Уметникот замина, уметноста остана: Пред и после љубовта, Арсен ќе биде со вас

19.08.2015 14:06
Уметникот замина, уметноста остана: Пред и после љубовта, Арсен ќе биде со вас

Sa ovim mojim licem stranca
Bez gospodara i bez lanca
Vama sam čudan bio ja,
Sa ovim očima ko more
Koje i sanjaju i gore,
Sa ovim očima bez sna,
Napola pirat, napol' artista,
I vagabund i flautista
Koji ukrade koliko da,
S usnama koje piju sve,
Vina i vode otrovne,
I nikad neće reći ne.

(Stranac, 1985)

 

Во ред е да тагуваме, но не и да очајуваме, бидејќи во Арсен и со Арсен можеме само да уживамe. Без сомнение, тој ќе ги надживее нашите деца и децата на нашите деца.

Стигна веста која никој не сакаше да ја чуе: почина Арсен Дедиќ. Во врска со оваа вест, минатата ноќ, од една жена се слушна ваков коментар: „Поетите заминуваат, љубов има сè помалку“. Убаво кажано, но сепак ни се чини како да не била во право. Арсен останува со нас на тој фронт, каде што љубовта секојдневно се брани и освојува.

Од нас зависи колку љубов ќе има, а Арсен тука останува незаменлив помагач. Помислете само на тоа колку луѓе минатата ноќ кога се рашири веста за неговото заминување, почувствувале потреба да го слушнат неговиот магичен глас.

Колкумина од нив за неколку години ќе почувствуваат потреба некому да му го пуштат Арсен во најделикатни моменти, кога битката која ја споменуваме се губи и кога сè e препуштено на одлуката дали во неа двајцата ќе победат или ќе изгубат.

Арсен Дедиќ си замина, но бидете сигурни дека редовно ќе навраќа. И кога шансите на секогаш живата прва линија на одбрана, измама и напад нема да бидат најдобри, Арсен ќе најде решение. И кога приликите нема да бидат најдобри, вие свртете ги нештата наопаку и прошепотете ги неговите стихови: „Nikada više ljubavnih pjesama moja mala / zadovoljavat ćeš se starima. / Nikada nećemo ni pokušati / odškrinuti crnu knjigu mora; / povući ćemo jedino crtu i ispod nje šutjeti, šutjeti do kraja“. Изговорете или запејте неколку стихови на Арсен и надевајте се на најдоброто, а ако најдоброто не се случи – немате причина да очајувате.

Нема да биде потребно многу време за да ви се укаже прилика за нова битка. А тогаш, повторно нечии очи и повторно Арсен, можеби со мирис на море и вкус на сол или тоа можеби сепак ќе биде некоја свечена прилика, додека сте во вечерен костuм и опкружени со погледи, додека, „ruši se zeleni autobus tjeran jesenjim vjetrom / Kao list niz jednu beogradsku padinu“.

Пред и после љубовта Арсен ќе биде со вас, но никогаш немојте да заборавите на неговото предупредување: „Сите песни слушајте ги на сопствена одговорност“. Ете, во горенаведеното и самиот автор бара утеха, додека се присетуваме на разговорот кој го водевме во јануари оваа година. Во тој разговор Арсен рече дека полека ја привршува својата приказна.

„Токму сега пишувам една песна, секогаш вака скицирам и правам белешки. Песната ќе се вика „Пустината расте“, бидејќи сите најдобри луѓе околу мене заминуваат. Го нема повеќе Мато Дошен, Никица Калоѓера, Ендриго, Булат Окуџава. Кога бев во Словенија, во Љубљана на еден концерт по повод педесет години од појавата на словенските поп композиции, гледам го нема Прившек, го нема Ријавц, Мајда Сепе, ја нема Маријана Держај, ја нема ни Кора Поточник, мојата љубов на која ѝ напишав поема. Тоа е онаа која се љубеше како да мора – Поточник Кора. Имав чувство како да сум дошол во пустина и сега пишувам песна за таа пустина. Денес-утре ќе ја завршам“, рече тој.

Не знаеме што се случило со песната, најискрено се надеваме дека е завршена. Но, можеме да насетиме како се чувствувал додека ја пишувал, бидејќи вечерва, додека сè уште кружат првите впечатоци откако е јавено дека си замина големиот уметник, ни се чини како Арсен сите нас да нè сместил во средиштето на таа своја пустина. Ни се чини како да нè оставил на милост и немилост на аматерите и воените профитери на кои тој преупредуваше: „Dolaze ratni profiteri / kupuju srce, kupuju krv, / nadiru strašni amateri - / u trulom voću truli crv.... “ Со Арсен нашето овошје ни се чинеше помалку труло и поподносливо.

Арсен Дедиќ си замина. Си замина голем, еден од најголемите хрватски уметници. Во ред е да тагуваме, но не и да очајуваме. Како што рековме, утеха секако може да се најде во фактот дека сме живееле како негови современици и дека во Арсен и со Арсен можеме да уживаме кога и да посакаме, бидејќи тој несомнено, ќе ги надживее нашите деца и децата на нашите деца. И не само што сите нас ќе нè надживее, туку заедно со нас ќе продолжи да љуби.

Уметникот си замина, неговата уметност остана. На крајот, ни останува да го изразиме најдлабокото сочувство на неговото семејство и за момент да замолчиме со нив, да спорелиме миг тишина со една Инес од Милано, со сите оние кои Арсен ги сакал и кои ја имале привилегијата одблиску да го сакаат.

 

Извор: www.novilist.hr