Етика и естетика

18.03.2010 10:55
suzana-milevska.jpg

Проектот „Скопје 2014“ предизвика многу и различни реакции на повеќе нивоа. Како го примате проектот на естетско ниво - како проучувач на уметноста? Како го примате на цивилно ниво - како граѓанин што ќе го практикува тој простор?

- Претпоставувам дека поборниците на модернизмот, на формалистичката естетика и до некаде на структуралистичките теории на уметноста би можеле да се нафатат да дискутираат за проектот „Скопје 2014“ исклучиво од аспект на чистотата на формата и важноста на стилот. По постмодернистичкиот пресврт во уметноста, теоријата и филозофијата од крајот на шеесеттите години на минатиот век, ваквиот дихотомски приод кон уметноста, кој на една страна ги разгледуваше прашањата на формата и стилот како естетички категории, а на друга страна ги издвојуваше прашањата на содржината, историско-општествениот контекст и етиката како вонестетски прашања и категории, стана ограничен и ирелевантен. Проектот на постмодерната беше, напротив, заснован на повикот повторно да се обединат естетиката и етиката, слично како во времето на античкиот идеал за спојот меѓу убавото и доброто. Денес пак модерната и постмодерната коегзистираат и затоа аргументите позајмени од естетиката и уметноста не можат да бидат доволни за да се оправда или негира некој проект, особено кога станува збор за проект од пошироко општествено значење како што е урбанизирањето на централното градско подрачје.

За жал, во текот на последниве недели слушнавме толку зли и грди изјави што мислам дека многу сме далеку и од двата идеала. Како да стана неможно да се дискутира со објективен и сериозен академски пристап за прашања што всушност и се од академска и стручна природа и како да стана неможно да се дискутира од аспект на една граѓанска загриженост за идниот изглед на овој град, а да не се биде етикетиран со некоја кратенка. На пример, како да не може да се биде за некое друго урбанистичко решение, а тоа да не значи по автоматизам дека човек е припадник на другиот политичко-партиски табор. Или, пак, како да не може да се биде за етички акции во солидарност со маргинилизираните по која било основа, а да не се биде истовремено дел од опозицијата. Ваквата поделеност на власт/естетика и опозиција/етика ми изгледа како бесмислена и лажна поларизираност токму поради тоа што таквата поделба денес не функционира ни теоретски.

Има ли смисла дебата сега?

- Себеси не се гледам исклучиво како историчар на уметност, бидејќи сум и теоретичар на визуелната култура, која токму придонесе за разгледувањата на проблемите на уметноста во поширок културно-општествен и социјално-политички контекст. Затоа за мене е многу важно што сега првпат во Македонија се поведе една јавна дебата за прашања од областа на архитектурата и уметноста што сите нé засегнуваат и која ја гледам како потенцијал за градење делиберативна и партиципаторска демократија што се засновува токму на отворањето на јавната сфера во која сите граѓани добиваат можност да се вклучат во јавни расправи и можат да ги искажат своите незадоволства или воодушевувања од проектите на власта.

Само што треба да се прифати фактот дека нема ништо лошо во тоа што вообичаено е ваквите дебати да траат по неколку години, како и самата потрага по најсоодветните тимови составени од урбанистички експерти, архитекти, уметници и критичари што би требало да ги изработуваат и жирираат предлозите за ваквите проекти, сразмерно на капиталноста и амбициозноста на спомнатиот проект. За добри крајни решенија треба да се биде многу стрплив и подготвен на огромни финансиски ризици и пропаднати предлог-проекти. Ако ваквите дебати почнуваат кога многу одлуки се веќе донесени, ние граѓаните и експертите сме всушност ставени пред свршен чин и треба само нешто да прифатиме (не знам воопшто дали се оставени други механизми и опции со кои би можеле да одбиеме освен референдум), тогаш логично е да се очекува дека крајните резултати нема многу да се разликуваат од првичните 3Д-симулации, па и самата дебата изгледа беспричинска и може лесно да заврши како симулација.

Проектот е најавен како процес што од плоштадот ќе создаде простор низ кој ќе проникнува македонскиот идентитет. Можете ли да се согласите со тоа?

- Идентитетот е општествено-културен конструкт, кој може индиректно да биде интерпретиран и препознаен во една локална архитектура и уметност, но и обратно, уметноста може да обезбеди возбудлив нов идентитет на еден град. Не знам подобар пример за ова второто од архитектонскиот проект на Френк Гери за изградбата на музејот „Соломон Гугенхајм“, кој го означи Билбао со една исклучителна архитектонска атракција и му додаде нова визуелна препознатливост, иако нема некоја директна врска со Баските и нивниот проблематизиран и потиснуван малцински идентитет.

Уметноста и архитектурата имаат потенцијал да бидат и метафоричко ехо на идентитетот и активни креатори на нови идентитети, со што се отвораат некои релевантни прашања, но за жал немаат таква моќ фундаментално да ги решаваат горливите етички проблеми на нестабилните идентитети во мултикултурните општества поттикнати од совпаѓањата или спротивставеноста на различните интереси, бидејќи идентитетните политики и идеологии се покомплексни од прашањето на стилот и го надминуваат доменот на уметноста. Иако верувам во релевантноста на социјално-политички ангажираната уметност, мислам дека секој проект што очекува од уметноста да ни ги реши прашањата на идентитетот е осуден на неуспех - едноставно претставува невозможна мисија бидејќи за уметноста поставува однапред неостварлива задача.

„Скопје 2014“ содржи градби што, условно, им припаѓаат на уметнички стилови непознати во нашата градителска, па и уметничка традиција. Има ли Македонија барок? Има ли неокласицизам?

- Овие прашања се прашања за сериозна расправа меѓу историчарите и теоретичарите на македонската архитектура, која би се водела врз аргументи базирани врз истражувања. Не би се осмелила во дефинирање на влијанијата на барокот врз локалната и регионалната архитектура, бидејќи за да се детектираат такви влијанија прво би требало многу да се прошири самата дефиниција на барокот, а за тоа треба да се најдат многу аргументи, а не само неколку фасади, пар штукатури и некои поетски апликации на терминот употребен како атрибут. Јасно е само едно: дека кој било евентуален објект лоциран во Македонија не бил изграден во автентичното време и култура на историскиот барокен стил, па оттаму секој евентуален барокен објект или елемент би бил некоја локална или регионална реинтерпретација, остварена подоцна и надвор од контекстот на историскиот барок. А впрочем, мислам дека со одговорот на тоа прашање и онака воопшто нема да дојдеме поблиску до одговорот на етичката дилема: дали проектот „Скопје 2014“ е воопшто остварлив, полезен за општеството и добро темпиран во однос на најургентните и најрелевантни потреби на нашето општество, култура и уметност денес.

Каде да го бараме одговорот на тоа прашање?

- Можеме да го пронајдеме само сите заедно: експертите и неекспертите, естетичарите и етичарите, сиромашните и богатите, политички детерминираните и политички субверзивните, демократите и неолибералните конзервативци, маргинилизираните и оние на власт. Секој одговор даден од страната на само една од овие категории на граѓани нема да биде адекватен на комплексното време што го живееме и на комплексната и амбициозна задача што самата влада навидум великодушно си ја поставила пред себе.

Како модерната теорија на уметноста го третира „воскреснувањето“ на уметнички стилови во нов контекст?

- Модерната епоха и модернизмот секогаш се залагаа за нови и радикални почетоци засновани на рушење на претходните стилови и на редуцирање или отфрлање на секој орнамент (став содржан во максимата на Алфред Лос и Мис ван де Рое - помалку е повеќе). Постмодерната теорија беше многу повеќе заинтересирана за критичкиот регионализам, т.е. критичкото преиспитување на испреплетување на регионалните стилови, и за пастишот на различните стилови каде што стилот, формата и функцијата не се во некој академски дефиниран сооднос или според некој познат рецепт (Роберт Вентури се шегуваше со модернистите: помалкуто е досадно). Современите теории, пак, не се толку исклучиви во однос на изборот меѓу модернизмот и постмодернизмот, но тоа не е одбрана на ставот дека сé може да пројде и дека за стиловите треба да се разговара во некој етички вакуум.

„Нова Македонија“, 15.02.10.

Сузана Милевска е професорка на Академија Италијана во Скопје. Заврши магистерски студии во Прага, посветувајќи се на теоретски истражувања на деконструктивистичката и фракталната школа во архитектурата (сé уште актуелна, со нејзините главни претставници Заха Хадид, Питер Ајзенман, Бернард Чуми, Рем Колхаас, Даниел Либескинд и славниот Френк Гери). Дури и магистерската теза и’ беше посветена на деконструктивистичката теорија на фрагментот во уметноста и архитектурата, а во рамките на курсевите по историја на уметност и по анализа на стилови го предава барокот како историски правец и стил во сликарството, скулптурата и архитектурата.

Слики:William Kentridge

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото