Психопатополис

17.08.2015 12:15
Психопатополис

Плоштад Македонија, 22 часот. Ако тој треба да биде слика на денешна Македонија, описот ќе биде повеќе тажен, отколку страшен. Насекаде плиска вода, мириса на хлор, блештат халогенски светла во сто бои, а коњаникот што речиси заканувачки јава на средина од фонтаната со исукан меч, потполно губи на значење уништен од комерцијалноста. Околу прскалките кои играат без музика, се гасат и палат во сто бои, стои кордон од народ. Гледа како маѓепсан, фотографира, претрчуваат големи и мали меѓу прскалките, деца само по гаќи ја користат водата место туш, што дома го немаат. Сликата е како во игрите со оружје од рицарско време, во кои многу учесници ќе бидат убиени во желбата да претрчаат пред да ги погоди оловно ѓуле, а само еден ќе преживее и ќе ја освои наградата. Тлото е усвитено, наоколу скелињата, исто така заканувачки стојат и укажуваат на скоро потполно убивање на идентитетот и интегритетот на Скопје, претворено во компилација од сешто, реплики на споменици сликани по различни градови изградени во различно време, пресликани со грешка и изработени од лош материјал кај нас во денешно време. Градот бучи, зуи, шуми, се мачи да го издржи и последниот камшик, со кој од некоја причина ќе биде казнет. Да не зуцне веќе и да си го бара идентитетот назад. Овој хаос од елементи го чини несистематскиот инвентар на градби и интервенции, кои во меморијата на градот ја запишуваат деценијата која, ако им се верува на програмите на режимските телевизии, завршува со сеопшта обнова и изградба.

Ни останува само секој од нас колку што може и каде што може да придонесе за паралелно чување и негување на она што остана, посебното, автентичното, карактеристичното. Преку одржување на старото или создавање на ново. Со слика, текст, скулптура, градба. Со сè возможно. Паралелен свет.

Дури четирите јавачи на апокалипсата надвиснати над Жена парк, не решат да одјаваат, или да останат само страшен споменичен сведок на едно време кое можеше да не дојде. Психопатополис го нарекле Рим во времето на Нерон и Калигула, општо осиромашување компензирано со бескрајни циркуски игри...

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Александар Ковачевски

Слични содржини

Јавни простори / Култура
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото