Патувачкото кино на „МакеДокс“ тргна на пат во славна Дебарца

10.08.2015 09:41
Патувачкото кино на „МакеДокс“ тргна на пат во славна Дебарца

„МакеДокс“ тргна на Патувачкото кино, кое годинава од 10 до 22 август ќе се одвива во областа Дебарца. Патувачкото магаренце на „МакеДокс“ ќе посети десет села од оваа област и ќе овозможи синеастичко доживување со документарни филмови од својата програма.

Дебарца е полна со легенди, историја, археолошки наоѓалишта и фудбалски екипи. Дом е на долгогодишна ликовна колонија и домаќин на фестивал на изворната песна. Некогашното изобилство со храбри револуционерни и партизански срца ѝ го носи епитетот славна. Тука живеел и дејствувал Кузман Капидан, јунакот опеан од Григор Прличев. Со својата чета во Дебарца често престојувал македонскиот револуционер и војвода Христо Узунов. Од тука во 1942 година тргнува Првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, додека во 1943 година е формирана Првата македонско-косовска народноослободителна бригада. А летово, баш тука стигнува Патувачкото кино на „МакеДокс“ – во Дебарца, каде има изобилство на изворска вода, планински воздух, муабет со мештаните, филмови на отворено.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава ќе ги посети и ќе ја пренесе сензацијата на синеастичкото доживување во десет села на славна Дебарца, по следниот распоред: село Волино (10 август), с. Белчишта (11 август), с. Издеглавје (12 август), с. Мешеишта (14 август), с. Слатино (15 август), с. Ботун (16 август), с. Злести (18 август), с. Оровник (19 август), с. Лешани (21 август) и село Велмеј (22 август).

Патувачкото кино е старо колку и Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и веќе шеста година со своето патувачко магаренце ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија. Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

„МакеДокс“ го реализира Патувачкото кино со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ, во соработка со Кинотеката на Македонија и сопствено вложување во проектот.