Винтиџ сликовници: Госпоѓица Бјанка

10.08.15 12:22

Гарт Монтгомери Вилијамс (1912-1996) е американски ликовен уметник кој станува познат за пошироката јавност по Втората светска војна, со илустрации за книги за деца. Многу од книгите што ги илустрирал станале класици на американската литература за деца.

Меѓу тие книги спаѓаат и „Алиса во земјата на чудата“, „Вини Пу“, „Малечкиот Стјуарт“, „Срам да ти е, мал киту“ „Мачето каубој“, „Џек јава на виолетов пеликан“ и многу други. Освен како илустратор, тој се јавува и како автор на седум книги за деца.

Најголеми контроверзи предизвикала книгата „Зајачка свадба“ (1958), каде Гарт Вилијамс се јавува и како автор и како илустратор. Книгата, наменета за деца од 3 до 7 години, прикажувa венчавка во шума на бел и црн зајак. Во 1959, сенаторот од Алабама, Е.О. Единс и директорката на Државната библиотека на Алабама, Емили Вилок Рид, со поддршка на Советот на бели граѓани сметале дека книгата треба да биде отстранета од сите библиотеки во Алабама, зашто содржела тематика поврзана со расната интеграција и меѓурасните бракови. Сепак, на крајот книгата не била забранета ниту отстранета од библиотеките.

„Бев сосема несвесен дека животните со бело крзно, како поларните мечки, белите кучиња и белите зајаци се сметаат за крвно поврзани со белите луѓе. Само знаев дека белиот коњ до црниот коњ изгледа многу сликовито“, изјавил Вилијамс во врска со инкриминираната сликовница.

Подолу можете да ги погледнете неговите илустрации за книгата „Госпоѓица Бјанка“ (1962), напишана од Марџери Шарп.

Извор: myvintagebookcollectioninblogform.blogspot.com