Несовесно осиромашување на македонската театарска сцена

15.08.2015 11:06
Осиромашување на театарската сцена во македонија

Веста за одлуката да ѝ се застане на пат на младинската сцена во Театарот за деца и млади, од страна на новиот директор Братислав Димитров, ја примив со неверување. Да имате идеја да уништите квалитетна сцена, со квалитетни претстави, да посакате да го уништитите бројот на публиката во театарот, е несовесно од неколку причини. Прво се осиромашува македонската театарска сцена во квалитет, свесно им се одзема правото на актерите и останатите креативни кадри во театарот да го развиваат сопствениот креативниот потенцијал преку актерски изведби низ различни естетски и жанровски параметри, им се одзема можноста преку различната лепеза на естетики и нови автори да ја одржуваат свежа и во полна сила актерската кондиција и свежина, и на крај се уништува природната поставена линија на посета и наобразба на младата публика, преку детската сцена да преминат на сцената која го негува младинскиот репертоар.

Постапката укажува на деструкција, наспроти конструктивен и квалитетен пристап, како раководно лице на институцијата ТДМ. Мојата врска со ТДМ започнува уште пред студентските денови. Режисерот Паоло Маџели, кој по мојата одлука за започнување на студии во Македонија ми го посочи ТДМ (кој во тоа време беше раководен од г. Чадиковски) култно театарско место во кое се негуваат новите и современи театарски концепти. Потоа врската продолжува со студентска задача од проф. Унковски за анализа на структурата на претставите од ТДМ, како дел од испитот по режија во прва година, мојата поврзаност продолжува преку соработка и пријателство со актерите од ТДМ и желбата да се соработува со тој ансамбл.

Во контекст на темава, ќе посочам дека во Сараево, каде работев претстава во Позориште младих Сарајево, постојат две сцени, Сцена за деца и Сцена за млади. На младинската сцена се работат автори кои ги поттикнуваат умовите на младите луѓе, па се работат автори како Костјенко, Кафка, Мегдона. Тоа се негуваше и на сцената на ТДМ, сè до сега. Впрочем, неумесно е да му се одземе еден дел на театарот. Доколку тоа се случи тој веројатно ќе го промени и името. И така, по не знам кој пат во Македонија, се сече континуитетот, се атакува на целовитоста на приказната на една институција, се длабат резови, кои од еден здрав организам создаваат инвалид.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото