Општество на патолошки лажговци

10.08.2015 10:56
Општество на патолошки лажговци

Кога во својот последен есеј напишав дека партиите треба да седнат во иста влада, по мизеријата на објавените снимки кои ги стресоа пристојните луѓе на оваа земја, за момент поверував дека во раководствата на сите партии конечно се роди свест за лошата состојба во која што се наоѓа македонската држава и волја ситуацијата да се промени. Сега знам: не постои ниту свест, ниту волја. Ниту трошка. А, без свест и волја нема елементарна соработка, без која, пак, нема излез од кризата и нема брз политички напредок за земјата. Темелниот извештај на Прибе за состојбите со нашите политички институции, во кој се дефинирани целите, сепак, е полесниот дел од патот кон излезот од кризата. Во политиката секогаш е најтешко да се одговори на прашањето како да се стаса до определена цел. Зашто, секој, без многу да мисли, ќе ви рече дека е за слобода, демократија, правна држава и останатиот демократски арсенал, но длабоко ќе се замисли на прашањето:„Како до целта?“. Во нашиот конкретен случај: како да се стаса до нормална демократска Македонија? Одговорот „како“ ни го нуди договорот од Пржино.

Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека договореното е минимумот на сите минимуми, за тоа како да се избегне тепачка на улиците на несреќната држава, и како да отпочне мирната разврска на кризата во институциите. Ништо повеќе од тоа. Притоа, Пржино не е израз на свеста и на волјата на партиите за спасување на државата, така што ќе произведат систем кој ќе ги стави под контрола партиските екцеси, туку производ на надворешен притисок. Затоа, Пржино е само одложување на војната, со надеж дека таа може да биде и избегната. Но, нема сомневање, Пржино е подготовка за нови, уште пожестоки, пресметки помеѓу партиите. И повторно, со надеж дека тие, барем извесен период, ќе останат во институциите и нема одново да се прелеат на улиците. Затоа, со загриженост треба да ја очекуваме есента. Мала утеха е тоа што можеби, во иднина, од овој конфликт ќе се роди нешто корисно: пристојното општество. А, изјавите на политичарите за спремност за соработка денес? Лага. Следејќи го нивното поведение по потпишувањето на договорот кој, засега, е само слово на хартија, заклучувам дека тоа се само празни зборови на луѓе кои по навика мислат на еден начин, зборуваат на друг, а делуваат на трет. Притоа, мораме да сме свесни за длабочината на корените на ваквото поведение: дека нашите политичари се само припадници на народи на кои измамата им е блиска, а фактите се факти само ако им одат во корист, па оттука и тешкотиите со вистината и со правдата. Ние, имено, сме патолошки лажговци, комотни во лажењето, кои не отстапуваат ниту кога се соочени со непобитните факти на вистината. Значи, такви политичари одговорни пред такви народи ќе го спроведуваат договорот од Пржино.

Да, не лажат само политичарите. Лаже целото општество, зголемувајќи ја со лагата моќта на оние на врвот и загрозувајќи ја државата и нејзината иднина. Лажеме кога не признаваме дека сè околу нас е зафатено со истата зараза од која боледува државниот врв – измамата, недговорноста, насилието во сите негови форми... Лажеме кога јавно не признаваме дека измамата ни е поблиска од чесноста. Лажеме кога, како професори, велиме дека некаков специјален јавен обвинител ќе има историска мисија во спасувањето на Македонија, а не кажуваме какво образование и чувство на интегритет сме му всадиле на тој правник на студиите на Факултетот. Лажеме кога се вклучуваме во критиката на државниот врв, а го криеме сопственото недемократско поведение во пресудни моменти за земјата. Лажеме кога, за да го спасиме сопственото достоинство од инструментализацијата на лустрацијата за пресметка со неистомисленици на сегашната власт, пропуштаме да укажеме на злоупотребите на моќта во времето на еднопартискиот систем. Лажеме кога се залагаме за права и слободи на човекот, а упорно ја усовршуваме вештината од претходниот систем, да свлечкаме некого на земја и да го држиме таму. Лажеме кога покажуваме грижа за сиромашните а не спомнуваме дека во годините на независноста сме се збогатиле од маките на отпуштените работници. Лажеме кога велиме дека некакви врвни научници ќе се вклучеле во решавањето на големите прашања на општеството откога партиите ќе ја решат сегашнава криза(!?), зашто отсуството на такви луѓе од политичките и правните науки, се една од причините за кризата. Лажеме кога велиме дека на храброста и на великодушноста на другиот ќе се оддолжиме, а ги пропуштаме сите драматични моменти да им се придружиме со збор или со дело. Лажеме или молчиме за големи нешта заради издавање на книга со предговор од некој узурпатор на слободата на печатот или воен профитер. Лажеме масовно кога велиме дека сме за вистината а одбиваме да вложиме грам напор да стасаме до неа и да ја браниме. Лажеме од користољубие, затоа што илјада пати сме виделе како поминуваат измамниците а како чесните. Лажат млади фашисти за да дискредитираат стари демократи. Лажат стари комунисти кога тврдат дека никогаш не лажеле. Лажеме или ја премолчуваме вистината за нешто малку да ќариме. Лажеме иако ја знаеме вистината за секој од нас во оваа наша малечка Македонија.

Како до чесна власт во општество на лажговци? Како во американските филмови, во кои рехабилитацијата на зависниците од алкохол или од дрога почнува со зборовите „Јас сум алкохоличар и се викам...“. На Македонија, а особено на нејзините политичари и интелектуалци, им е потребна долга и упорна терапија со вистината. По падот на комунизмот во СССР, кога се веруваше во магијата на демократијата независно од човековата природа, Елцин на еден од последните конгреси, во името на Партијата ќе рече: „Ветувам дека повеќе нема да лажеме“. Белким, свеста блесна и му наложи да го рече тоа, иако недостигот на волја да се спроведе кажаното набргу излезе на виделина. Кај нас во Македонија, сè уште нема ниту свест, ниту волја да се промениме. Нема ниту сериозни обиди. „Ние сме општество на патолошки лажговци“. Додека тоа не го признаеме и јавно не го изговориме, нема да направиме ниту чекор кон вистината, нашиот вистински спас.

Извор: Плусинфо
Слики: Charlotte Caron