според разновидноста, географското потекло, естетските вредности и квалитет, се вбројува во највредните етнолошки збирки.

Како што рековне погоре, голем број од предметите во овие збирки, се со огромна уметничка, историска и материјална вредност. Јосип Броз е еден од малубројните носители на големото советско одликување, Орденот на победата, кој е востановен со указ на Президиумот на Врховниот совет на СССР на 8.11.1943 година. Носители на ова големо одликување, изработено од злато, емајл, рубини и дијаманти, се најголемите војсководци од Втората светска војна, 12 советски маршали, како Жуков, одликуван два пати, потоа Сталин исто два пати и маршалите Рокосовски, Малиновски, Толбухин, Коњев и др. Од странските носители на ова одликување се генералот Ајзенхауер, Монтгомери, еден полски генерал, романскиот крал Михаил и Јосип Броз Тито. Одликувањата на Ајзенхауер и Монтгомери се чуваат во нивните спомен куќи. Орденот од кралот Михаил е продаден од Чаушеску за милионска сума долари. Тоа е само еден пример да се стекне претстава какви вредности се наоѓаат во Титовата оставина.

Со изнесените примери и бројот и содржината на одредени збирки, сакам само да ѝ претставам на нашата јавност какво богатство содржи оставнината на Јосип Броз, која покрај своите историски и уметнички вредности има и голема материјална вредост. Сите изнесени податоци се земени од каталозите на некогашниот музеј на 25 мај. Денес, целиот овој музејски комплекс се нарекува Музеј на Југославија, кој е сопственост на Република Србија. Многу често од страна на Музејот, за пошироката јавност се организираат изложби, на кои се претставуваат поедини артефакти од поедини збирки од археолошката, етнографската, штафетите, сликарската и други. Уште не можам да сфатам зошто оставнината на Тито не беше предмет на сукцесијата, бидејќи тој им припаѓаше на сите народи на Југословенската федерација и сите имаат свој придонес во создавањето на овие збирки. Дали луѓето кои го делеле имотот на поранешната федерација не биле свесни за какво богатство станува збор, многу им било поважно да се дојде до некоја недвижност во странство, која можеби вреди помалку од некои поединечни артефакти? Или пак, можеби требало да се најде некое решение за заедништво, со право сите сукцесори да имаат право на користење и управување. Да биде трагедијата уште поголема, наследниците на Јосип Броз покренаа судска постапка за поделба на оваа оставнина, како законски наследници. Многу е веројатно дека оваа постапка ќе заврши во полза на наследниците и сиот овој фонд ќе отиде во неповрат и ќе се растури по светот.

Мислам дека сличен е случајот и со фондот на Југословенската кинотека, која е една од побогатите установи во светот со кинотечен материјал.

Не знам дали сега не е предоцна да се покренат некои од заборавените предмети на сукцесијата.

ОкоБоли главаВицФото