1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Јазикот станува сè потенок, а искуството сè позгуснато
Ниеднаш не се случи некој да стане и да каже дека нешто од темел не чини, но сè што зборуваме оди во таа насока. Не можам да престанам да размислувам за тој феномен ‒ кога ќе се најдеме двајца, нашите расправи се на сосема различно ниво отколку кога сме тројца. Двајца луѓе ‒ две личности, од критичарската традиција ‒ расправаат за политиката како што тоа би го правеле луѓе што не се комунисти. (Под луѓе што не се комунисти ги подразбирам оние кои некој однадвор не би ги препознал како комунисти, освен по жаргонот што го зборуваат.) Но, штом ќе се појави третиот, завладува сосема поинаков дух. Иако сум спремна да поверувам дека тој е лудак и убиец (и покрај тоа што секогаш го имам на ум она што Мајкл го вели ‒ дека живееме во доба кога е невозможно да се дознае вистината за што било), сакам да ги слушам луѓето кога за него зборуваат со обични зборови, полни со почит. Оти, кога би се отфрлил тој тон, со него би се отфрлило и нешто мошне важно ‒ парадоксално е дека би исчезнала верата во можноста за демократија и пристоен живот. Би умрел еден сон ‒ барем во нашите животи.
Разговорот станува бесцелен и предлагам да сварам чај. На сите им е драго што состанокот привршува. Сварив чај, а потоа се сетив на приказната што ја добив минатата недела. Ми ја испрати еден другар кој живее во околината на Лидс. Кога почнав да ја читам, мислев дека е тоа вежба по иронија. Потоа, дека тоа е вешто пародирање на одредени ставови. А потоа сфатив дека приказната е сериозна ‒ се случи тоа во моментот кога прекопував по сеќавањето и барав некои свои фантазии. Но мене ми се виде значајно што приказната можеше да се чита и како пародија, и како иронија, или сосема сериозно. Ми се чини дека тој факт е уште еден израз на фрагментизирањето на сè околу нас, на болното распаѓање на нешто врзано за она што го чувствуваме како вистина за јазикот, за тоа како јазикот станува сè потенок, додека искуството ни е сè позгуснато. Меѓутоа, кога го изнесов чајот, реков дека сакам да им ја прочитам приказната.
„Дали го погледнавте ова?“
Клајв рече: „Се сеќавам дека еднаш читав некој превод од руски, беше тоа во почетокот на триесеттите, ми се чини. Двајца младичи се наоѓаат на Црвениот плоштад, им се расипал тракторот. Не знаат како да го помрднат. Одеднаш им приоѓа крупен човек. Пуши луле. „Во што е проблемот?“, прашува тој. „Проблемот е, другар, што не знаеме што е расипано.“ „А, не знаете! Е па, тоа е стварно лошо.“ Крупниот човек со лулето покажува кон некој дел од моторот. „Дали го погледнавте ова?“ Младичите пак се обидуваат да го запалат тракторот и тој конечно забрмчува. Се вртат кон странецот со благодарност, тој стои и гледа со татковска топлина во погледот. Го препознаваат Сталин. Но тој веќе го свртел грбот, само им мафнал со раката и тргнал преку Црвениот плоштад до Кремљ.
Сите се насмеавме, но Џорџ рече: „Тоа беа денови, ви се допаѓало тоа или не. Е па, си одам дома.“
Додека си заминувавме, се чувствуваше дека просторијата е полна со омраза ‒ се мразевме меѓусебно и бевме свесни за тоа.
„Јас, ’другарката Ана’, го одржувам во живот другарот Бат“
Постои група на тврдокорни, фосилизирани луѓе на кои им се спротиставуваат свежи, млади, револуционерни умови, каков што некогаш беше Џон Бат, и тие заедно прават урамнотежена целина. Потоа таа нова, револуционерна група се фосилизира, а им се спротиставуваат свежи, слободоумни, критичарски настроени луѓе. Но тоа јадро на мртвило и неплодна мисла не би можело да трае без фиданките на свежиот живот, кои мошне брзо, кога на нив ќе дојде ред, се претвораат во сосушено, мртво дрво. Со други зборови, јас, како „другарката Ана“ ‒ ме плаши кога ќе се сетам на ироничниот тон на другарот Бат ‒ го одржувам во живот другарот Бат, го хранам, за по некое време да станам како него.
Вистината испливува токму во таквите говори или забелешки
„Нема начин од позициите да ги избуткате со демократски средства, делумно бидејќи се бескрупулозни, а делумно зашто половината членови на Партијата се премногу невини за да поверуваат дека нивните водачи се подготвени за такви махинации. Но секогаш кога ќе дојдете до оваа точка, вие застанувате и наместо да го заклучите очигледното врз основа на кажаното, повторно запаѓате во некакви фантазии и зборувате дека само ви преостанува да ги замолите водечките другари сите одеднаш да поднесат оставки, оти тоа би било од најголем интерес за Партијата. Тоа е исто како кога професионален провалник би замолиле да прекине со работата бидејќи поради неговата успешност целата професија добила лош глас.“
Сите се насмеавме но дискусијата продолжи. Шеговитиот тон му го ускрати правото на сериозен одговор.
Подоцна размислував за тоа. Одамна бев сфатила дека на политичките состаноци вистината испливува токму во таквите говори или забелешки, кои во тој момент се игнорираат бидејќи нивниот тон не е во склад со тонот на состанокот. Колку и да се духовити и сатирични, огорчени или дури лути, во нив лежи вистината, додека долгите говори и прилози кон дискусиите се бесмислици.
Тишината на мирот владее во со сонце измиената долина
„Види“, рече Џими. Една буба, отприлика двојно поголема од најголемата буба‒мраволовец, се приближуваше низ шумата од трева.
„Не е добро“, рече Пол, „ова не е природна жртва.“
„Можеби и не е“, рече Џими. Ја бутна бубата во најголемата дупка. Настана метеж. Сјајните сивкасти челусти се склопија околу бубата, таа потскокна и ја повлече другата буба‒мраволовец до половина од дупката. Дупката се уруши во лавината од бел песок, кој се издигнуваше и вртложеше среде жестоката нема борба.
„Кога би имале уши што можат да слушнат“, рече Пол, „воздухот би се тресел од крикови, стенкање и збивтање. Но, како што гледаме, тишината на мирот владее во со сонце измиената долина.“
(продолжува)
Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Фотографии: Diane Arbus
Избор и превод: П. В.