Клуб 22: Македонија меѓу презадолжените земји на кои им се заканува банкрот

20.08.2015 11:13
Клуб 22: Македонија меѓу презадолжените земји на кои им се заканува банкрот

Според истражувањето на организацијата Jubilee Debt Campaign за состојбата на светската економија, Македонија се наоѓа во групата на 22 најзадолжени земји, на кои им се заканува банкрот. Клучните тези на истражувањето на Jubilee Debt Campaign, меѓу другото, се дека глобалното ниво на задолженост е во голем пораст, откако падна од 2008 до 2011 година. Вкупното ниво на јавниот и приватниот долг од 2011 до 2014 пораснало за 2,5 илјади милијарди долари и оваа година би можело да достигне 14,7 илјади милијарди. Вкупниот нето долг на земјите должнички за четири години пораснал за околу 30 отсто. Во светот се случува кредитен бум во земјите со ниски примања на граѓаните, кој го поттикнува растот, но не ја намалува сиромаштијата и нееднаквоста. За 22 земји веќе може да се рече дека се во сериозна должничка криза, а наскоро во оваа група можат да се најдат уште 71 земја, тврдат од Jubilee Debt Campaign.

Оваа организација ја смести Македонија во првата категорија земји, односно во оние кои веќе се во сериозна должничка криза. Таквите земји ги карактеризира високо ниво на државни долгови и висок нето надворешен долг. Во оваа група има земји од Европа, централна Америка, Карибите, средниот исток и северна Африка. На земјите кои се во опасност можат да се додадат и оние кои веќе се во банкрот - Судан и Зимбабве.

Неславниот „клуб 22“

Во друштво на Македонија, во непопуларниот „клуб 22“ се наоѓаат и Белизе, Ерменија, Костарика, Хрватска, Кипар, Доминиканска Република, Ел Салвадор, Гамбија, Грција, Гренада, Ирска, Јамајка, Црна Гора, Шпанија, Португалија, Шри Ланка, Свети Винцент и Гренадини, Тунис и Украина.

Аналитичарот Мајкл Снајдер предупреди дека планетарниот однос на долгот кон БДП во моментов е на рекордно ниво од 286 отсто. Понатаму, секој човек кој живее на земјата, секој маж, жена и дете, должат околу 28.000 долари. Бидејќи околу половина од светската популација живее со примања помаи од 10 долари дневно, станува збор за страотен товар од долгови.

Очигледно е дека бројот на земји со финансиски проблеми од најлош вид се зголемува во изборната година, кога политичарите ја олабавуваат контролата на јавните трошења.

Извор: Jutarnji list
Слика: Рајан Јоргенсен