Хуман газда отпуштил бремена жена за да може да поминува повеќе време со детето

08.08.2015 14:43
Хуман газда отпуштил бремена жена за да може да поминува повеќе време со детето

Скопје, 8 август

Директорот на фирмата „Денис експорт комерц“, Денис Петров, на прв поглед не се разликува премногу од останатите директори. Често може да се види како елегантно облечен, телефонирајќи, брзо влегува во својот автомобил и ита на уште еден состанок. Сепак, господин Петров, за разлика од повеќето свои колеги, на кои парите им се на прво место, има некои други приоритети. Во време кога сите се трудиме да бидеме успешни, Петров не ја заборавил најважната човечка особина. Не заборавил што значи да се биде хуман.

Токму поради таа своја особина решил да ја отпушти својата работничка Нена Христовска, само неколку денови откако му кажала дека е бремена.

Директорот Петров го затекнавме во неговата канцеларија, како седи на компјутер и одговара на пораки. Љубезно нè поздрави, нè понуди со виски и започна да ја раскажува својата приказна која ја одушеви цела Македонија.

-Штом Нена ми кажа дека очекува бебе, веднаш помислив - треба да ја отпуштам оваа девојка. Не ѝ го кажав тоа веднаш, бидејќи сакав да подразмислам уште малку за таа идеја. Не сакав да ѝ ветам нешто, а потоа да излезе дека брзоплето сум реагирал - ни открива директорот на почетокот на разговорот. Тој додава дека често размислувал за тоа колку е страшно кога мајките поради работата немаат доволно време да се посветат на своите деца и затоа одлучил да ѝ помогне на својата работничка.

-Сите знаеме дека породилното отсуство не е доволно и дека мајката му е потребна на детето кога тоа има две, три, четири и повеќе години. Знам многу жени кои некогаш од работа доаѓаат доцна навечер, кога веќе е време нивните деца да си легнат и сакав да ја поштедам Нена од таа агонија. На овој начин таа ќе има доволно слободно време да се посвети на одржувањето на бременоста, како и на своето дете кога ќе се роди - вели овој директор и додава дека многу негови колеги со денови му се јавуваат по телефон и се восхитуваат на овој прекрасен гест.

-Би лажел ако речам дека потајно не се надевам дека мојот потег ќе ги инспирира и другите газди да им помогнат на бремените жени и младите мајки на овој начин. Па, колку често се случува да кажеме дека мајките не можат доволно да им се посветат на децата кога ќе се разболат и мораат да го усогласат одењето на доктор со работното време? Да не зборуваме за сите проблеми околу запишувањето на детето во градинка, барањето врски и слично. Многу сум среќен што Нена нема да мора да поминува низ сево ова, туку по цел ден ќе биде покрај своето дете. Лицемерно е да зборуваме за бела чума во Македонија, а истовремено да ги држиме на работа бремените жени и младите мајки - вели Петров и напоменува дека е среќен што ова е јасна порака за сите жени во неговата фирма, која секако ќе мотивира многу од нив што побрзо да се реализираат на полето на мајчинството.

Извор: www.njuz.net