Филмовите со кои го опишував груевизмот (7 - Маски)

14.08.2015 15:19
Филмовите со кои го опишував груевизмот (7 - Маски)

Даркмен

Се сеќавате на Даркмен? Пореметениот научник кој најде начин да пресадува синтетичка кожа врз лицето? Дури и неговите кожи-лица траеја само 99 минути! Дури и полудениот од болка и страдање Даркмен знаеше за усул! Знаеше дека во своите борби на располагање има само 99 минути... Македонскиот темен водач всушност повеќе наликува на противникот на Даркмен, прематарот и гангстерот Луис Страк кој во една сцена ѝ вели на Џули, девојката на Даркмен: What do you think, Julie? Who's the real monster here? I destroy, to build something better! Whereas you? You're a man who destroys for revenge! Look! Look about you! It's all mine! Because I built it! I built it all!

Кој е, значи, монструмот овде?! Кој е пореметениот кој изградил сè околу нас?! (комплет со она во нас - идентитетот) Кому уште треба да се докажува?! После уште еден обид да се сотрат сите што не сакаат да ги слават кулисите на нашиот Темен град, после уште еден обид да се столчат сите што не се спремни за маската на нашиот врховен магионичар да тврдат дека е најмладото, најнасмеаното и најубавото лице во царството, што воопшто ново може да се каже за политиките на власта исчекорена од орбитите на реалноста?! Кому уште треба да се објаснува дека самопрогласениот спасител доследно и континуирано ја разбива Македонија?! Ја ситни, ја дроби, ги насочува луѓето едни кон други, ги настрвува на меѓусебна борба до истребување, со една единствена цел - неговата банда тотално да завладее.

Во темниот град на ужасот

X-Men

Гледајќи го некни Груевски се сетив на филмот, „X-Men“ на Брајан Сингер, од 2000 година.. Се сетив, поточно, на фасцинантниот лик на Магнето, чудесновишниот мутант кој на еден, според неговите сфаќања, добронамерен начин се обиде да го промени ставот на сенаторот кој имаше намера да воведе антимутантски закон. Магнето, магнетизирајќи го сенаторот, од него создаде мутант - и така си го реши проблемот со потенцијално опасниот закон. Но, за потемелно да го реши проблемот настанат поради разликите меѓу луѓето и мутантите, Магнето едноставно реши сите луѓе да ги изложи на мутации.

Тоа е своевидна педагогија со мускули: нема потреба од убивање; Магнето луѓето ги прави мутанти, присилувајќи ги да го променат своето мислење и одново да ги разгледаат своите предрасуди за тоа што е нормално а што не е. Кога на светот ќе останат само мутантите, ќе нема потреба од антимутантски закон. Магнето го превртува нацистичкиот концепт; наместо „другиот“ да се истреби, тој треба да стане сличен.

Францускиот филозоф-филмофил Оливие Пуриол во својата книга „Филмозофија“ смета дека Магнето е неспособен да ја разликува моќта од власта. Магнето е опседнат со омразата и смета дека, за себеси да се сочуваш или изградиш, мораш да го уништиш другиот. Магнето, за разлика од добрите мутанти на докторот Ксавиер, не се обидува да овладее со сопствената моќ, туку да добие власт. Поедноставено речено, моќта е позитивна, власта е негативна. Моќта го потврдува битието, а власта го одвојува битието од неговата моќ.

Власта е моќ којашто деградирала и која својата среќа ја гради врз несреќата на другите.

X-Men

Прослава

Луѓето кои не се сигурни во себе, кои имаат комплекс на пониска вредност, токму со решителни и насилнички потези се обидуваат да ги прикријат своит слабости. И со својата свест и со својот инстинкт таквите личности настојуваат во очите на другите да се прикажат како јаки и немилосрдни. Свесен за своите слабости, Франко отсекогаш настојувал да се докажува пред другите, да ја велича сопствената личност, да ја восхитува околината. А за тоа му била потребна власта, безграничната, апсолутната власт. Желбата да се прикријат сопствените слабости изискувала сè повеќе власт, сè повеќе неограничено владеење над другите.

Овдешниот пример, иако во многу поскромна форма и пооперетски (погротескен, иако не помалку опасен) од примерот на Франко, ја олицетворува истата патологија на авторитетот. Германците имаат убав збор за таквиот тип силеџии: halbstärke (полуснажни). За каков тип на патологија на авторитетот станува збор ќе илустрирам со помош на ремек-делото на Томас Винтерберг, филмот „Прослава“.

Преправај се, додека не успееш!

Маска

Дејствието на филмот „Маска“ (1994) се случува во местото Edge City. Џим Кери игра обичен банкарски службеник кој постојано доцни на работа зашто навечер до доцна гледа цртани филмови. Една вечер, враќајќи се дома по пропаднатото излегување во елитната дискотека „Коко Бонго“, тој пронаоѓа стара дрвена маска. Откако ќе се врати дома и ќе ја стави маската на лице, тој се претвора во суперхерој со исклучителни способности. Меѓутоа, откако ќе ја опљачка банката во која работи, Стенли Ипкис (Џим Кери) станува цел на полицијата и на криминалецот Дориан Тајрел, кој се обидува да завладее со градот и чиишто соработници се обидоа да ја пљачкосаат истата банка во истото време.

Во едно фиктивно разгранување на романот на Оливера Николова, значи, Вентор и Димитар заталкале во Edge City, поточно на маскенбалот во хотелот „Македонија“.

Приказна со маски

Кабинетот на доктор Калигари

Зашеметените поединци и маси изложени на теророт на пропагандата сјајно се прикажани во неколку филмски ремек-дела на германскиот експресионизам од дваесеттите и триесеттите години на ХХ век. Клучно дело во тој период несомнено е „Кабинетот на доктор Калигари“ (1920), филмот на Роберт Вине кој на парадигматичен начин ја придвижи темата за поврзаноста меѓу тиранијата и хипнозата. Од тој мрачен спој се раѓа принудата на послушност во која десетина години подоцна ќе потоне речиси целата германска нација. Главен лик во филмот е докторот Калигари кој води двоен живот; истовремено е директор на заводот за ментално болни и магичен хипнотизер кој на панаѓурите настапува со послушниот сомнамбул Чезаре. Токму послушниот Чезаре во рацете на демонскиот Калигари станува орудие на злосторството.

Суштината на филмот ја фаќа суштината на историскиот миг на тогашните Германци: дали со помош на хипноза може да се управува со луѓето? Дали човек може да се сведе на безволна човечка кукла лишена од сопственото јас? Дали можеме да ѝ се спротиставиме на магичната власт на мајсторот хипнотизер? Дали диктатурата е само хипноза и трик или се потребни соодветни психолошки и општествени предуслови?

Од Калигари до Хитлер

Тестаментот на доктор Мабузе

Исто толку славни како и „Доктор Калигари“ се и серијата филмови за доктор Мабузе, од Фриц Ланг. Доктор Мабузе на сличен начин ги хипнотизира своите жртви. Власта и хипнозата уште еднаш неразделно се поврзуваат. Во 1943 година Ланг го коментира својот филм од 1932 година, „Тестаментот на доктор Мабузе“, како „алегорија која го претставуваше хитлеровскиот механизам на теророт“. Најславниот филм на Ланг од тој период сепак е „М како убиец“ од 1931 година. Главниот лик во филмот е едновремено малограѓанин и злосторник. Фатен, тој зборува за себе: „Нешто секогаш ме принудува да кружам низ улиците и некој секогаш оди по мене. Тоа сум јас. Понекогаш чувствувам дека тоа јас одам зад себе, но не можам да побегнам... Сакам да побегнам, морам да бегам... Секогаш ме гонат фантоми... ако тоа не го направам. А потоа стоејќи крај столбот за објавување, читам што сум направил. Дали тоа јас сум го направил? Но, јас за тоа ништо не знам. Го мразам тоа... морам... да мразам, морам – не можам веќе...“

Од Калигари до Хитлер

Триумф на волјата

Сузан Сонтаг интересно ги поврзува сексуалниот садомазохизам и нацистичката симболика (чизми, кожа, железни крстови, ЅЅ униформи итн.), велејќи дека односот помеѓу господарот и робот, низ садомазохистичките ритуали со нацистичка симболика, е свесна естетизација на општествените односи на моќ:

„Во порнографската литература, филмовите, играчките ширум светот, ЅЅ стана симбол за сексуалниот авантуризам. Голем дел од симболиката што го опкружува бизарниот секс е во знакот на нацизмот. (...) Но зошто? Зошто нацистичка Германија, општество на сексуална репресија, станала еротична? Зошто режимот што ги прогонуваше хомосексуалците сега ги возбудува педерите? Одговорот треба да се бара во наклонетоста на самите фашистички водачи кон сексуалните метафори. Како Ниче и Вагнер, Хитлер на предводништвото гледал како на сексуална доминација над ’женската’ маса: силување. (На лицата на толпата во филмот Триумф на волјата се гледа екстаза; водачот ѝ помага на масата да сврши.) Левичарските движења секогаш тежнеат кон унисексуална или асексуална симболика. Десничарските движења, без оглед на нивниот пуританизам и репресија, однадвор се еротични. Нацизмот секако е повеќе ’секси’ од комунизмот (што не зборува во прилог на нацистите, туку делумно ги осветлува природата и границите на сексуалната имагинација).“

За Тричковски, Сонтаг, Рифенштал...