Валтер Триер: Лилипут

18.08.15 14:11

Валтер Триер (1890-1951) е уметник кој е најпознат по илустрирањето на книгите за деца на Ерих Кестнер и насловните страници на списанието Лилипут, во кое имало хумористични содржини, кратки раскази, фотографии и статии за уметност.

Роден е во еврејско семејство кое живеело во Прага, а мајчин јазик му е германскиот. Во 1905 се запишал на Индустриската школа за убави и применети уметности; подоцна се запишал на Академијата во Прага. Во 1906, студирал на Кралската Академија во Минхен, а во 1910 се преселил во Берлин, каде поминал најголем дел од кариерата.

Бидејќи бил антифашист, во неговите дела остро им се спротивставувал на нацистичките власти. Во 1936 година емигрирал во Лондон, а за време на Втората светска војна Триер му помагал на британското Министерство за информации при изработката на антинацистички памфлети и политичка пропаганда. Во 1947 добива британско државјанство, но истата година се сели во Канада за да биде поблиску до својата ќерка која живеела во Торонто.

Валтер Триер илустрирал десетици книги за деца, а соработувал и со десетина весници и списанија, меѓу кои Berliner Illustrirte Zeitung, Daily Herald, Die Dame, Њујорк Тајмс, Die Zeitung и Лилипут. Насловните страници за Лилипут Триер ги дизајнирал од основањето на списанието во 1937 година па сè до 1949. На насловната страница на секој број имало маж, жена и куче. Мажот и жената обично биле млад љубовен пар, а кучето најчесто црно. Се претпоставува дека како модел за кучето од насловната страница Триер го користел своето куче кое било прегазено од трамвај, па уметникот решил да го овековечи преку дизајнот на насловната страница на Лилипут.

Подолу можете да погледнете мал избор од насловните страници на ова списание кои Триер ги цртал цели дванаесет години.

Извор: www.fulltable.com

ОкоБоли главаВицФото