Тампонот – културните, политичките и технолошките корени

10.08.2015 10:55
Тампонот – културните, политичките и технолошките корени

Комерцијалниот тампон каков што го познаваме денес е обликуван и модификуван во долга низа години под закрила на грижата за здравјето на жената, капитализмот, сексизмот, но и под влијанијата на феминистичкото движење. Но, како почнало сè?

Првите тампони, зависно од културата, биле изработени од најразлични материјали; Египќаните, на пример, посегнувале по тенок и омекнат папирус, а Римјаните по волна. Во Јапонија, основата била хартија завиткана со завои, а во Африка тревата. Жените во Индонезија, пак, користеле разни растителни влакна. Записите на Хипократ сведочат за користење отпадоци од памучни влакна замотани околу лесно дрво.

Впивачкото снопче со конец, изглед кој е препознатлив и денес, се појавува кон крајот на 18 век во Европа, но тогаш сè уште не се користел како денес. Пол Ф. Мунде, американски гинеколог од 19 век, наведува осум начини за користење тампони, од кои нивната денешна улога не е ни спомената. Биле користени дури и како контрацепциско средство.

Малку подоцна, 1879 година во British Medical Journal, бил претставен вагиналниот тампон на докторот Авелинг. Опишан како апликатор со мал стаклен вагинален спекулум и дрвено стапче, бил означен како нов медицински производ за жени, кој, интересно, во случај на потешкотии при ставањето, ќе мора да биде вметнат од страна на медицински персонал.

Логиката била следна: тампонот, составен од волна и конец, се наоѓал во апликаторот и бил намачкан со глицерин. Не се знае дали жените навистина го користеле, ниту за која цел поточно.

На преминот од векот, тампонот поактивно се споменува во медицинската литература; британското издание на Речникот за медицински сестри го дефинира вака:

„Парчиња волна замотани со газа кои се користат за воведување во вагината. Понекогаш во средината имаат капсула која содржи карбонска киселина или тимол кои се разложуваат непосредно пред употребата за антисептикот да се прошири на целата површина. Вообичаено, за тоа е прицврстен конец кој можел полесно да се извади“.

Дефиницијата не ја наведува менструацијата како причина за користење, а се верува дека во тоа време генерално бил сметан за средство за лекување болести и собирање неменструални течности.

Во раните деведесетти се јавува првата идеја за тампонот како средство кое се користи за време на менструација и тоа благодарение на Џон Вилијамсон. Тој дупнал кондом, го наполнил со меки и лесни впивачки вати и му го покажал на својот татко, по струка медицински советник, како решение за менструација. Наводно, тој бил згрозен и ја отфрлил идејата.

Една деценија подоцна, Ерл Кливленд Хас, запознаен со непријатностите на својата жена за време на менструацијата, го развил првиот комерцијален тампон од компримиран памук кој набрзо се појавил на полиците од продавниците. Производот бил патентиран 1933 година, а со поврзување на зборовите тампон и вагинални пакети (vaginal packs) се создава и денес познатиот бренд Tampax.

„На многу луѓе идејата дека жените, а особено младите девојки, го допираат пределот на вагината, била изразено непријатна“, истакнува Шара Л. Вострал, авторка на книгата Unger Wraps: A History of Women Menstrual Technology.

Во јавноста имало многу дискусии за проблематичноста на тампонот заради можноста да се оштети хименот, односно да се случи случајно губење на невиноста, што е популарна идеја и денес. Ги измачувало и дали жената би можела да постигне непримерно уживање при вметнувањето тампон. Сепак, истражувањата спроведени пред самиот крај на Втората светска војна покажале дека корисниците на тампони и понатаму во голема мера самите изработуваат тампони според сопствена мерка.

До пресврт дошло благодарение на гинекологот Џудит Есер Митаг, која развила дигитален, односно тампон без апликатор кој ќе стане еден од најпопуларните и широко применувани тампони, тампонот О.Б. Медицинските мислења биле поделени.

Пазарот на тампони сè повеќе се развил и така се проширила и понудата, па на полиците можеле да се најдат Lilletes, Meds, Pursettes... Роберт Л. Дикинсон, еден од авторите кој ги истражувал навиките на жените за време на менструалниот циклус и нивното користење на претходните производи, истакнува дека веќе преку името на производите е нагласена нивната медицинска улога, но паралелно се маскира причината за нивната употреба. Тоа поттикнално разни феминистички групи на јавно дејствување.

„Што е толку шокантно, одвратно и срамно околу нешто што ѝ се случува на повеќе од половината од светската популација“, се прашувале.

Во осумдесеттите во светот одекнала веста дека тампоните предизвикуваат синдром на токсичен шок (ТСС). Во 1980 година биле пријавени 55 случаи со овој синдром, од кои седум со фатален завршеток. Центарот за превенција и контрола на болестите објавил поврзаност на болеста со користењето тампони, а меѓу жените се појавила паника.

Нови жртви на синдромот се јавувале секојдневно, а јавноста шиканирала и ја доведувала во прашање исправноста на сите менструални производи. Тампонот Rely, кој во тој период го користеле речиси четвртина од сите корисници и кој по своето појавување претставувал револуција на пазарот со тампони заради своите синтетички состојки и супервпивачка целулоза, бил повлечен од продажба кога било утврдено дека токму таквиот состав предизвикува шок.

Тогаш, за првпат, во јавноста започнале иницијативи дека со тампоните треба да има и попис на состојките. Инаку, тоа не се случува ни денес. До 1983 година пријавени се над 2 200 случаи ТСС, со тоа што повеќе од 80 проценти биле жени кои користеле тампони.

Истражувањата продолжиле, а кога Агенцијата за храна и лекови објавила дека причината за шокот е бактерија која се наоѓа кај мал број жени, хистеријата се смирила. Понатамошните испитувања се тргнале од индустријата со тампони и таа продолжила да ги избегнува посериозните прописи.

Истата година, тампоните заминале во вселената. Со себе ги носела Сели Рајд, третата жена во вселената, а прва од САД.

Назад на земјата тампоните еволуирале и понатаму. По една година протести каде на првата линија стоеле разни феминистички групи, конечно бил усвоен предлог на нив да биде назначена денес стандардизираната моќ за впивање како „regular“, „junior“, „super“ и „super plus“.

Бил разработен и модифициран и системот за извлекување на тампонот. Додека новите и посовремени системи ја зголемувале продажбата и популарноста на тампонот, повремено се појавувале иницијативи кои ја истакнувале неговата штетност и канцерогеност, на пример, Студентската коалиција за околина и акција. Била одржана и првата конференција против тампоните на Универзитетот Џејмс Медисон.

Денес, просечна американска жена троши повеќе од 16 000 тампони во текот на својот живот, а севкупно ги користат повеќе од 43 милиони Американки. Американската канцеларија за нови патенти постојано добива разни предлози поврзани со тампоните, како тампони со индикатор за заситување, за повеќекратна употреба или вибрирачки тампон. Неодамна беше претставен и тампонот кој би требало да превенира ХИВ.

Едно од важните, сè уште неодговорени прашања е она за регулација на огромниот пазар со тампони и менструалните потреби. Во 1997 година бил предложен правилникот – The Robin Danielson Act, наречен според жената која умрела од ТСС кон крајот на деведесеттите, а кој би требало да ги регулира истражувањата на тампоните и неговите состојки и да ги надгледува новите производи и нивната потенцијална штетност.

Микробиологот Филип Тиерно, еден од поддржувачите на таквиот правилник смета дека причината за неусовојувањето е сексизмот.

„Доколку мажите во Конгресот имаа вагини, тој закон веќе одамна ќе беше усвоен“.

Извор: http://www.voxfeminae.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото