Договор за секс

21.08.2015 11:13
Договор за секс

Американските универзитети делат „вреќички за согласност“:
Внатре има кондом, пеперминт, пенкало и договор за секс.

Дали се сеќавате на Ема Сулковиц, девојката која на одбраната на својот дипломски труд на универзитетот „Колумбија“ со себе донесе душек?

Оваа девојка душекот го носеше со себе неколку години каде и да одеше. Тоа е душекот на кој е силувана, а сторителот е нејзин колега од факултетот. Го среќавала секој ден одново преживувајќи ја траумата. „Carry that weight“ е насловот на нејзиниот дипломски труд. Затоа го носеше тој душек – секојдневно потсетувајќи ја својата околина на она што се случило.

Нејзиниот колега за силување го пријавиле уште три жени. Нивните обвинувања биле отфрлени. Постојат уште многу девојки како Ема во универзитетите во поголемиот дел од Америка, но тие ги сокриле своите душеци и настојуваат да не мислат на тоа што се случило.

Податоците се поразителни: секоја петта жена е жртва на сексуален напад во текот на студиите. И токму тие алармантни податоци ја поттикнале тамошната администрација да се бори против тој вид на насилство врз жените. Покрената е кампања за запознавање на јавноста со проблемот, со цел да се прекине премолчената толеранција на силување.

Ема многупати истакнала дека нејзиниот силувач веројатно не е казнет само за да не се случи универзитетот да го изгуби угледот. Токму поради тоа Калифорнија донесе закон со необично име „Да значи да“. Словото на законот е многу строго: сексуалните партнери мораат да дадат експлицитна, свесна и доброволна согласност пред да одат во кревет заедно.
Логиката која стои зад законот е јасна: експлицитна согласност не може да даде некој кој е поспан, несвесен, под дејство на дрога, алкохол или лекови. Но, тој закон е далеку од стварноста, во која многу често алкохолот и попатниот секс кај студентите одат заедно.

Американската идеја делува необично во стварноста: парот кој ќе одлучи да има сексуален однос со себе треба да носи „вреќичка за согласност“. Таа содржи договор за согласност на сексуален однос, пенкало за потпишување на договорот, пеперминт и кондом. Луѓето кои ќе одлучат да се впуштат во сексуални односи, според тоа, најпрво седнуваат, потпишуваат договор, го земаат пеперминтот и потоа го употребуваат кондомот. Тие торбички се достапни во универзитетите во дел од земјата.

Проектот го осмислил Алисон Берке, кој изјавил дека досега биле поделени повеќе од илјада вреќички на студентите. Една таква ќесичка чини 1, 99 долари. Сега ситуацијата станува бизарна: луѓето кои ќе одлучат да имаат сексуален однос ќе бидат поттикнати да потпишат договор и да се фотографираат држејќи го во раце. Зошто, за спомен?

„Не очекуваме од луѓето тој договор да го користат како правен документ, но користењето на вреќичките е добар начин да се започне разговор, зар не?“, смета Берке.
Не знаеме како тоа тој го замислил, но зарем навистина можеме да замислиме како на пример ѝ приоѓаме на некоја згодна девојка на студентска забава и првата реченица не е она глупавото: „Добра забава, а ?“, туку „Еј, јас имам вреќичка за согласност, во неа има кондом, зарем не е тоа забавно?“. Не, не е.

Сите се свесни дека многу од работите тргнуваат наопаку кога во едно општество е потребно да се потпише таков договор. Во Америка многу се расправало околу тоа – јасно е дека нешто треба да се преземе, но зарем предложеното решение не е бизарно? Постои и уште една можност: апликацијата со име good2go. Оние двајца кои ќе одлучат да имаат сексуален однос ја симнуваат таа апликација и потоа се снимаат како даваат согласност за сексуален однос. Постои уште една апликација која се вика We-Consent. Идните сексуални партнери вклучуваат камера, го изговараат своето име и презиме и велат „да“. Тогаш апликацијата им одговара: „Потврдено, забавувајте се“.

Многумина сметаат дека предложените решенија се лоши. Еден од најгласните противници е Дејв Леулинс од Оксфорд кој вели дека идејата за потпишување договор е смешна.

„Можам да замислам некој фрустриран дечко кој вели: „човече, не сум сигурен дали ова треба да го правам, па најдобро е од неа да побарам да потпише договор. Потребно е да се слуша партнерот и на тој начин да се осигураш дека другата страна се чувствува добро во текот на сексот и дека го сака тоа“, истакнува Леулинс.

Тој своите студенти ги поттикнува на тоа кон сексот да пристапуваат поразлично и поодговорно. Впуштањето во сексуален однос со оној кому се допаѓаш и кој тебе ти се допаѓа, обично не доведува до проблеми“, вели тој. Тој предупредува на еден важен проблем: двете страни можат да потпишат договор, но потоа во текот на односот може да дојде до некој проблем, поради кој едната страна ќе каже не. Ако другата страна не ја послуша, станува збор за несакано продолжение на половиот однос.

Податоците за Велика Британија исто така се поразителни – една од три жени на универзитетите вели дека во текот на образованието на некој начин била сексуално вознемирувана. Поради тоа Оксфорд и Кембриџ сега во текот на воведните предавања за бруцоши редовно држат предавања за насилството кон жените.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото