1014 hPa
77 %
17 °C
Скопје - Пон, 11.05.2026 08:01

Во собата седеа четири жени. Едната од нив шиеше. Останатите три дрдореа секакви глупости. Зборуваа за цените, за редиците во продавниците, за тоа дека нивната сосетка, сè уште девојка, родила дете; се жалеа од своите мажи – станале безобразни, мораш цврсто да ги држиш за уздите. Онаа што шиеше испушти воздишка. Не можеше да го задржи својот маж и сега мораше да шие. Да шие. Има две ќерки – едната на шестгодишна, а другата на четиригодишна возраст. Нејзиниот маж, чудак, отпатува на крајот од светот. Ѝ напиша писмо, ја канеше да го посети со децата. Да живеат во барака! Не, таа не се жали на ништо.
Сите ѝ велат дека правилно постапила.
Надвор свиреше вергл. Отечениот, жолто-зелен верглаш со растреперената рака низ прозорецот подаде кутиче со пликови.
-Дами, – засипнато рече тој – влечете за среќа.
Секоја жена влечеше по еден плик за себе.
На едната ѝ се падна блескаво прстенче – вистински, венчален, златен прстен.
Другата извлече мало паче миризлив сапун.
Третата доби напрсток, нов алуминиумски напрсток со врв од скапоцено стакло со светлозелена боја.
А четвртата, онаа што шиеше, во својот плик најде лист хартија на кој со црни букви беше напечатено:
„Среќа“.
Да, пијаниот и парталав верглаш на шијачката ѝ подаде среќа преку прозорецот. Нејзиното бледо лице се вцрви; така се црвенее мајската јаболкница при светлината на далечниот ноќен пожар. Нејзините изморени очи накратко заблескаа. Потоа ја опипа хартијата со прстите, налутено ја стутка и рече:
-Кому е потребна среќа? Подобро да ми се паднеше парчето сапун.
И ја фрли хартијата на подот.
1934-1935
Василиј Семјонович Гросман (вистинско име: Јосиф Соломонович Гросман, 1905-1964) бил руски писател, новинар и воен репортер. Иако неговите раскази биле објавувани во советскиот печат и списанија, неговите романи биле конфискувани од страна на КГБ и забранети за објавување поради „антисталинистичкиот карактер“, посебно романот „Живот и судбина“ (Жизнь и судьба), кој бил прокриумчарен во странство и првпат бил објавен во 1980 година во Швајцарија. Автор е и на неколку збирки раскази.
Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски
Вез: Елиза Бенет