Разговор со кумановскиот автостопер

18.08.2015 11:52
Разговор со кумановскиот автостопер

Детството и младоста ми поминаа во автостоп, дремејќи на автопатите во земјава без пари во обид да се вратам дома од акањето по градовите низ земјава, во разни активности, претежно младински средношколски организации, а потоа и како студент без доволно кеш во обид да си отидам дома и да се најадам како човек по нередовното хранење низ студентските мензи со слабиот кеш со кој располагав...

Затоа сега кога имам автомобил редовно качувам автостопери кои се пржат на сонцето или мрзнат по ладното на нашите патишта и молат некој да ги превезе до дома или до работа или до градот каде учат или работат... Тоа се обично работници кои се враќаат или одат од работа, или пак ученици и студенти кои се обидуваат да се изгребат за некоја стотка со превоз за без пари... Знам како е да се дреме со саати на пат и многу сум среќен ако се му оддолжам на општеството со тоа што ќе префрлам некого со мојот автомобил, и мене ме превезувале стотици пати, чувствував некој долг за сето тоа...

Сега кога сум и новинар, тие моменти ги користам и за анкета со народот, за изворно да дознаам што се случува во државата и како народот гледа од другата страна на нештата, додека ние со политичарите се тепаме од оваа страна на медиумската сцена, ме интересира како тоа го гледаат граѓаните. Така беше и вчера, на враќање од Кратово, каде ги посетив моите родители. Налетав на еден автостопер кој чекаше превоз од Страцин, местото на кое се дели патот од Куманово за Кратово и Крива Паланка. Тој чекаше превоз за Куманово.

Човекот беше некаде околу 55 години, се враќаше од Бугарија каде бил да менува возачка дозвола. Жител на Куманово. Беше веќе темница, околу 8 навечер, не можеше да ме види убаво и да ме препознае кој сум, па разговорот беше течен како меѓу двајца обични граѓани, а не интервју со новинар кој е можеби најголем антивладин елемент во земјава во моментов. Доколку ме препознаеше, мислам дека ќе беше повеќе воздржан во разговорот.

Она што го слушнав во тие 30 минути колку што трае возењето од Страцин до Куманово ме фрапираше! Но, одиме по ред. Разговорот, по првичните моменти на размена од двете страни, „што правиш, кој си, каков си, од кај си, кај идеш“, течеше вака:

 

Јас: Што мислиш за Циц, точни ли се шпекулациите дека последниве години слабо работи?
Toj: Па да, во последниве години нема некои големи проекти во Куманово.
Јас: Па како успеа да победи?
Toj: ДУИ гласаше за него во Куманово. Над 90 посто од Албанците гласаа за него, што значи дека се имаше он договорено и со ДУИ, но и со ДПА. Не знам што им ветил, ама изгледа се договорил добро со нив.
Јас: А за Груевски што мислиш, има ли уште поддршка од народот?
Toj: Има! Народот му дава поддршка, тоа е мое мислење. Јас сум неутралец, мене никој ништо не ми дал, моите снаи се без работа, жена ми е без пензија, но како што гледам народот е со Грујо!
Јас: Па како е тоа можно, сега и со бомбите се виде дека Грујо краде, лаже, се осветува, има диктатура, беззаконие, државата е презадолжена...
Toj: На народот тоа не му е важно!

Јас: Не му е важно?! Како е тоа можно?
Toj: Епа можно е. Народот се грижи само дали има пари или нема пари, за сè друго ич не му е гајле!
Јас: Ти мислиш дека народот знае дека Грујо е лопов?
Toj: Знае! И не му е гајле за тоа!
Јас: Цццц, не ми се верува... Добро, нема ли нагон кај народот, еве кај вас неутралците, да излезете на избори и да го казните, да гласате против него, да го казните за тоа што ја презадолжува земјата, што краде, што лаже, што ја направи земјата партиска како да е на ВМРО ДПМНЕ!
Toj: Не, нема такво нешто. Еве јас како неутралец, на пример, не излегувам на избори затоа што никој ништо не ми дава.

Јас: А за Заев што мислиш?
Toj: Ист е како Грујо, нека ми даде нешто, па ќе го гласам.
Јас: Епа од кај ќе ти даде кога е опозиција, што ќе ти даде?
Toj: Абе нека вети, нека вети дека ќе качи пензии, ќе качи социјално, субвенции, ќе вработи народ, ќе отвори фабрики, ќе даде пензии на оние што се стечајци, мојата жена сега требаше да зема, пензија ама има дупка во стажот и сега нема пензија. Нека вети дека кога ќе дојде на власт ќе се задолжи уште една милијарда евра и ќе даде пари на народ и ќе го гласаме.
Јас: Како бе шефе да се задолжи, па тие пари кој ќе ги враќа?
Toj: Тоа си е негов проблем. И во комунизмот ние, народот, јадевме и пиевме ама Тито си водеше ред кој ќе ги враќа тие долговите, тогаш мислам дека имавме долг од 22 милијарди долари.
Јас: Па чекај бе шефе, па тие пари ќе треба да ги враќа мојот син и твоите внуци?
Toj: Абе ти кажувам, на народот тоа не му е важно, народот се бори за опстанок сега и одма, не му е гајле за по 10, 20, 30 години, тоа е предалеку, тоа нека си е проблем на државата и на политичарите...
Јас: Леее, не ми се верува што слушам...
И викаш и после сите бомби народот сè уште му дава поддршка на Груевски?
Toj: Да бе, има многу што земаа субвенции, качија пензии, некои се вработија со партиска книшка макар и како чистачи, па пак се среќни што зедоа парче леб. ДПМНЕ ги тера да прават списоци за гласачи, мене нон-стоп ми доаѓаат мои роднини ми викаат, вујче. молим те гласај за ДПМНЕ за да си ја здржам работата, и што да правам ја сега, да му кажам не?!

Јас: Добро а мислиш ли дека ова пропагандава има улога тука? Ти кои вести ги гледаш, на пример?
Toj: Што знам, можеби. Јас не гледам вести, ми се гади од политика, на запад не се замараат со политика, си гледаат работа, ние само за тоа збориме по цел ден...
Јас: Не се согласувам со тебе, сум живеел во Америка, и таму по цел ден зборат за политика, ама не ваква македонска политика. Мислам дека таму во историјата не се случило гласач да бара работа од политичар, таму знаат дека политичарот е нивни слуга и му даваат глас за да работи вредно, чесно, за доброто на земјата и локалната средина, кај нас гласаме за сопствен краткотраен интерес, кај нас политичарите се ценат ако крадат и лажат, дури народот ги исмева оние политичари кои после период на власт се без пари, кажува вицеви за нив дека се неспособни, биле на власт, а сега возат југо или фиќо, за народот тие политичари се гревови...
Toj: Е да, така е, се согласувам. Иако мислам дека во Македонија странските сили одлучуваат кој ќе биде на власт, па дури и кој ќе биде градоначалник.
Јас: Мислам дека тоа е преценето. Странците можат да бутнат влада со кратење на парите, но големо влијание има и народот, сепак, странците ако удрат многу јако против Груевски, од него ќе направат херој како Слобо што беше една декада во Србија...
Toj: Сè зависи како ќе се постават спрема САД, Русија, Германија... Тие се многу јаки и одлучуваат.

Јас: Јас мислам дека во Македонија нема политичка писменост, шефе. Ние како народ знаеме да читаме одамна, но политички сме неписмени. Сме биле 50 години во комунизам каде народот си гледал гајлето, а Тито и Лазо решавале сè, и сега народот овие 25 години има проблем да се навикне на тоа дека тој одлучува кој ќе биде на власт и дека тој одлучува кои политики ќе се тераат, тоа нашиот народ сè уште има проблем да го разбере. Народот сè уште се однесува поданички, незрело, коруптивно, од политичарите бара лепче и паричка, инфантилно ја разбира политиката и животот, не гледа како да заработи со свој труд со своја мака, цело време со погледот е свртен кон државата, таа да го води за раче, таа да му помогне.
Toj: Е да, во комунизмот ние се теравме работа а Тито си береше гајле за с
è. Ние за ништо не се замаравме само по слави си одевме и по собири и гледавме да се најадеме и изнауживаме, сега го нема тоа веќе.
Јас: Кај нас го нема тој нагон политичарот да биде казнет ако краде и ако лаже. Еве, Петар Гошев, на пример, бил шеф на комунистичката партија, па на СДСМ, па министер за финансии, па гувернер и сè што гледаме дека има е старата куќа на татко му која ја реновирал во Козле и купил една нива во Дојран. Додека Љубчо и слични како него се однесуваат како мултимилионери, купуваат хотели, жените им се носат како да се кралици, но народот тие политичари ги сака, за Груевски и за Мијалков веќе знаеме дека се милионери, ама народот не сака да ги казни...
Toj: Не бе, народот си гледа свој интерес од денес за утре, да има што да јаде па ти, гајле му е за сè.

Јас: Веќе сме во Куманово, каде да те оставам?
Toj: До судот. Фала ти, треба ли нешто за ова што ме превезе?
Јас: Не, ништо не треба. Знаеш ли кој сум јас, си слушнал ли за Саше Политико?
Тој: Да, тој новинарот, ти ли си?
Јас: Да, јас сум тој, поздрав.
Тој: Поздрав и фала ти многу!

По разговорот, до Скопје бев замислен и депримиран. Зарем ова е нашиот народ?! Сепак, се тешев дека ова е само преставник на една од групите во земјава. За доброто на Македонија, да се надеваме дека бројот на оние кои ќе излезат на избори да го казнат Груевски за злоделата ќе биде поголем од овој вид граѓани кој чека некој нешто да им даде во рацете.

Извор: Мактел
Слики: Свирачиња