Едниот во другиот пронашле огледало (Златната бележница 6)

20.08.2015 12:08
Едниот во другиот пронашле огледало (Златната бележница 6)

Едниот во другиот пронашле огледало

Маж и жена, искусни во сексот, се гордеат со тоа, ретко кога среќаваат некого што им е еднаков според тоа искуство. Одеднаш чувствуваат меѓусебно гадење и тоа чувство, кога подлабоко ќе го разгледаат (бидејќи тие се одлични самонабљудувачи), се претвора во гадење спрема себеси. Едниот во другиот пронашле огледало, добро се погледнале, направиле гримаса и се разотишле. Кога повторно ќе се сретнат, се препознаваат со иронија, по таа основа стануваат добри пријатели, а по некое време ироничното пријателство се претвора во љубов. Но љубовта за нив е непристапна, поради првото соголено искуство, без емоции.

Една жена решава да биде слободна

Новела или краток роман, комично и иронично: Една жена, згрозена од леснотијата со која му се потчинува на секој маж, решава да биде слободна. Свесно има двајца љубовници, секоја ноќ наизменично спие со едниот од нив ‒ моментот на слобода настанува кога е таа способна да рече дека подеднакво ужива со секој од нив. Двајцата мажи инстинктивно се свесни за постоењето на оној другиот; едниот од нив, од љубомора, длабоко се вљубува во неа; другиот се лади, станува претпазлив. Наспроти својата решеност, таа неволно се вљубува во првиот маж; спрема другиот се лади. Иако очајува бидејќи, како и обично, одново е „неслободна“, таа на обата мажи им предочува дека станала сосема еманципирана, дека конечно, со нив едновремено, го остварила идеалот на полното сексуално и емоционално задоволство. Студениот и претпазлив маж тоа го слуша со љубопитност, тој има непристрасни и умни забелешки за женската еманципација. Мажот во кого е вљубена, е повреден, вџашен, и ја остава. Таа останува со мажот кого што не го сака и кој нејзе не ја сака, со него води интелигентни разговори, полни со психолошки согледби.

Еве ти, тоа го бараше, сакаше да бидам таква!

Ела во себе ја пронаоѓа следнава приказна: за жена, сакана од маж, кој во текот на целата повеќегодишна врска ја критикува дека не му е верна, поради нејзиниот копнеж по друштвениот живот (кој неговата љубомора ѝ го ускратува) и поради „кариеризмот“. А таа во текот на петте години на врската не ни погледнала друг маж, ниту одела по забави, и ја занемарила кариерата. Штом тој ја оставил, таа станува сето она што тој ѝ го префрлал. Станува промискуитетна, оди од забава на забава, бескрупулозно гради кариера, поради која ги жртвува и мажите и пријателките. Поентата на приказната е во тоа дека тој ја создал таа нова личност, и дека сè што таа прави ‒ половите односи, перфидните постапки поради кариерата итн. ‒ е проникнато со осветничката мисла: Еве ти, тоа го бараше, сакаше да бидам таква. Кога по некое време пак се сретнала со него, кога нејзината личност веќе се сталожила, тој одново се вљубува во неа. Тој цело време од неа тоа и го сакал; ја оставил зашто била тивка, попустлива и верна. Но сега, кога повторно се вљубил, таа го отфрла со презир и горчина ‒ тоа што таа е сега не е она што е таа „стварно“. Тој го отфрлил нејзиното „стварно“ битие. Се откажал од вистинската љубов, а сега се заљубил во фалсификат. Таа го отфрла за да го сочува своето вистинско битие, коешто тој го изневерил и отфрлил.

Ела не ја пишува таа приказна. Се плаши дека таа, во текот на пишувањето, би можела да стане вистинита.

Најсилната од сите спојки: невротичното нанесување болка

Го согледувам она што требаше да го знам и пред да дојдам: дека врските помеѓу Нелсон и неговата сопруга се премногу блиски и огорчени, и дека такви ќе останат до крајот на животот. Врзани се со најсилната од сите спојки: со невротичното нанесување болка, со искуството на болка што се дава и прима, со болката како аспект на љубовта, кој се прифаќа како сознание што е светот, што значи да бидеш возрасен.

Нелсон има намера да ја напушти жената; никогаш тој нема да ја напушти. Таа ќе се жали дека е отфрлена и напуштена; не знае дека никогаш нема да биде отфрлена.

„Жена ми е најдобра на светот, но не е баш возбудлива за приказна“

Седејќи на креветот на Ела тој ја врзува краватата и ги обува чевлите. Полн е со задоволство; лицето му е без бори, искрено момчешко лице. „Имам доста среќа кај мојата стара“, продолжува тој; но Ела сега ја насетува кај него огорченоста и знае дека пригодава, тоа што спиеше со него, ќе биде лукаво употребена како средство тој уште повеќе да ја оцрни жена си. Блеска од задоволство, но не поради уживањето во љубовта, туку зашто самиот нешто си докажал. Се поздравува со Ела со зборовите: „Е па, сега назад во рудникот. Жена ми е најдобра на светот, но не е баш возбудлива за приказна.“ Ела се воздржува да не му рече дека жена со три мали деца, заточена во куќа во предградие, со телевизорот како единствена забава, навистина нема ништо возбудливо за раскажување. Вџашена е од длабочината на сопствената огорченост. Знае дека неговата жена, која го чека некаде на другиот крај од Лондон, штом тој ќе влезе во спалната соба, според неговата самозадоволна става, ќе знае дека спиел со друга жена.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Фотографии: Diane Arbus
Избор и превод: П. В.