Несвесните догми

14.08.2015 11:00
Несвесните догми

Способни сме да навлеземе во грешката на едно суштество, да му ја откриеме бесполезноста на неговите намери и обиди. Но како да го оттргнеме од неговата упорност дека му припаѓа на времето кога тоа сокрива во себе еден исто толку закоравен фанатизам колку што се и инстинктите, исто толку стар колку и неговите предрасуди? Носиме во нас - како непроценливо богатство - еден куп верувања и одвратни извесности. Па дури и оној што успева да се ослободи од нив и да ги победи, сè уште останува фанатик во пустината на неговата луцидност: спрема себе, спрема својот сопствен опстанок; тој прави да овенат сите опсесии, освен почвата на којашто цветаат; тој ги изгуби сите свои цврсти точки, но не и цврстината што ги поврзува. Животот има понепроменливи догми од теологијата, заради тоа што секое постоење е закотвено во илузијата на вистините што овозможуваат да избледат тешко создадените дела на лудилото или на верата. Самиот скептик, вљубен во своите сомненија, се открива како фанатик на скептицизмот. Човекот е совршено догматско суштество; а неговите догми се дотолку подлабоки доколку тој не ги формулира, не ги познава, а ги следи.

Сите веруваме во многу повеќе нешта отколку што сме свесни за тоа, засолнуваме нетолеранции, негуваме крвави предрасуди и бранејќи ги нашите идеи со екстремни средства, ние минуваме низ светот како скитачки тврдини што не можат да се освојат. Секој за себе е врвна догма; ниедна теологија не го заштитува својот бог онака како што ние го заштитуваме нашето сопствено јас. И тоа јас, ако го опкружиме со сомненија и го ставиме под прашање, тоа е само заради една лажна елеганција на нашата гордост; спорот е однапред добиен.

Како да побегнеш од апсолутното што си ти самиот? Би требало да си претставиш едно суштество лишено од инстинкти, што не би носело никакво име и кому би му била непозната неговата сопствена слика. Но, на светот сè ни ги одразува нашите особености; а и самата ноќ не е никогаш толку мрачна за да нè спречи да се огледаме во неа. Премногу присутни до нас самите, нашето постоење пред раѓањето и по смртта влијае врз нас само како идеја и тоа само неколку мигови; ја чувствуваме треската на нашето траење како вечност што се суши од жед, но кое сепак останува непресушно во својот принцип.

Оној што самиот не се боготвори уште не се родил. Сè што живее се вљубува во себе; - инаку од каде би доаѓал ужасот што пустоши по длабочините и по површините на животот? Секој за себе е единствената фиксна точка во универзумот. А оној што умира за една идеја, умира затоа што тоа е негова идеја, а таа негова идеја е неговиот живот.

Ниедна критика од некаков разум не ќе го разбуди човекот од неговиот „догматски сон“. Таа ќе знае да му ги разниша непромислените извесности со кои изобилува филозофијата и да ги замени ригидните тврдења со пофлексибилни реченици, но како ќе успее таа, преку една рационална постапка, да го растресе од темел суштеството заспано врз сопствените догми, без да го усмрти?

Извор: Précis de décomposition
Слики: Микеле Дураци

ОкоБоли главаВицФото