Несреќите во уметноста

18.03.2010 13:51
met_picasso.jpg

Искинат Пикасо

На 22 јануари 2009 г. една наставничка, која на своето одделение му одржувала час по уметност во музејот Метрополитен во Њујорк, несакајќи се препнала и паднала врз сликата „Актер“ од Пабло Пикасо која е стара 105 години, предизвикувајќи расцепеност на платното од 15 см. Колку за илустрација на настанатата штета, сликата е проценета на 130 милиони долари. Сепак, од музејот тврдат дека може да се поправи.

 

Несреќен уметник

Британската уметничка Трејси Емин имаше низа несреќи. Во Галеријата за модерна уметност во Единбург, нејзиниот „Автопортрет: Бањање“ – едно неонско светло обвиткано со бодликава жица – предизвика штета од речиси 2000 долари кога дел од жицата се закачи за скапото одело на еден од посетителите. Друго нејзино дело, „Чувствувајќи се бремена III“, беше оштетено од истата галерија кога еден посетител се забоде во платното. Во Националната галерија на Шкотска, делото на Емин „Мојот вујко Колин“ беше оштетено од вработените. Подоцна беше поправено. Во мај 2004 г. пожарот во нејзиното студио уништи поголем дел од нејзините дела.

Не го фрлај тоа

Делата на германскиот уметник Густав Мерцгер се ѓубре – буквално. Во 2004 г. инсталацијата од овој уметник Recreation of First Public Demonstration of Auto-Destructive Art беше изложена во Тејт галеријата кога еден од вработените во музејот случајно фрли дел од неа. Впрочем, од каде да знаел дека пластичната ќеса со ѓубре која била ставена до инсталацијата всушност била дел од истата? Подоцна вреќата била вратена, но била премногу оштетена за да биде повторно изложена, па Мерцгер ја заменил со нова.

Мерцгер не е единствениот уметник чие дело било погрешно сфатено како ѓубре. Во 2001, купот пивски шишиња, пепелници и шолји за кафе на Демиен Хирст (кои требало да го претставуваат животот на еден уметник) биле исчистени од чистачот на Ајсторм галеријата во Лондон. Во 1980 г., пак, валканата када на Јозеф Беујс била исчистена од некој педантен вработен во галеријата кој најверојатно се прашувал зошто некој би се бањал во валкана када среде изложбен простор.

Сопнување и паѓање... во кинески вазни

Еден случај на несмасност довел до штета од 800 000 долари кога во 2006 некој човек се сопнал во Fitzwilliam музејот во Кембриџ и паднал по централните скалила, судирајќи се со кинески вази стари 300 години, по што тие, нормално, се скршиле. Големите украсни вазни потекнувале од Кјинг династијата од 17-от век и претставувале едни од највредните дела на музејот. Човекот поминал без повреди, а на музејските власти им биле потребни шест месеци за повторно да ги состават вазните кои сега повторно се изложени – но во специјални стаклени витрини.

Несреќа? Навистина?

Во 2000 г. една слика на внукот на Сигмунд Фројд, Лучијан Фројд, која била проценета на 157 000 долари, била несреќно уништена откако вработените во аукциската куќа Сотби по грешка, мислејќи дека кутијата во која се наоѓала е празна, ја ставиле во машина за уништување картонски кутии.

Бесот на Моне поради перфекционизам

Делото веќе било фалено од критичарите и пријателите. И требало да биде изложено. Изложбата, закажана за мај 1908, требала да ги прикаже најновите дела на познатиот сликар Клод Моне, плодови на неговиот тригодишен труд. Меѓутоа, кога францускиот уметник за последен пат ги разгледал сликите, проценил дека тие не се доволно добри. И покрај протестите, 68-годишниот Моне им се доближил на сликите – вредни 100 000 долари во тоа време – со нож и сликарска четка, и ги уништил до непрепознавање. Тој настан предизвикал етички дискусии: дали уметникот има право да ги уништи своите дела? Барем еден стручњак го поддржал, велејќи дека „штета е што и некои други сликари не го направиле истото“.


Ноќна стража

Групниот портрет на Амстердамската милиција од 1642 г. на Рембрант е една од најпопуларните слики во музејот Rijksmuseum во Амстердам, привлекувајќи околу 4-5000 посетители дневно. Во раните 1900-ти, еден невработен готвач се обидел со нож да го исече платното – без очигледна причина – но не успеал да го пробие. Во 1975, еден лудак кој се вратил во музејот, откако претходниот ден бил вратен поради тоа што дошол по завршувањето на работното време, за одмазда со нож нанел цик-цак линија врз сликата. Делото било реставрирано, но остатоците од линијата сè уште се видливи. Во 1990 г., пак, ментално болен Германец фрлил киселина врз истата слика, но благодарение на брзото реагирање на чуварите, киселината продрела само преку горниот слој на делото. Сликата повторно била реставрирана. Се работи за „Ноќна стража“, дело проценето на 925 000 долари.

Скап лакт

Есента 2006, сопственикот на казина Стив Вин се согласил да ја продаде сликата на Пикасо од 1932 г. „Le Rêve“ на љубителот на уметноста и колекционерот Стив Кохен за неверојатни 139 милиони долари. Но само два дена по склучувањето на договорот, Вин, кој страдал од проблеми со видот, при движење, не сакајќи го пробил платното со својот лакт, оставајќи дупче во него.
Сликата била поправена, а по оваа случка, цената и’ се намалила на „само“ 85 милиони.

 

Скулптурата Пиета на Микеланџело

Оваа скулпура е една од најпознатите религиозни скулптури на сите времиња, и ја претставува Дева Марија која го држи безживотното тело на Исус во рацете. Микеланџело ја создал 1499 г. на 24-годишна возраст и е единствената скулптура што ја потпишал.

Во 1972 г. Ласло Тот, 33-годишен Австриец со унгарско потекло, се прекачил преку заштитната решетка во базиликата Св. Петар и викајќи „Јас сум Исус Христос!“, замавнал со чеканот што го носел, искршувајќи ги главата, вратот и дел од рамениците на скулпурата. Исто така ги искршил и прстите од нејзината лева рака. Ватиканските службеници повратиле околу 50 парчиња од скршениот мермер, но добар дел од парчињата завршиле во рацете на туристите. Поправената скулптура сега се наоѓа застаклена со стакло отпорно на куршуми, додека Тот се наоѓа, исто така „застаклен“, во душевна болница.

Не е скршено, тоа е уметност

Понекогаш е тешко да се прави разлика меѓу несреќната случка и уметноста. Таква лекција барем научи еден посетител на Кралската академија во Лондон кога се сопна од 2,7 метри високата ќерамичка скулптура во 2008 г., на изложбата на костариканската уметничка Татјана Ечевери Фернандез. Имено, многумина од посетителите подоцна помислиле дека стотиците скршени парчиња се дел од изложбата и почнале да ги фотографираат парчињата.


Извор: time.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото