Напишало или само потпишало, Ивончето излажало

08.08.2015 10:05
Напишало или само потпишало, Ивончето излажало

Мнозина ќе ме прашаат зошто си го абам времето со квазиновинарка која во „Вечер“ од 4 август 2015 година нѐ „просветли“ дека продажбата (!) на уставното име нѐ оставила (!) надвор од ЕУ и НАТО веќе 20 години. Не знам дали ја напишала или само ја потпишала оваа ноторна лага, но оваа лага не смее да се премолчи.

Опасно е колективната меморија да им се препушти на хохштаплери кои прават пиши-бриши според потребите на режимот кој незапирливо тоне и како давеник ја зграпчил Македонија во својата претсмртна прегратка, заканувајќи се да ја повлече на дното.

Најновата отровна манџа зготвена од Ивонче Милионче според рецептот што ѝ го подготвиле нејзините ментори и газди конкурира за првото место на дното од казанот на црната пропаганда со која се трујат умовите на оние кои сѐ уште ги голтаат отровните испарувања на режимската пропаганда. Отровната манџа започнува со елементарни лаги за неколку граѓани од црната листа од 23 имиња, лаги кои треба да ги дискредитираат нив и да ја поткрепат инсинуацијата дека „веќе две години соросоидите се обидуваат да го преземат СДСМ и да освојат власт без избори“. Не, Ивонче, веќе две години граѓаните од црната листа се борат за избори на кои граѓаните ќе можат слободно, без страв од уцени и закани, да ја изразат својата волја која нема да може да биде поништена со фалсификат. Тоа е заедничкиот именител на ангажманот на овие луѓе!

Значи, Ивонче Милионче излажа дека:

1. Мерсел Биљали работи во Фондацијата на Сорос, а ниту работи ниту работел;

2. Мирослав Грчев го води Плоштад Слобода, а ниту го водел ниту го води;

3. Ѓорѓи Спасов го води Институтот Прогрес, а не го води;

4. Лидија Димова го води МЦЕО, а не го води;

4. Сестрата на Радмила Шекеринска (не ѝ го знае ни името!) е во Фондацијата, а не е;

5. Гордана Дувњак е во Управниот одбор на Фондацијата, иако не е веќе две години, токму двете години што ја мачат Ивончето;

6. Сашо Орданоски ја води Транспарентност Македонија, а не ја води;

7. Ленче Николовска за порталот Бриф добила грант од Фондацијата, а не добила;

8. Слаѓана Тасева и Транспарентност Нулта Корупција користеле грант од Фондацијата отворено општество – Македонија, иако не користеле.

Да беше жив, Арбен Џафери ќе се изнасмееше на лагата на Ивончето Милиончето дека соросоидите учествувале „во поттикнувањето немири и обид за уништување на ДПА предводена од Арбен Џафери“. На кои немири и обид за уништување на ДПА (основана 1994 година, м.з.) мисли таа, останува нејасно и непоткрепено подметнување.

А загатката дали нејзиниот гаф дека експертската влада на Кљусев била техничка влада е само резултат на збрка во главата ќе се разјасни кога Ивончето Милиончето ќе ја „разоткрие“ наводно подземната политика која „продолжила до ден-денес“. Соросоидите и СДСМ, клевети таа, „ги подривале и уривале безбедностите сили на РМ во 2001 година повторно за да создадат техничка влада (!) во која ќе влезе СДСМ“. Дали таа мисли на владата на широката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и ДПА во која премиер беше Љубчо Георгиевски? Според таа логика и владата во која до 15 декември 2015 година премиер ќе биде Никола Груевски ќе биде техничка! А со што и како ги подривале соросоидите и СДСМ безбедносните сили на РМ Ивончето не кажува ни збор. Зошто? Зашто нема што да каже. Зашто тврдењето ѝ е лага поголема од Шар Планина.

По истурањето на оваа низа од лаги во памфлетчето на Ивончето се случува пресврт. Од неа наеднаш почнува да блика душегрижништво за здравјето на до пред малку оцрнуваниот СДСМ. Соросоидите ми ти ги урнале Хари Костов и Владо Бучковски, ја спречиле кандидатурата на Игор Ивановски и го маргинализирале Зоран Јовановски, ги поставиле Радмила Шеќеринска и Зоран Заев на чело на СДСМ и отстраниле десетици луѓе од врвот на партијата зашто не биле по вкусот на Радмила Шеќеринска!

Како? Со „директни интервенции преку медиумска пропаганда и традиционалното влијание кај дипломатите“ ја „презеле власта во СДСМ“! Но тоа им е малку на газдите на Ивончето и таа во хајката ќе ја уфрли и лагата дека „фабриката за државни удари Канвас од Белград, речиси три години во Македонија обучува кадри на Сорос кои потоа влегуваат на битни места во СДСМ“.

Ни три години, ни три месеци, ни три недели, ни три дена Канвас ниту обучувал, ниту обучува кадри на Сорос во Македонија! Но, потрагата по милионче за Ивонче не запира овде, таа бапнува уште една мрсна лага, па тврди дека Фондацијата освен сопствените 5 милиони евра годишно, во соработка со дипломатски организации (!), менаџира (омилениот термин на Латас, м.з.) уште 5 милиони евра годишно странски пари! Таа со волшебно стапче го дуплира годишниот буџет на Фондацијата кој изнесува нешто помалку од 5 милиони евра Соросови пари и пари од западни државни донатори. Шта зна Ивонче шта је буџет? Ивонче знае само што е милионче!

Во финалето, душегрижништвото во потерницата потпишана од Ивонче стигнува до крешчендо: Сорос планирал, уривал и провоцирал, а СДСМ извршувал! СДСМ бил заложник на соросоидите и неговите членови ќе требало да изберат дали политиката во државата ја водат партиите и институциите или политичкото подземје, кое ќе ги ставело во заложништво и Македонија и македонските институции! И ете, Ивончето ја пренесе пораката: Амнестија за СДСМ, доколку се ослободи од „соросоидите од подземјето кои бараат власт без избори“ меѓу кои спаѓаат и Заев и Шеќеринска. А потоа на СДСМ ќе му биде дозволено да ја игра улогата на конструктивна опозиција, параван зад кој ќе се прикрива фактот дека Македонија е еднопартиска држава во која командува Груевски!

Не е ова првата крстоносна војна против сите кои не мислат според диктатот на Груевски и груевци. Секоја ноќ, СИТЕЛ и „Вечер“ испорачуваат заокружени и отстрелани непријатели на режимот кој се поистоветил со Македонија и ѝ ја цица крвта како паразит од најдолна сорта.

СИТЕЛ, „Вечер“ и недобројните трансмитери на лагите го плашат народот со „мрачни сили“, „странски служби“, „подземни политики“ и што ли уште не. Одамна ги надминаа Орвеловите „две минути омраза“. И, паралелно со тонењето на бродот на режимот, секојдневно ја зголемуваат минутажата на изливите на омразата и бројот на омразените. Зашто, незадоволството на народот од владеењето на Груевски мора да се пренасочи по секоја цена. Но, залудни се сите гнасни трикови. Груевски е сѐ поосамен. И затоа е сѐ поопасен. Од своите загари го бара невозможното: Падот да му го претворат во подем, поразот да му го претворат во победа. Не му се верува дека е прочитан и отпишан. Никој од неговите нема храброст да му го соопшти тоа.

Фejсбук статус на Владимир Милчин
Слики: Свирачиња