Циничен и демагошки осврт на Бејли

14.08.2015 09:23
Циничен и демагошки осврт на Бејли

Цинично е подметнувањето на Бејли, кој, изоставајќи ја поддршката на САД, сета одговорност за состојбите во Македонија ја префрла врз „политичките партии поддржани од ЕУ“. И покрај тоа што тој лично преку демонстрација на сила и закана во корист на владејачките партии е клучниот виновник за капитулантскиот договор од Пржино (капитулантски пред криминалот).

Неговото срамно излагање не заврши овде. Констатацијата дека „кризата е предизвикана од слабостите на демократските институции и наводите за злоупотреба на власта“ е индиректен обид за релативизација на чесноста (демократски институции) и криминалот (наводна злоупотреба). Со тоа тој дава отстапница за власта на која имплицитно самиот тoj ѝ го признава демократскиот капацитет во изминатиот период – период во кој се направени најголемите економски, изборни и крвни криминали!

И онака левтерните заклучоци на Бејли за „наводите за злоупотреба“ ќе бидат банализирани по неколкуте оставки од ВМРО-ДПМНЕ (кои, притоа, да не заборавиме, не се поврзани со опозициските бомби, туку со Куманово), со кои наводите за злоупотреба ќе бидат ставени ад акта, додека „демократските капацитети“ на власта ќе бидат и понатаму поздравувани и признаети со поддршка за Груевски и Ахмети, сега зајакнати со „нормализираниот“ Зоран Заев.

Неговата втора манипулација е злоупотребата на 2001 година за оправдување на тековната операција на фрлање песок во очи. Бејли не ги гледа причините за тековната криза во нејзината базична природа предизвикана од корупција, криминал, непотизам, шовинизам инспириран од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ; но затоа ја нагласува „безбедносната загроза за регионот“ под чиј плашт ќе се одвива обединувањето на четирите големи политички партии околу „државниот интерес“ (читај: Никола Груевски и Сашо Мијалков). Накусо, Бејли штотуку ја обзнани позицијата на САД дека немаат намера ни приближно да се откажат од формулата „стабилност-наместо-демократија“ и од истите играчи и принципи (замижување пред криминалнaта хунта).

Говор до грло исполнет со нелогичности, полувистини, дефокусирања, замена на тези, дефанзивно правдање за соучесништво во крахот на Охридскиот рамковен договор („и по 50 години во САД имаме проблем со расизмот“); генерално кажано, Бејли бесрамно попуваше за принципи, без ниту еден збор осуда за клучните виновници за дебаклот на ОРД. А тие виновници стоеја на неколку метри пред и под неговиот нос.

Извор: Фејсбук профилот на авторот