HERE COMES THE KING AGAIN!

18.08.2015 09:21
HERE COMES THE KING AGAIN!

Во академските кругови се вели (а во реалноста се проверува и потврдува истата теза) дека преку положбата и значењето на медиумите и медиумскиот простор и култура на изразување во едно општество, може да се процени неговата отвореност и демократичност, односно почитување и загарантираност на слободното мислење, искажување, здружување и воопшто слободниот живот. Тоа говори многу дека во медиумите се огледа и создавањето на состојба и движење на едно општество, што значи дека демократијата, пред сѐ, се изразува во медиумите, нивната структура и култура.

Имено, ваквиот модел на размислување за отворено, слободно, демократско општество ја сместува државата во позадина затоа што го содржи настојувањето самото да се разбере како апсолутно место на моќта, владеењето и влијанието, истовремено фаворизирајќи ја идејата за самоодговорно граѓанско општество. Оттука, во една ваква визија, аргументот, зборот, комуникацијата, медиумите и новинарството добиваат општествена, а како создавачи на општеството и клучна позиција во теоријата и праксата.

Но, ако истото го се обидете да го анализирате по обратен редослед, т.е. се обидете преку движењето на едно општество да ги разберете местото и улогата на медиумите во истото, во случајот со Македонија ќе добиете превртена слика. Или реалноста лаже или вие се трудите да ја нашминкате согласно тековните, најчесто политички потреби, и ваши и на другите однадвор!

Во оваа смисла, откако се увиде дека во изминатите години Владата стана еден од најголемите огласувачи на медиумскиот пазар во Македонија, под параванот дека нејзините огласи се за „доброто на сите”, истата стана најчест огласувач во медиумите, спроведувајќи тековни кампањи, но и наменски кампањи. Со тоа и онака разнебитениот медиумски пазар, направи истите примарно да бидат зависни од комерцијалниот колач, кој се дели помеѓу повеќе медиуми – оние што се поблиску до владејачката елита добиваат и поголем дел од владиниот колач за огласи и реклами. Оваа економска зависност од државата како „огласувач“ директно влијае врз квалитетот на програмата, но и врз нивото на слободно информирање, а со тоа и врз нивото на професионалност, иницирајќи морална ерозија во медиумите и кај новинарите.

Со тоа, Република Македонија како мултиетничка и мултикултурна заедница кон оваа поделба додаде уште една: поделба на медиумите по партиска основа. Едните се медиуми кои ја подржуваат политиката на Владата и најчесто звучат како нивни мегафони, а другите (кои сѐ помалку ги има) се оние кои ја критикуваат работата на Владата. На ваквата драстична поделба на „наши“ и „ваши“ ѝ пркосат малкуте неутрални медиуми кои сѐ уште се обидуваат да одолеат на политичките притисоци на партиите.

Во вакви услови, отсуството на критички пристап во содржините на медиумите, притисокот и стравот за сопствената егзистенција направи новинарите често да бидат и самоцензурирани во интерес на задржувањето на своите работни места. Следствено, патриотските новинари се оние кои најчесто ги следат владините претставници на патувањата и средбите во странство. На пример, прашањата за економскиот просперитет на државата или, генерално земено, владините политики и стратегии за справување со оние кои во домашни услови „не ѝ мислат добро на државата и народот“ се темите за кои често оние новинари кои поразлично пристапувале кон ова прашање за разлика од очекуваното или, со други зборови, соопштеното од Владата, често биле прогласувани за предавници. Во нивната дискредитација се оди дотаму што дури се користи и говорот на омраза од страна на конкурентските медиуми со цел во јавноста тие да се прикажат како предавници, а другите како патриоти!

Во овој контекст, од аспект на анализа на етичкото новинарство, издвојувам два примера. Првиот под наслов „Невладини организации непознати за јавноста заработуваат илјадници евра“ на новинарот Љупчо Златев, ТВ Сител од 07.08.2015 година, како и прилогот на новинарката на ТВ Алфа, Бојана Димитријевска, под наслов „Премиерот Груевски меѓу настраданите, вети помош и изрази сочувство за загинатите“ од 04.08.2015 година.

ЛОКАЦИЈАТА НА НЕВЛАДИНА ОРГАНИЗАЦИЈА – НАЈВАЖНА

Првиот од нив, во контекст на истражувачкото новинарство, очигледно следејќи ги напатствијата на својот главен уредник, г-динот Драган Павловиќ-Латас (со што допушта лесна инструментализација и привидна класификација на младиот новинарски кадар на „наши“ и „ваши“, „предавници“ и „патриоти“), новинарот го збогатува серијалот „новинарска истрага на мрежата составена од четириесетина условно кажано невладини организации, сите финансирани од СОРОС“ со уште еден провизорен, паушален и недвојбено „лабав“ прилог посветен на невладината организација Проект-ЕУ, како дел од, како што наведува тој, „подземното политичко делување“. Идејата да се практикува истражувачкото новинарство кај нас е идеја која можеби и најмногу, заедно со медиумската писменост и медиумската етика ја фаворизирам, но не и по цена на вештачко креирање на „место на злостор“, т.е. „во оваа навидум обична куќа, која се наоѓа на улица Црноречка број 27 во Кавадарци, сместена е фирма која е регистрирана само за една цел да прима пари од Сорос. Во приземјето живеат луѓе, обична семејна куќа, ниту трага ни глас од некакви канцеларии, и најинтересно од се е фактот дека до пред некој период оваа семејна куќа била карабина“.

Сепак, не е најинтересно што оваа семејна куќа која до пред извесен период била карабина (бидејќи во регистрацијата на здруженија и фондации никаде не стои изричито дека треба да биде карабина или семејна куќа или деловен простор, туку само адреса!? – недостаток на информации за темата), туку напротив – што куќата е поважна од целта и мисијата на здружението, т.е. невладината организација, за кои патем кажано никаде во прилогот и не се споменуваат, а најмалку се изнесуваат факти и барем иницијално, првични информации за нејзиното дејствување до моментот на прилогот (сепак истата постои од 2012 година!?), но важно „од прва“ се поврзува со сликата за „некаков невладин сектор, а всушност одработуваат за СДСМ“!

Сепак крајот е бравурозен, надвор од сета логика на докажувањето и доследност во изведувањето на заклучокот: „Со ова дефинитивно се докажува дека тројца функционери на СДСМ основале фиктивна организација, за да преку неа добијат пари од Сорос, организацијата “Проект-ЕУ“, е уште еден доказ за вмреженоста на фондацијата СОРОС. Уште еден доказ дека се финансираат функционери на СДСМ преку СОРОС и конечно со оваа и сличните на оваа организации СОРОС и неговата мрежа докажаа дека се се, освен граѓански сектор“, а без притоа барем да се почека да се види извештајот на Фондацијата отворено општество Македонија за 2015 година, со што се прави повреда на приватноста (имињата се обелоденети), а и без да се претпостави дека постои нешто што се нарекува „пресумпција на невиност“. Но, она што се чини како најголема повреда од аспектот на етичното новинарство е повредата на вистината, нејзината објективност, за што повеќе од очигледно е дека новинарот Љупчо Златев, доследно на политиката на својот медиум, не е запознаен, бидејќи прилогот го завршува со небулозна реченица: „Според нашите информации, вакви организации се регистрирани на фиктивни адреси низ цела Македонија, сите тие се формирани само и само со една единствена цел – функционери на СДСМ примаат пари од СОРОС“! Севкупно, во обидот да се прикаже дека власта успешно треба да се бори со „организации од овој тип“, всушност новинарот прави контра удар – сведочи за недемократскиот капацитет на „управувачите“, кои би посегнале по сѐ само да се прикаже нивната страна од „вистината“, бела и нерасиплива во борбата против квази-граѓанските организации!

ГЛОРИФИКАЦИЈА, ПОТПОМОГНАТА СО ИНДОКТРИНАЦИЈА И ПРОПАГАНДА

Но, освен нападот кон „предавниците“, идеалната слика за „државните управувачи“ може да се гради и преку нивна глорификација, потпомогната преку методите на индоктринација и пропаганда, а „зачинета“ со зачестена употреба на стилски фигури кои „воспеваат“. Во прилог на претходното е вториот пример кој го издвоив, на ТВ Алфа, т.е. новинарката Бојана Димитријевска, под наслов „Премиерот Груевски меѓу настраданите, вети помош и изрази сочувство за загинатите“ од 04.08.2015 година, каде такви „опејувања“ на потезите и понуденото на „еднаквиот меѓу еднаквите“ во однос на поплавите во Тетово и околијата се рамни на школски пример од Хомеровата Одисеја, т.е. едно учебникарско клише за воспевањето на подвизите на народниот херој: „По силното невреме што го зафати градот, Груевски итно допатува во тетовско. Успеа да се пробие меѓу тешко достапните предели и да стигне до најпогодените села. Прво го пречекаа жителите на Голема речица и му раскажаа како останале без своите домови. Го благословуваа што дојде да им помогне и заедно со него одеа од куќа до куќа да видат колку штета е направено… Жителите на Шипковица низ солзи му раскажаа како останале без домови и без своите најблиски. Му се заблагодаруваа на премиерот што во најтешките моменти е заедно со нив… Во тешките моменти, скршени од ситуацијата во која се наоѓаат жителите на тетовско утеха најдоа во премиерот и неговите ветувања дека ќе им помогне. Постојано му се заблагодаруваа што е со нив и се молеа да не се повтори страшната ноќ“!

Не е за чудење, затоа што во потврда на овој стил на опевање и глорификација се и „стиховите на главниот јунак“: „Веднаш штом се раздени ќе дојдат екипи на ЕВН да работат и веднаш ќе дојде и поголема механизација за струја, вода и расчистување. Лекови веднаш ќе стигнат… Во оваа прилика дозволете да изразам сочувство за семејства на жртвите. Слушнав дека најлоша е состојбата во Шипковица. После Голема Речица и средбата со граѓаните, дојдов овде во болницата каде поразговарав со директорот, ми кажа дека тука биле донесени две лица кои починале и уште девет повредени од кои едно е задржано овде во тетовската болница, другото е пратено за Скопје заради потешки повреди. Навистина жалам за сето ова што се случи, правиме се што можеме, имаме направено максимална мобилизација на сите можни институции“.

И сосема на крај имаме малку модифицирана репетиција на ситуацијата: „Селото беше без струја. Под свеќи во една локална продавница заседаваше кризниот штаб. Заедно со премиерот Груевски се договараа мерките за помош… Ја посети и општина Тетово и присуствуваше таму на состанокот на кризниот штаб.“ Сума сумарум, театраликата, стилистиката, сценографското китење кои се користат за воздигнување на јунаковите потези се совршени, но не и во новинарството кое пренесува во функција на јавноста информации, навремени и точни, а најмногу би требало објективни. Колку за компарација може да се погледне истата информација, но во ново руво, новинарско, по теркот на достоинствено извршување на професијата, во прилогот на непотпишаниот новинар, повторно на ТВ Алфа под наслов: „Груевски: Ангажирани се сите институции за помош на Тетово“ од 04.08.2015 година.

И не навлегувајќи подлабоко во анализата и во однос на распоредот на содржините на ТВ Алфа централниот Дневник од 04.08.2015 година (во кој доминираа 3 информации, т.е. две од по 7-10 минути со главен лик – самиот премиер и една, „случајно би се рекло“, како продолжение на ситуацијата во Македонија после силното невреме – состојбата во Карбинци), сосема оправдано може да се констатира дека средствата за информирање уште еднаш се покажаа како моќни средства на создавање, собирање и брзо пренесување на мноштво најразлични информации, но исто така и како многу моќни средства на можни манипулации со јавноста и дезинформирањето, создавањето на крива слика и криво мислење за стварноста, за различни процеси во стварноста, за настаните и луѓето. Не попусто и „Фридом Хаус“ споредбено во извештајот од 2005 година нѐ рангира на 110 место како делумно слободна земја, во однос на слободата на информирањето, заедно со Албанија која е 107 рангирана и последниот извештај, т.е. од 2015 година како сме последно рангирани во Европа како делумно слободни, дури 41, пред Турција која не е слободна во изразувањето или на 125 место после Кенија, а пред Украина во светски рамки. Но важно Кралот се врати повторно, зар не!?

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Francisco de Pájaro