Користењето на терминот „соросоиди“ е дискриминација

15.08.2015 11:08
Користењето на терминот „соросоиди“ е дискриминација

Во одделен број медиуми во последно време се одомаќи терминот „соросоиди“. Овој термин се употребува во различен контекст, меѓутоа, секогаш со негативно значење.

-Политичкото подземје демаскирано: Соросоидите сами себе се осниваат и глумат невладин сектор.
-ВЕЧЕР: Ова се платенците на Сорос, кои бараат власт без избори
-Досие соросоиди: Лажни медиуми, лажни новинари…Само парите се вистински
-Латас за соросоидите и Радио МОФ
-„Цивил“ инкасирал половина милион евра од СОРОС за само 3 години
-СДСМ и соросоидите бараат да им се одземе правото на глас на иселениците и пратеници од дијаспората
-Соросоидите сами против себе

Се чудам како нема некој храбар човек во таа наша Македонија да ги стави каде што им е местото и заевци, и соросоиди па и странци како Нуланд, Хан, Бејли, Вајгел, Ховит и сите други европски анонимуси кои сакаат да не направат идна колонија. (Балканот – колонија на западот)

Зголемувањето на употребата на терминот може јасно да се поврзе со ескалирањето на политичката криза во Република Македонија. Терминот „соросоиди“ постепено пробива во јавноста без да биде соодветно адресиран, или пак, анализиран, иако се работи за содржински парадокс. Имено, Џорџ Сорос, по некои екстремни видувања е еден од најекспонираните „антикомунисти“. Се разбира, освен во Македонија, каде е главен поддржувач на „комуњарите“ (израз кој исто така често се користи во функција на стигматизирање на одредени луѓе).

Многу ретко во одделни медиуми ќе се направи обид овој термин и концепт со неразјаснета содржина „соросоиди“ – да се посочи како проблематичен или како своевиден спин на власта и нејзините пропагандни центри.

-И Груевски ли бил соросоид кога се жалел на кршењето на човековите права кај меѓународните организации?
-Што е Соросоид?
-Хелсиншки: Загрижува уште позасиленото користење на медиумите за ширење на омраза

Е за невладини организации, оние во вистинска смисла на зборот – кои не се контролирани од владата, а имаат критички гард кон владините политики, работата е проста ко гравче. Без да му се думате, ќе лупнете дека се соросоиди. Значи, пиши дека ги финансира Сорос, а и да не е така, нема гајле. Сорос имено, покрај Црвенковски е главната Баба Рога – едниот домашна, вториот меѓународна. (Тактики за заглупување на народот!?)

Уште поретко, се отвора расправа за овој вид на медиумска хајка.

-„Соросоиди и предавници“ – трибина за етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество.

Терминот „соросоиди“ очигледно се употребува со цел да се етикетира, дискредитира и омаловажи одредена група луѓе. Во случајот воопшто не е важно дали тие луѓе припаѓаат или припаѓале на Фондацијата отворено општество – Македонија (која во медиумите се нарекува соросова фондација), дали евентуално се поврзани или биле поврзани со проекти кои ги поддржува оваа фондација или пак никогаш немале никаква врска со оваа фондација. Важно е дека терминот се употребува со цел да се стигматизира одредена група луѓе и сите оние кои медиумот или пак јавноста ги вбројува (од најразлични причини) во таа група луѓе.

По дефиниција стигмата е непосакувана или дискредитирачка особина која се придава на лице или група насочена кон снижување на статусот на ова лице или група во очите на заедницата. Стигмата е извор на дискриминација, и посебно на специфичниот вид дискриминација наречен: вознемирување („… претставува повреда на достоинството на лице или на група на лица кое произлегува од дискриминаторска основа и кое има за цел или резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“).

„Премиерот Никола Груевски се сретна со Џорџ Сорос, претседавач на Фондациите отворено општество“. Фото: Влада на РМ.

Отсуството на објаснување што се подразбира под терминот „соросоиди“ уште повеќе ја усложнува работата заради тоа што дава можност стигмата да се прошири на голем број луѓе.

На овој начин, секој кој ќе биде етикетиран како „соросоид“, губи секаков кредибилитет и неговите ставови и мислења едноставно немаат никаква вредност. Уште повеќе, најотворено се забранува изнесувањето на одредени ставови и мислења или се создава атмосфера во која тие никако не можат да бидат искажани.

Во исто време, луѓето кои ќе бидат подложени на овој вид вознемирување, едноставно се повлекуваат од јавното делување, заради тоа што средината во која живеат станува „заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка“.

Структурната дискриминација се храни токму од стигматизацијата. Имено, во основата на овој вид дискриминација е вметната флоскулата дека општествено прифатеното однесување не може да биде погрешно. Тоа значи дека ако многумина го употребуваат терминот „соросоиди“ тоа не може да биде погрешно ниту пак казниво. Или, народот не греши.

-Ачковска: Народот не греши, мудар е и не дозволува никој да си игра со него
-Народот е секогаш во право и не греши
-Црвенковски: Народот е секогаш во право, дури и кога греши.

Во случајов, проблемот на медиумското известување е двостран. Од една страна се медиумите кои ја шират стигмата и создаваат услови па дури и најотворено повикуваат на дискриминација. Од другата страна се медиумите кои молчат и кои не го анализираат проблемот, не ја објаснуваат дискриминацијата и не ги повикуваат надлежните институции на реакција.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).