Фотографот Иван Блажев со изложба во Њујорк

12.08.2015 16:33
Фотографот Иван Блажев со изложба во Њујорк

Вчера во просториите на Gallery MC во Њујорк беше отворена изложба на фотографии на Иван Блажев насловена како „Соништата на реалноста“.

„Иван Блажев (1974) е фотограф кој од гледна точка на фотографски стил или поетика не е близок до експериментите на авторите кои се обидуваа, најчесто со посредство на фотомонтажата и фотоманипулацијата, во своите дела да создадат нова искуствена или сетилна реалност. Но, тој е многу близок до оној надреалистички сензибилитет за барање на чудесното во секојдневието, за потрага по изблиците на навидум обичниот живот, кои погледнати од една поинаква, специфична перспектива, ни даваат нова визија за она што претставува наше секојдневие.

Иван Блажев припаѓа на оние фотографи кои исклучително го почитуваат предметот на своите уметнички дела. Фотограф кој не сака да навлегува и да го нарушува интимниот простор на својот субјект, не се наметнува. Неговиот идеал е фотограф кој речиси невидливо постои, се доближува, живее околу фотографираниот субјект пред да се реши да го направи клучниот клик. За него фотографот мора да го конструира својот свет на заробени мигови со колку што е можно поголема внимателност кон нив, без да го наруши или да интервенира во нив. А она што најмногу го интересира во тие дискретно уловени микрокосмоси е моментите кога обичната реалност го пробудува и извлекува на површината својот метафизички полнеж и карактер. Затоа неговите фотографии можат да се гледаат и како еден вид поетски изблици на секојдневието, при што поетското најчесто се чита како сложена комбинација од бројни сетилни нивоа – социјални, интимни, општествени, политички… Во тој визуелен културолошки melting pot, Блажев ја бара и ја пронаоѓа есенција на нашето секојдневие, убавината која истовремено е и парадоксална, игрива, инфантилна, сирова, сурова, лирична.
Затоа за неговите фотографии може слободно да се каже дека врамуваат некој сон на реалноста за самата себе, интензивен доказ за нејзината вибрантност, прослава на привлечноста на непретенциозните сцени“, вели Владимир Јанковски за фотографиите на Блажев.

Иван Блажев е роден во Скопје, 1974 година. Дипломирал филмска продукција на Бруклинскиот Колеџ во 1996, а во 2010 се стекнал со диплома на Магистер на ликовни уметности по фотографија на Академијата за уметности во Нови Сад. Предава предмети по фотографија и видео продукција на различни академски и алтернативни образовни институции. Работи како слободен фотограф и режисер. Своите дела ги има изложувано на самостојни и групни изложби во Македонија и ширум светот. Во 2008 год. неговиот проект Македонија Сонувајќи бил дел од програмата Преку ѕидовите – Источна Европа после 1989 на Нордерлихт фестивалот за фотографија. Во 2011 год. дел е од изложбата Фрагменти: Македонска уметничка сцена 1991 – 2011 поставена во Музејот на современа уметност во Скопје. Блажев има издадено 5 книги со фотографии. Неговите фотографии се дистрибуирани преку Анзенбергер Агенцијата.

Повеќе фотографии од Иван Блажев на Окно можете да погледнете овде.

Извор: supermodulor.mk